Македонија
Спасовски: Полицијата има механизми и по дома да проверува дали се почитуваат мерките за Ковид-19
Полицијата има механизми и по дома да проверува дали се почитуваат предложените мерки за заштита од ширењето на корнавирусот, рече денеска министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
Тој не откри кои се механизмите и најави дека по седницата на Влада пред јавноста ќе бидат објаснети сите детали за мерките кои ќе бидат усвоени.
„Не би сакал да разговараме за мерки кои не се усвоени на Влада. На седницата ќе ги чуеме мерките и аргументите од здравствените власти. Граѓаните треба да знаат дека полицијата исклучиво ќе ги брани уставните одредби, а неповредливост на домот е уставна категорија. Тоа е светост и никој не може да го загрози, но ќе има механизми“, рече министерот Спасовски и нагласи дека и сега полицијата прави контроли во домовите каде што има потреба.
Спасовски смета дека во Комисијата за заразни болести не треба да има полицајци, иако тие го контролираат почитувањето на мерките, оти не се здравствени стручњаци.
„Апсолутно нема потреба ни јас ни кој било од полиција да биде дел од Комисијата. Што е тоа што ние ќе го понудиме? Комисијата е за науката, за стручните лица. Нивните предлози се разгледуваат на Влада кога сите министри, вклучително и јас, можеме да ги разгледаме и да дискутираме за нив пред да бидат усвоени“, рече министерот Спасовски.
Комисијата за заразни болести вчера на Владата ѝ предложи нови ограничувања за заштита од ширењето на коронавирусот. Меѓу нив се забрана на поголеми семејни собири, прослави и забави во домашни услови, а во едно живеалиште најмногу ќе можат да се примаат четворица гости, покрај лицата кои живеат таму. Ваквите забрани, министерот за здравство, Венко Филипче, објасни дека доаѓаат откако утврдиле дека сериозен број од новозаболените се од вакви собири.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) „Општината молчи додека ‘Зимзоленд’ незаконски работи“, велат од партијата Левица
„Недозволиво и крајно алармантно е што општинските власти и понатаму молчат, иако е утврдено дека објектот „Зимзоленд“ работи без соодветна дозвола. И покрај ова, објектот сè уште е отворен и секојдневно посетуван од деца и семејства, без никаква реакција од општинските власти“, велат од партијата Левица.
„Фактот што станува збор за објект наменет за најмладите ја прави состојбата уште посериозна. Наместо итна интервенција и постапување согласно законските обврски, општината избира молк и неактивност, со што директно се доведува во прашање безбедноста на граѓаните, особено на децата.
Законот мора да важи еднакво за сите, без исклучоци и привилегии. Секое одложување на постапката претставува преземање на ризик и префрлање на одговорноста, која во случај на несреќа нема да може да се избегне.
Бараме итна интервенција од надлежните служби и затворање на објектот сè додека не се обезбедат сите потребни дозволи и безбедносни услови. Молкот на општината во вакви случаи ја прави истата соучесник во криминалот“, се додава во соопштението на партијата Левица.
Македонија
Дел од Кисела Вода денеска без струја
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН Македонија АД, информира дека поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа, без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 09.00 до 11.00 часот корисниците на ул. 368 бр.3 (општина Кисела Вода)
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно влажни коловози. Намалена видливост поради појава на магла до 200 метри на патниот правец Тетово – Гостивар, Сарамзалино – Штип 100 метри, намалена видливост до 200 метри на патниот правец Куманово – Страцин.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

