Македонија
Спасовски: За МВР клучна треба да биде безбедноста, а не да ги заморуваме граѓаните кој какви возила има
Техиничкиот премиер Оливер Спасовски на прес-конференција посочи дека очекува уште денеска да се реши проблемот што се создаде во МВР, откако техничкиот министер Наќе Чулев испрати телеграма со која ги укина наредбите на неговиот претходник, па се создаде хаос низ единиците во министерството. Спасовски смета дека за граѓаните не е важно кој какви возила вози, туку институциите да бидат функционални и да нема сериозни закани врз безбедноста.
„Треба да се внимава во МВР, бидејќи не смее да имаме сериозни закани врз безбедноста или тоа да го предизвикаат одредени постапки, па да се создаде нестабилна ситуација. Ако се создаде хаос, тоа ќе биде поради лични интереси. Очекувам недоразбирањата да бидат надминати. Недоволното познавање на тоа што се носи како одлука доведува до ваква ситуација. Не треба да ги заморуваме граѓаните со тоа кој какви возила има, туку напротив, тие треба да седнат, да разговараат и да ги решат прашањата. За нас е поважно да се одржи безбедноста. Сметам дека задачата што ја добил директорот на БЈБ, да ја согледа состојбата по телеграмата со која се укинаа сите наредби, што, пак, сметам дека не е најисправниот модел, ќе заврши уште денеска во МВР. Ова не е обезбедувањето од времето додека бев министер за внатрешни работи, тоа е зголемено според уредбите, но тие се луѓе кои јас ги избрав“, посочи Спасовски.
Тој посочи дека примарна задача на Владата е да обезбеди нормално функционирање на институциите и работите да имаат нормален тек, а сè надвор од тоа е слободно толкување на законите.
„Институциите треба да продолжат да функцинираат нормално и да испорачаат услуги на граѓаните. Ние знаеме дека примарна задача на оваа Влада е да продолжи функционирањето на институциите, а втората е да се организираат избори. Треба да има нормален тек на работите. Сè што е надвор од ова е самоволно толкување на законите“, кажа Спасовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

