Македонија
Спасовски и Гашиќ од Белград: Граничните полиции на двете земји даваат добри резултати
Mинистерот за внатрешни работи Оливер Спасовски за време на работниот престој во Белград, Република Србија, по повод учеството на 24. состанок на Комитетот на министрите на Конвенцијата за полициска соработка во Југоисточна Европа, чиј домаќин е Србија, оствари билатерална средба со својот српски колега, министерот за внатрешни работи на Република Србија, Братислав Гашиќ.
Двајцата соговорници се согласија дека оперативната и стратешката соработка е на исклучително високо ниво, со многубројни апсолвирани области на заедничко работење и со континуирана волја и подготвеност за нејзина надградба.
„Од аспект на нашата соработка на мултилатерално ниво, задоволство ми е да констатирам дека е евидентна нашата посветеност на регионалната соработка, што впрочем се согледува преку заедничкото дејствување и активност во сите регионални иницијативи и процеси. Во овој аспект би ја споменал и специјалната мерка, односно заедничката операција, функционална речиси од самиот почеток на миграциската криза, која заврши со распоредувањето припадници на постојаниот корпус на Европската гранична и крајбрежна стража во рамките на која српски полициски службеници заеднички работеа со македонските полициски службеници оставајќи личен печат на управувањето со миграциите и борбата против илегалната миграција“, рече Спасовски информирајќи го колегата Гашиќ за состојбите со управувањето со миграцијата и шверцувањето мигранти.
Гашиќ и Спасовски посочија дека ниту една земја сама не може да го реши проблемот со нерегуларната миграција и затоа е неопходно земјите да реагираат униформно за да се најде најдобриот одговор на овој предизвик.
На средбата беше констатирано дека мигрантите влегуваат и во Србија и во Северна Македонија од земјите на Европската Унија поради што е неопходно да се најде адекватно решение за нивно враќање во земјите на потекло.
Спасовски посочи дека заедничките патроли со членовите на Фронтекс даваат резултати и посочи дека во текот на оваа година во Северна Македонија е забележано намалување на нерегуларната миграција за дури 50 проценти.
Заедничките патроли на граничните полиции на двете земји даваат добри резултати, оценија Гашиќ и Спасовски, и договорија натамошни чекори кон унапредување на соработката во оваа област.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Осмомартовски марш во Скопје со порака „Нема да нè снема“
По повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената, Платформата за родова еднаквост повика на традиционален марш за женски права што ќе се одржи во Скопје.
Според соопштението, маршот ќе започне во 12:00 часот во паркот „Жена Борец“, а ќе заврши пред украдената биста на Вера Јоциќ, како симболичен чин на протест против, како што се наведува, „фактичкото и фигуративното бришење на жените во општеството“.
Организаторите посочуваат дека слоганот „Нема да нè снема“ ја изразува борбата на жените за опстанок и безбедност во систем кој, според нив, често не ги штити од насилство и ги остава на маргините на општеството. Се наведува дека женската работа често е невидлива, помалку платена и недоволно заштитена, а особено ранливи се жените што работат хонорарно, кои често немаат здравствено, социјално и пензиско осигурување.
Платформата за родова еднаквост посочува и на зголемен број случаи на родово базирано насилство и фемициди, нагласувајќи дека институционалните пропусти оставаат многу жени без заштита и правда.
Со маршот на 8 март, организаторите повикуваат граѓаните да се приклучат и заедно да испратат порака дека жените ќе продолжат да се борат за еднаквост, безбедност и достоинство.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.

