Македонија
Спасовски на Форум на министри во Подгорица
„Регионот на учесничките на МАРРИ е регион чувствителен по многу прашања – Западен Балкан, дел од Европа, но сè уште не и дел од Европската Унија. Регионалната иницијатива за миграција, азил и бегалци (МАРРИ) со својата постојана канцеларија во Скопје постои и фунционира повеќе од 17 години. Години во кои покажавме дека можеме да комуницираме меѓу нас, дека можеме да соработуваме и преку конструктивна дискусија да носиме одлуки корисни за регионот“.
Ова меѓу другото го истакна министерот Оливер Спасовски во своето прво обраќање на денешниот МАРРИ Форум на министрите за внатрешни работи на земјите членки на оваа Регионална иницијатива за миграција, азил и бегалци што се одржа во Подгорица, Црна Гора.
Потенцирајќи дека МАРРИ бездруго е докажана успешна регионална приказна, успешен регионален проект кој успеа да опстои и покрај многуте премрежја, вклучително и актуелните со пандемијата од Ковид-19, министерот Спасовски нагласи дека Република Северна Македонија останува посветена на оваа иницијатива.
„Нашата посветеност ја темелиме врз фактот дека МАРРИ како регионален субјект и денес му е многу потребен на регионот. Релевантноста на МАРРИ и денес е многу актуелна, бидејќи како основна тема за работа ја има миграцијата која сама по себе е постојана. Не постои друг општествен процес кој има подолга историја, а примерите од последните неколку години, па и тие од периодот на пандемијата, покажаа дека овој процес не може да биде прекинат“, истакна Спасовски.
Со оглед дека Република Северна Македонија и формално го презеде претседавањето со МАРРИ иницијативата во наредниот едногодишен период, министерот Спасовски во своето повторно излагање на Форумот презентираше дел од проектите, идеите и иницијативите што се планираат како битни за време на македонското претседавање.
„Сериозно пристапивме на процесот на осмислување на приоритети на кои би сакале да се фокусираме во текот на нашето претседавање, приоритети на чие спроведување ќе работиме како претседавачи со Иницијативата и коишто претставуваат континуитет на претходните неколку циклуси на претседавања од останатите учеснички. Сметаме дека е многу важно на овој начин да се обезбеди одржливост на идеите преточени во конкретни активности, со што на нашите партнери и донатори им кажуваме дека можат да имаат доверба во МАРРИ, во регионот на Западен Балкан, а со тоа и во секоја од учесничките поединечно“, рече Спасовски.
Притоа тој нагласи дека најголем акцент ќе стави на финализирање на процесот на изготвување нова модерна МАРРИ стратегија за периодот 2021-2024 година, а во насока на демонстрирање капацитет за развивање среднорочни и долгорочни активности, компатибилни и флексибилни за адаптација на можните предизвици.
Според министерот Спасовски: „Дополнително, имајќи предвид дека во последните неколку години значително е зголемен обемот на работа на претставниците од одделите за азил, предвидовме организирање настани за претставување на најдобрите пракси од аспект на организациска поставеност на овие единици. Ќе го искористиме ова за присуство на претставници кои работат во полето на азилот во релевантни институции од земји членки на Европската Унија, со надеж дека некои од нивните искуства ќе бидат применливи и кај нас. Воедно, предвидовме серија активности посветени на продлабочување на соработката меѓу Регионалниот центар и членовите на МАРРИ Комитетот и МАРРИ координаторите, како и промоција на активностите до крајните корисници во администрациите на земјите учеснички. Понатаму, во фокус го ставаме и прашањето на соработката на нашиот регион со земјите на потекло на мигрантите кои ги користат илегалните рути за движење низ нашите територии, што е една тема која одамна се провлекува како потреба или горливо прашање на кое треба да му се најде одговор“.
Домаќинот на Форумот, министерот за внатрешни работи на Црна Гора, Сергеј Секуловиќ, во обраќањето пред присутните истакна: „Предизвиците кои се однесуваат на миграцијата, азилот и расселените лица, имајќи ја предвид глобалната безбедносна ситуација, сигурно нема да бидат помалку актуелни во времето кое доаѓа. Црна Гора е подготвена да ги вложи сите напори за да придонесе за создавање цврсти политички врски и односи помеѓу соседните држави за да може и на ова важно поле на дејствување да биде остварена целта која нè приближува до интеграциските вредности и стандарди. Во таа смисла, нашите регионални иницијативи, меѓу кои и МАРРИ, веќе подолго од деценија претставуваат прилика за јакнење на врските и заедничките вредности на патот кон ЕУ“.
