Македонија
Спасовски со директорот на Центарот за соработка во областа на спроведување на законот на Југоисточна Европа – СЕЛЕК

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, во рамки на официјалната посета на Романија, оствари работна средба со директорот на Центарот за соработка во областа на спроведување на законот на Југоисточна Европа – СЕЛЕК, Огуз Серкант Акин, чие седиште е во Букурешт, а во кој покрај Северна Македонија и Романија, членуваат уште 10 други земји.
На средбата беше истакната значајноста на Центарот за спроведување на законот на Југоисточна Европа како оперативна организација која ја олеснува брзата размена на информации меѓу агенциите за спроведување на законот од земјите членки во областите на прекуграничен криминал. Од особена важност е тоа што СЕЛЕК ги става на едно место ресурсите од дванаесетте земји членки, за остварување на својата главна функција, односно борбата против организираниот и сериозен криминал во Југоисточна Европа и пошироко.
Спасовски упати изрази на целосна и безрезервна поддршка на МВР во активностите на СЕЛЕК како меѓународен партнер во делот на имплементација на повеќе проекти финансирани од страна на ЕУ, САД, Велика Британија, како и меѓународните организации ООН, Европол, Интерпол, УНДП, ИОМ и други, и изрази задоволство што како потврда за конструктивниот пристап е и фактот што Северна Македонија е присутна во раководството на СЕЛЕК со една директорска позиција.
Во таа насока, во периодот од 2020-2022 година, и покрај светската пандемија предизвикана од коронавирусот, надлежните служби во Министерството за внатрешни работи на Република Македонија со останатите земји членки на СЕЛЕК и другите партнери разменија над 4000 оперативни информации, одржаа повеќе од 40 оперативни состаноци, а отворени се повеќе од 25 заеднички истраги, при што реализирани се повеќе од 15 заеднички истраги, додека останатите се во процес на реализација. Притоа, за време на разговорите беше посочено дека најголем дел од разменетите оперативни информации се од областа на недозволената трговија со дрога, а потоа и илегалната миграција и трговија со луѓе, финансиски криминал, компјутерски криминал, потраги по лица итн.
Спасовски истакна дека токму како резултат на заедничката соработка меѓу Република Македонија и Република Турција, во заедничка истрага врз основа на податоци споделени токму преку каналот СЕЛЕК, кон крајот на 2021 и почетокот на 2022 година, беше реализирана заплена на 1 тон 105 килограми прекурсори на дрога, користени во производството на амфетамин-метамфетамин, чија вредност е проценета на повеќе од 50 милиони евра. Притоа, станува збор за најголема заплена на супстанца за производство на синтетичка дрога во регионот на Југоисточна Европа, како и најголема заплена реализирана досега во рамки на СЕЛЕК.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
СДСМ: Дебакл на мерките на Владата, синдикалната кошничка покачена 521 денар

За СДСМ мерките на Владата и економските политики на Мицкоски и ДПМНЕ се целосен дебакл.
Последните објавени податоци, според опозициската партија, покажуваат дека минималната синдикална кошничка за месец февруари е зголемена за 521 денари и достигна 63.773 денари.
„На едно четиричлено семејство му се потребни намјалки 64.000 денари месечно само за основните потреби, додека просечната плата во државата е значително пониска и стагнира.
Овие податоци јасно покажуваат дека владините мерки и економски политики се тотално промашени.
Граѓаните имаат се помалку пари во своите џебови и едвај врзуваат крај со крај.
Животниот стандард се влошува.
Наместо да обезбеди реални решенија и да го заштити животниот стандард на граѓаните, владата го остава народот сам да се бори со огромната скапотија“.
СДСМ бара итно преземање на следниве чекори: Укинување на ДДВ за храна. Намалување на ДДВ за струја на 5%. Примена на Законот за нефер трговски практики за намалување на цените до 30%.
Зголемување на минималната плата на 500 евра.
Потребно е, како што велат, усогласување на платите со растечките трошоци за живот, за да се обезбеди достоинствен живот за сите граѓани.
СДСМ, нагласуваат од оваа партија, останува посветен на борбата за подобар животен стандард и ќе продолжи да предлага конкретни решенија за надминување на економската криза.
Македонија
Невладиниот сектор стравува од влошување на состојбата на маргинализираните групи без помошта од УСАИД

