Македонија
Спасовски: Борбата против трговијата со оружје е издигната на ниво на стратешки приоритет
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски учествуваше на седмиот Регионален координативен состанок за спроведување на Патоказот за одржливо решение за нелегалното поседување, злоупотреба и трговија со мало и лесно оружје во Западен Балкан до 2024. Спасовски се заблагодари на сите меѓународни организации за континуираната и несебична поддршка при спроведување на зацртаните цели од Патоказот и истакна дека проблемот со неконтролираното ширење на малото и лесно оружје во последниве години се искачи високо на меѓународната, регионалната и националната агенда.
„Сведоци сме дека пролиферацијата на малото и лесното оружје често пати е катализатор кој ги трансформира локализираните инциденти во глобални предизвици. За таа цел, од исклучителна важност се глобалните и националните активности, заедно со добро координирана национална и регионална соработка на сите агенции за спроведување на законот, во зајакнување на контролата за производство и трговија со оружје, градење стандарди за развој на ефективни системи за следење, размена на информации и транспарентност, споделување на најдобри пракси, како и подигање на јавната свест преку спроведување програми за промовирање и поддршка за намалување и контрола на оружјето во јавното образование”, потенцираше Спасовски.
„Борбата против недозволената трговија со оружје е издигната на ниво на стратешки приоритет на Министерството за внатрешни работи. Како резултат на плански и насочено интензивираните активности во оваа област, во 2021 година се постигнати особено значајни резултати кои се согледуваат во зголемениот број откриени кривични дела и зголемување на вкупните количини на заплени на оружје, муниција и распрскувачки материи, а позитивни резултати се постигнати и во делот на сузбивање на организираните облици кои се поврзани со недозволената трговија со оружје“, истакна Спасовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Осмомартовски марш во Скопје со порака „Нема да нè снема“
По повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената, Платформата за родова еднаквост повика на традиционален марш за женски права што ќе се одржи во Скопје.
Според соопштението, маршот ќе започне во 12:00 часот во паркот „Жена Борец“, а ќе заврши пред украдената биста на Вера Јоциќ, како симболичен чин на протест против, како што се наведува, „фактичкото и фигуративното бришење на жените во општеството“.
Организаторите посочуваат дека слоганот „Нема да нè снема“ ја изразува борбата на жените за опстанок и безбедност во систем кој, според нив, често не ги штити од насилство и ги остава на маргините на општеството. Се наведува дека женската работа често е невидлива, помалку платена и недоволно заштитена, а особено ранливи се жените што работат хонорарно, кои често немаат здравствено, социјално и пензиско осигурување.
Платформата за родова еднаквост посочува и на зголемен број случаи на родово базирано насилство и фемициди, нагласувајќи дека институционалните пропусти оставаат многу жени без заштита и правда.
Со маршот на 8 март, организаторите повикуваат граѓаните да се приклучат и заедно да испратат порака дека жените ќе продолжат да се борат за еднаквост, безбедност и достоинство.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.

