Македонија
Спасовски од Куманово: Ја исправивме децениската неправда кон стечајците
Носителот на листата за ИЕ2 на Коалицијата За европска иднина, Оливер Спасовски, денеска се обрати на прес конференција која се одржа во Куманово. „Време е за подобро и повеќе“ – порача Спасовски, додавајќи дека тоа практично значи имплементирање на европските стандарди во сите сегменти на живеење.
„Откако одговорно и државнички ја утврдивме визијата за иднината на нашата држава, од која нема откажување, го ставаме фокусот одново на граѓаните, а мерките и политиките кои ги испланиравме преставуваат одговор на нивните потреби и барања. Бидејќи секој еден е важен! И сите, без исклучок, под ова парче небо заслужуваат еднаква шанса за подобар живот! Сите сме свесни дека вистински промени може да се случат само со влез во европското семејство. Членството во ЕУ ни е потребно за да можеме побрзо и поефикасно да ги исправиме системските грешки правени низ годините наназад и да го подобриме квалитетот на животот“, рече Спасовски.
Тој појасни дека процесот на преговори со ЕУ ќе ги донесе европските вредности во сите сфери на општеството, а целта е да се изгради вистински хумано општество за сите, како продолжение и надградба на воспоставениот концепт „Едно општество за сите!“.
„За СДСМ социјалната правда била и останува врвен приоритет во политичкото и институционалното дејствување. Нам секогаш ни биле важни луѓето, наспроти стиропорните фасади, споменици и обнова на режимот на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа го покажавме и со законското решение со кое во изминатиот мандат го решивме деценискиот проблем на стечајците. Ја исправивме долгогодишната неправда која им беше нанесена на овие наши сограѓани. Тие претходно со години се соочуваа со мачни постапки, поминаа вистинска голгота талкајќи низ улиците во потрага по своите права. И цела деценија беа бесчувствително игнорирани и манипулирани од тогашните креатори на политики“, потсети Спасовски, истакнувајќи дека речиси 13.000 лица кои останале без работа поради стечај, ликвидација и како технолошки вишок во претпријатијата во доминантна сопственост на државата, добија соодветен месечен надоместок, односно право на материјално обезбедување, во висина од 34% од просечна плата по работник до пензионирање или до повторно вработување.
Имено, од 2017 година беа донесени неколку законски решенија за материјален надомест на стечајците, според најдобрите европски практики, кои постојано беа прилагодувани на нивните потреби.
„Нашата цел беше да им овозможиме на овие наши сограѓани достоинствен живот и притоа да опфатиме што е можно повеќе лица. И не само што успеавме во тоа, туку покажавме и дека наместо гол ПР и пропаганда, ние изнаоѓаме системски решенија за проблемите на граѓаните. СДСМ уште еднаш докажа дека е одговорна партија која континуирано се грижи за сите граѓани, го враќа достоинството и гради фер и праведно општество“, истакна Спасовски на прес конференцијата.
Тој додаде дека во изминатиов мандат солидарноста беше вградена во сите владини политики и мерки, а правичното општество ќе продолжи да се надградува и во текот на преговорите со ЕУ, преку неминовните реформи кои ќе обезбедат европски квалитет на живеење за сите граѓани и достоинствени услови за ранливите категории.
„Сега, кога исполнувањето на европскиот сон ни е на дофат на раката, нема откажување од иднината!“, порача Спасовски од Куманово.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се запали куќа во Битола, на терен се пожарникари
Денеска избил пожар во куќа во Битола, а на терен веднаш излегле пожарникарите од ТППЕ Битола.
„Примена дојава во 11:55ч. за запалена куќа на ул.Љубојно. ТППЕ Битола интервенираше со 1 возило и 5 пожарникари. Брзата и навремена интервенција спречи пожарот да го зафати целиот објект и соседните куќи“, велат од ТППЕ Битола.
