Македонија
Спасовски на министерски форум на ЕУ за борба против криминалот и илегалната миграција
Под покровителство на германското претседателство со Советот на ЕУ, министрите за правда и за внатрешни работи на Германија, заедно со делегација од Европската комисија, преку видеоконференциска врска денеска одржаа состанок со нивните колеги од земјите на Западен Балкан, а македонската страна ја претставуваше министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
Како што информираат од ресорното министерство, заедничките дискусии биле насочени на теми поврзани со миграцијата, ефективното гранично управување, заедничката борба против тероризмот и превенцијата од насилниот екстремизам, како и борбата против организираниот криминал.
Спасовски во своето обраќање изразил задоволство што и во овие вонредни околности предизвикани од пандемијата заедничката соработка продолжува.
„Во тој контекст, единствено преку размена на мислења и ставови можеме да креираме заеднички политики за справување со новите предизвици. Пандемијата можеби ја наруши можноста од директни средби, но нашата потреба од соработка во регионот и со нашите партнери од Европската Унија е поизразена од кога и да било претходно“, истакнал министерот.
На состанокот била изразена поддршка и за зголемувањето на регионалната размена на информации во регионот на Западен Балкан.
„Успешната борба против илегалната миграција и криумчарењето мигранти е најдобро рефлектирана во заедништвото и партнерството, кое на дневна основа го применуваат нашите полициски службеници со нивните колеги од земјите од регионот и ЕУ. Оттаму, во оваа пригода би сакал да изразам посебна благодарност до нашите партнери, кои и во овие тешки времиња ги испратија своите полициски службеници на нашата јужна граница за да можат заеднички, со колегите од Република Северна Македонија, да се справуваат со сериозните миграциски предизвици“, рекол Спасовски.
Во однос на тероризмот и насилниот екстремизам, претставниците од ЕУ го поздравиле напредокот постигнат од страна на земјите од Западен Балкан во исполнувањето на целите утврдени во заедничките акциски планови за борба против тероризмот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре сончево и релативно топло со мала до умерена локална облачност и температура до 20 степени
Утре, сончево и релативно топло со мала до умерена локална облачност. По одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 14 до 20 степени.
Во Скопје, ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Во делови од котлината ќе има услови за појава на утринска магла. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 19 степени.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност. Во утринските часови по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла. Во четврток се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, особено во попладневните часови и во текот на ноќта.
Македонија
Тошковски – Хани: Зајакнување на антикорупциските механизми и унапредување на регионалната соработка
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска оствари работна средба со директорот на Секретаријатот на Регионалната антикорупциска иницијатива (РАИ), Алберт Хани, на која беа разгледани можностите за продлабочување на соработката во насока на зајакнување на институционалните капацитети за спречување на корупцијата.
Во фокусот на разговорите беа обуките за изработка на Национална проценка на ризик од корупција и антикорупциската проверка на законодавството во областа на внатрешните работи, при што беше истакната активната улога на Македонија како потписничка на Меѓународниот договор за размена на податоци за проверка на изјавите за имотна состојба. На средбата беше нагласено дека нашата држава претставува водечки пример и референтна точка за земјите кои сè уште не пристапиле кон овој механизам.
Тошковски ја потенцираше важноста од системски пристап во детектирањето и намалувањето на ризиците од корупција во безбедносниот сектор, како и значењето на регионалната соработка и размената на искуства.
„Борбата против корупцијата е еден од нашите врвни приоритети. Преку зајакнување на интегритетот на институциите, унапредување на законодавната рамка и користење на современи механизми за проценка на ризици, создаваме систем во кој корупцијата станува сè потешка, поскапа и неисплатлива. Поддршката и експертизата на РАИ во овој процес имаат значајна улога, а Министерството за внатрешни работи останува силно посветено на развој на ефикасни и одржливи антикорупциски политики“, истакна Тошковски.
На средбата беа разгледани и конкретни можности за идна соработка преку заеднички активности, обуки и проекти насочени кон јакнење на превентивните и репресивните механизми во справувањето со корупцијата.
Македонија
Наредена ексхумација на уште една жена, можна жртва на 25- годишникот од Малотино осомничен за сериски убиства
Во наредните денови ќе биде направена уште една ексхумација на жена за која постојат сомневања дека е жртва на 25-годишниот овчар Трајко Бојковски од селото малотино, Старо Нагоричане, осомничен дека е серириски убиец. Обвинителството ја прошири истрагата за уште едно кривично дело – убиство, за кое е предвидена казна доживотен затвор, извести денес обвинителот Љубомир Лапе.
Обвинителството веќе обезбеди докази за две убиства и еден обид за убиство со ДНК анализи кои посочуваат кон 25-годишникот, кој е во притвор. Сите жртви се од истиот регион и според Обвинителството, нема докази за сексуално насилство. Дадени се наредби за психијатриско вештачење на осомничениот и сè уште не е утврден мотивот за убиствата.
За расчистување на случајот дадени се наредби на МВР да ги извади сите можни пријави, поплаки, телефонски јавувања, очевидци за настаните поврзани со осомничениот кој од СВР Куманово веќе има кривична пријава за две тешки кражби.
Кумановската обвинителка Теута Рамдани потсети дека истрагата за Бојковски почна по пријава од 83- годишна жена која успеала да преживее напад од осомничениот.

