Македонија
Спасовски: Подобро полициски час, отколку оптоварување на здравствениот систем
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, смета дека подобро е пократко време да има полициски час, отколку целосно да се оптовари здравствениот систем. За негативните реакции вели дека доаѓаат од граѓани кои ќе реагираат и ако не се воведат рестрикции и коронавирусот се распространи уште повеќе.
Според него, рестриктивните мерки се морални и се резултат на непочитувањето на мерките за заштита од вирусот.
„Ќе разговараме на Влада за одлуката и ќе видиме која ќе биде крајната одлука, габаритот, како и на кој начин ќе се реализира, но таа мора да се реализира и почитува, за сите заедно да си помогнеме. Подобро е пократко време да имаме рестриктивни мерки, отколку целосно оптоварување на здравствениот систем. Оние кои сега реагираат на носењето на рестриктивните мерки, истите тие ќе реагираат многу повеќе во моменти кога ќе дојдеме до широка заразеност на населението, можностите за лекување и така натаму“, посочи Спасовски.
Тој апелираше до граѓаните да носат маски и да не се групираат, со цел да се спречи ширење на заразата.
„Апелот да се почитуваат мерки за заштита од Ковид-19 е нешто што треба да го имаме сите предвид. Рестриктивните мерки не се популарни, но се неопходни за да можеме да го заштитиме населението, здравјето и животот на граѓаните. Има ли нешто потценето од здравјето и животот на граѓаните? Дали во моментите кога се носат вакви одлуки не мислите на починатите лица од Ковид-19? Дали кога седиме во кафеани, ресторани, правење домашни веселби, не размислуваме дека секој од нас е потенцијална опасност од ширење на вирусот? Одлуките кои мора да ги донесеме никој не ги посакува. Но, тие се резултат на нашето однесување. Ако не почитуваме, не носиме заштитна опрема, се групираме, правиме настани кои со сигурност значат ширење на вирусот, државата мора да реагира“, додаде Спасовски.
Инаку, Комисијата за заразни болести предложи воведување полициски час од 10 навечер до 5 наутро. Владата на седница треба да се произнесе дали мерката ќе биде воведена.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Храна со истечен рок, лоши хигиенски услови, недостиг на санитарни книшки затекнаа инспекторите во маркетите низ државата
Приближно четириесет илјади евра во денарска противвредност е вкупната вредност на 22 казни кои ги изрекоа инспекциските служби на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) на оператори со храна, во рамки на спроведените вонредни надзори во маркети и хипермаркети на целата територија на државава. Со акцијата која се спроведе од 13 до 16 јануари годинава, контролирани беа 188 оператори со храна од оваа категорија.
Кај 10 оператори, со контролите утврдени се полесни повреди од областа на безбедноста на храната (неселектираност на разладни уреди, нејасни и нечитки декларации на производите и слично), за што се изречени мерки опомена, а во 2 маркета констатирано е дека вработените лица немаат санитарни книшки.
Кај 6 од контролираните меркети утврдено е дека немаат имплементирано процедури за примена на правилата на Добра призводствена и Добра хигиенска пракса, а кај 14 маркети затекната била храна со изминат рок на траење.
Како небезбедени во рамки на оваа акција на Агенцијата, од операторите одземени и нештетно уништени се над 253 килограми храна (месо и преработки од месо, млечни, кондиторски и други видови производи).
Македонија
Променливо облачно време со врнежи од дожд и снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд и снег, а на повисоките места и на планините од слаб снег. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од североисточен правец.
Максималната температура ќе биде во интервал од 1 до 7 степени, јавува УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со слаб ветер од североисточен правец. Максималната температура ќе достигне до 6 степени.
Македонија
Намалена видливост поради магла кај Плетвар, Крушево, Стража
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено по претежно влажни коловози. Врнежи од снег на планинските премини Ѓавато и Буково без задржување на коловоз.
Намалена видливост до 50 метри и појава на магла на планинскиот премин Плетвар, Крушево до 50 м. Стража до 80м. и на патниот правец Тетово – с.Лисец до 80 м, јавува АМСМ во утринскиот извештај за состојбата на патиштата.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Патниот правец Охрид – Ресен преку националниот парк Галичица од 21 ноември е затворен за сообраќај за сите видови возила.