Македонија
Мицкоски ги повика граѓанските организации да учествуваат во градењето на поквалитетен национален образовен систем
Премиерот на Република Северна Македонија Христијан Мицкоски во соработка со ИРИ, како дел од проектот за дијалог со граѓанските организации оддржа средба со повеќе невладини организации.
„Образованието е столб на општеството и затоа е поставено високо меѓу владините приоритети. Без квалитетно образование, нема ниту квалитетни доктори, наставници, економисти и така натаму. Одлучни сме да направиме крупни промени и го повикувам граѓанскиот сектор активно да учествува во креирањето и спроведувањето. Заедничка обврска е да создадеме подобри услови за едукација на младите, а со тоа и подобра иднина во сопствената земја.“
Ова е пораката која премиерот Христијан Мицкоски ја испрати до младинските организации кои беа дел од денешниот настан во рамки на дијалогот помеѓу Владата и граѓанскиот сектор на тема образование и младинско учество, што го организираше Меѓународниот републикански институт.
„Жал ми е што морам да констатирам дека образованието во минатото ни е значително опаднато. Секоја идеја е добредојдена и затоа ги организираме овие тематски дискусии со граѓанскиот сектор“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека Владата работи транспарентно и создава услови за услови за граѓанските организации уште поактивно да учествуваат во развојот на државата.
Повика да поддржат процес и заеднички да биде креирана стратегија за развој на државата, со временска рамка која ќе биде доволно голема, за како што рече, да можеме да трасираме пат и да оствариме резултати на тој пат по кој ќе одлучиме да се движиме.
За време на дебатата, дел од младинските организации изнесоа свои предлози за мерки, проекти и системски решенија со кои, како што рекоа, ќе се задржат младите во својата земја и тука ќе го градат и реализираат својот потенцијал.
Беа повикани и сите останати здруженија да достават свои иницијативи во одделението за соработка со граѓанскиот сектор при Владата, како и до надлежните министерства.
Обраќања имаа и министерката за образование и наука Весна Јаневска, министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани и министерот за локална самоуправа Златко Перински. Заеднички став е дека односите со граѓанскиот сектор се развиваат во добра насока и се очекува политиките кои се креираат преку меѓусебната соработка, да дадат позитивен исход.
Македонија
Фетаи повикува на создавање заеднички фронт против криминалот
Заменик претседателот на Владата задолжен за политики на добро владеење, Арбен Фетаи, денеска повика на создавање заеднички фронт против организираниот криминал и корупцијата. Зборувајќи на Стратешката работилница на меѓупартиска параламентарна група против корупција, организирана од НДИ во Скопје, Фетаи го повика Парламентот, граѓанското општество и меѓународните партнери да работат заедно со Владата за поуспешно справување со криминалот.
Тој рече дека реформската агенда, усвоена од Европската унија, е водилка во активностите на владата во борбата против криминалот и корупцијата. Во тој контекст, го спомна изготвувањето на Регистарот за евиденција на државниот имот и новата Стратегијаза јакнење на капацитетите за водење финансиски истраги и конфискација на имот за периодот 2024-2028
Стратегија за јакнење на капацитетите за водење финансиски истраги и конфискација на имот за периодот 2024-2028, кои треба да спречат злоупотреба на државниот имот и ефикасна конфискација на незаконски стекнат имот.
Зборувајќи за подобрувањето на транспарентоста на институциите, Фетаи најави брзи резултати во спроведување на Акцискиот план за транспаретност, изработка на веб страни за јавните институции и обука за персоналот за одржување на страниците. Според него, и измените на Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер одат во правец на зголемување на транспаретноста и отчетноста на институциите.
Фетаи истакна дека Владата е расположена активно дс го вклучи граѓанскиот сектор во процесот на донесување на одлуки. Како илустративен пример, го спомна именувањето на член од невладиниот сектор со право на глас во Меѓуресорското тело за координација на антикорциските активности.