Министерот Секуловиќ на крајот упати честитки до министерот Спасовски и Северна Македонија на преземањето на едногодишното претседавање со оваа иницијатива и порача: „Црна Гора секогаш ќе биде подготвена да продолжи со активниот придонес со цел афирмација на регионалната стабилност и забрзување на интегративните процеси“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Четириесет дена откако почина Панчо од „ДНК“, колегите од македонската сцена со трогателни пораки
Четириесет дена по смртта на Владимир Блажев, познат на јавноста како Панчо од хип-хоп дуото „ДНК“, социјалните мрежи повторно се исполнети со неговото име. Колегите, пријателите и неговите најблиски денеска споделија спомени, фотографии и емотивни пораки, покажувајќи колку силна празнина остави неговото заминување.
Една од најемотивните објави дојде од пејачката Ана Костадиновска, која долги години беше дел од придружните вокали на ДНК. Таа на Инстаграм сподели неколку заеднички моменти со Панчо, придружени со кратка, но искрена порака што допре многумина: „40 дена. Недостасуваш… Многу!“.
Фотoгрaфиите покажуваат сцени од настапи, патувања и задкулисни моменти – сведоштво за една силна професионална и пријателска врска.
Своја приказна сподели и Елена Ристеска. Таа објави стара фотографија од нивната прва успешна соработка, кога во 2016 година заедно освоија три награди на Македонскиот радиски фестивал – МАРС.
Пејачката Теа Трајковска, која исто така имала свои проекти со ДНК, сподели фотографија со Панчо, со кратка порака дека спомените вечно ќе останат живи.
Панчо, кој трагично ги загуби битките со тешките повреди по пожарот во дискотеката „Пулс“, останува силно присутен меѓу неговите колеги. Тој почина по тешка борба во болница со повредите кои ги доби во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Македонија
700 наместо 200 луѓе на концертот на Аца Лукас , СДСМ бара истрага и одговорност
СДСМ реагира поради приведувањето на српскиот пејач Аца Лукас, потенцирајќи дека на концертот имало преку 700 посетители во локал кој по закон не смее да прими ниту 200 лица. Според партијата, ова покажува дека и полицијата на Тошковски и општината на Митко Јанчев биле запознати со настанот, знаеле дека нема безбедносни услови за негово одржување, но не презеле ништо, дозволувајќи концертот да се случи, кој бил прекинат дури во текот на настанот.
Од СДСМ поставуваат повеќе прашања до надлежните: зошто настанот воопшто бил дозволен и биле пуштени 700 луѓе во ризик, зошто организаторите и сопственикот на локалот не се повикани на одговорност, дали дискотеката ги запазила сите прописи, и дали МВР не повторува ризични практики како во Кочани.
Според информации, полицијата го прекинала настанот дури после полноќ, во 00:10 часот, откако локалот со часови бил преполн.
СДСМ бара итна истрага и санкционирање на сите кои дозволиле да се одржи настанот, од МВР до организацијата, со повик до министерот Тошковски да излезе со одговорност.
Македонија
Владата ги отфрла тврдењата на опозицијата за наводна нетранспарентност околу ИПАРД
Владата категорично ги отфрла тврдењата на опозицијата за наводна нетранспарентност околу скандалот со ИПАРД програмата.
-Апсолутно го отфрлам ова тврдење дека се крие нешто во однос на таа постапка. Знаете дека сме максимално транспарентни, изјави на денешната прес-конференција портпаролката Марија Митева, одговарајќи на новинарски прашања.
Таа дополни дека очекува Министерството за земјоделство и сите надлежни институции, вклучително и судските органи кои постапуваат надвор од извршната власт, да ги дадат своите информации за состојбите.
Портпартолката на СДСМ Богданка Кузеска денеска на прес-конференција обвини дека „две недели по скандалот за ИПАРД, наместо да даде одговор на клучните прашања, министерот Цветан Трипуновски бега од одговорност, од вистината за суспензијата на парите а бега и од одговори“.
Средствата од ИПАРД 3 програмата (2021–2027) во Македонија се привремено суспендирани поради проблеми и сомнежи околу работењето на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, што предизвика прекин на исплатите како превентивна мерка за заштита на европските фондови.