Aнтиродовите движења почнуваат да добиваат институционална поддршка, a невладиниот сектор стравува дека состојбата дополнително ќе се влоши кога станува збор за човековите права на маргинализираните заедници, по одлуката на САД да го прекине финансирањето на УСАИД.
Славчо Димитров од Коалиција „Маргини“ рече дека во земјата и регионот забележан е пораст на антиродови движења кои се организирани и шират хистерија на социјалните мрежи. Од „Маргини“ предупредуваат на зголемување на говорот на омраза во следниот период, што истакнуваат дека е особено проблематично кај нас, бидејќи за разлика од ЕУ немаме доволно механизми за заштита.
Како илустрација, Димитров рече дека антиродово движење организирано пријавувало уметник за постер чијашто цел била да го илустрира насилството што го трпел како дете. За еден ден биле испратени 200 пријави до МВР со обвинувања за педофилија, по што следел и повик на информативен разговор во полиција. Спротивно на тоа, вели Димитров, нема одговор од властите за пријавите кои се однесуваат на говор на омраза на социјалните мрежи кон маргинилизираните заедници во држвата.
Се наведува дека ситуацијата е особено загрижувачка за организациите и активистите кои се залагаат за родова еднаквост и правата на ЛГБТ заедницата, бидејќи честопати се демонизирани како странски агенти или закана за општествената кохезија.
„Анти-родовите движења користат кампањи на дезинформации за да ја искриват јавната перцепција, тврдејќи дека политиките за родова еднаквост наметнуваат штетни идеологии или ги разградуваат културните вредности. Овие наративи се засилуваат преку социјалните мрежи и традиционалните медиуми, создавајќи непријателска средина за бранителите на човековите права и поттикнувајќи недоверба во граѓанското општество“, велат активистите.
Прекинот на финансирањето на УСАИД ќе се одрази и врз жените – жртви на насилство. Тука спаѓа психосоцијалната и правната поддршка која во минатото беше овозможена преку невладиниот сектор. Во меѓувреме, Хелсиншкиот комитет веќе го затвори шелтер центарот Сигурна куќа, а според анлизите, загрозен е напредокот и во областа на доброто владеење и унапредувањето на демократските вредности.
Од 24 до 26 јануари 2025 година, неколку организации на граѓанското општество добија известување од Владата на Соединетите Американски Држави (САД) да ги запрат сите активности поддржани од САД до понатамошно известување. Владата на САД исто така објави дека повеќе нема да финансира програми поврзани со родова еднаквост и разновидност. Планира значително да го намали финансирањето за меѓународен развој и потенцијално да ја затвори Агенцијата за меѓународен развој на САД (УСАИД).
Анализата за состојбата во регионот покажа дека дваесет и три организации ќе изгубат 11,7 милиони долари за својата работа, што за некои организации за женски прва претставува 90 отство од буџетираните средства.
Македонија
Општина Аеродром почна кампања за подигање на свеста за децата со оштетен вид

Под мотото „Подај рака, допри ме и дознај ја мојата приказна“ Општина Аеродром заедно со државното училиште за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“, почна кампања за подигање на свеста за децата со оштетен вид, со цел тие да бидат видливи за сите и да се поттикне заедницата да стане поотворена и поинклузивна.
Кампањата стартуваше денеска со работилница во ООУ „Лазо Ангеловски“, на која на интерактивен начин учениците од ова училиште одблиску се запознаа со лицата со оштетен вид и со главните предизвици со кои се соочуваат тие. На работилницата учениците учеа за тоа што претставува оштетувањето на видот и на кој начин учат децата со оштетен вид.
Специјалните едукатори и рехабилитатори објаснија што претставуваат Брајовото писмо и таканаречената шестоточка што им овозможуваат на лицата со оштетен вид да пишуваат и да читаат, а претставија и друг вид аудио и тактилни материјали, како што се говорни книги и програми, тактилни слики и мапи што може да се „гледаат“ со прсти.
Исто така, стана збор и за движењето и ориентацијата на овие лица со помош на белиот стап, а што е уште поважно, научија како правилно да помогнат на другарче со оштетен вид.
Се очекува оваа кампања, која ќе продолжи и во другите основни училишта во Општина Аеродром, да придонесе за доближување до лицата со оштетен вид и нивно полесно соочување со предизвиците со кои се соочуваат тие во своето секојдневие, велат од општината.