Македонија
Спречени обиди за шверцување стоматолошки инструменти, импланти за гради, цигари, фалсификувана стока
Царинските службеници и мобилните тимови во текот на изминатите денови спречија обиди за шверцување стоматолошки инструменти, импланти за гради, цигари, фалсификувана стока, кабли за електрична инсталација и друга стока, а до едно лице е поведена и прекршочна постапка до надлежен суд поради прекршување на царинската регулатива и одбегнување плаќање увозни давачким, кои се плаќаат при увоз на возило.
616 стоматолошки инструменти и четири килограми порцелански прав и основен порцелан за стоматологија, се откриени на Меѓународниот аеродром Скопје, при контрола на куфери во сопственост на турски државјанин кој допатувал со лет од Измир. Откако при рентгенска контрола на куферите на патникот биле забележани неправилности, била извршена детална контрола при што биле пронајдени непријавените производи. Истите се привремено задржани а против патникот е поведена прекршочна постапка.
Царинските службеници на царинската филијала Меѓународен аеродром „Скопје“ спречија шверц на 9 кутии импланти за гради, кои патник, државјанин на Австрија, сакал да ги внесе во државава без да ги пријави. При контрола на патникот, во багажот, во еден од куферите, се откриени непријавените импланти, за која патникот не поседувал ниту дозвола за увоз за таков вид на стока од надлежна институција. Против патникот е поднесена соодветна пријава, а имплантите се запленети.
Спречено криумчарење на 96 штеки цигари што по воздушен сообраќај македонски државјанин сакал да ги внесе во Лондон. Царински службеници на царинска испостава Меѓународен Аеродром Скопје при контрола на куферот во сопственост на патникот ја пронашле непријавената акцизна стока. Штеките цигари се запленети, а против патникот е поднесена соодветна пријава.
33 штеки цигари без акцизни маркички, се запленети и при контрола на камион со македонски регистарски таблички, управуван од македонски државјанин пријавен за влез во државата на граничниот премин Богородица. Штеките цигари се пронајдени во фрижидерот во кабината на камионот, во кеса сместена над резервоарот и во надворешна преграда на влекачот.
Во два случаи мобилни тимови при контрола на стока пријавена за увозно царинење наменета за увозници од Скопје открија поголема количина играчки со ознаки на заштитени трговски марки (вкупно 246). Производите се запленети поради сомневање дека повредуваат права од интелектуална сопственост и истовремено е започната постапка за утврдување на нивната оригиналност. Вредноста на задржаните производи, доколку би се продавале како оригинални, е проценета на околу 759 илјади денари.
Мобилен тим при контрола на камион пријавен како празен на граничен премин Блаце открија 180 метри кабел за електрична инсталација. Непријавената стока била откриена во камион со косовски регистарски таблички управуван од македонски државјанин. Против возачот ќе биде поведена соодветна постапка. На влез на граничниот премин Блаце мобилен тим при контрола на автомобил откри и непријавени 114 кутии со термоси за вода. Термосите требало да завршат на македонскиот пазар.
До македонски државјанин е поведена прекршочна постапка до надлежен суд заради прекршување на царинската регулатива и одбегнување на плаќање увозни давачки коишто се плаќаат при увоз на возило.
Имено царински службеници при контрола на автомобил со македонски регистарски таблички управуван од македонски државјанин, пријавен за излез од државата на граничниот премин Делчево, откриле комплет бугарски регистарски таблички и сообраќајна дозвола. Возачот изјавил дека истите се од возило кое го расходувал во Бугарија, но, согласно евиденцијата за влез и излез на возила на Министерството за внатрешни работи, е констатирано дека возилото имало остварено влез во државата во 2019 година, а потоа не е евидентирано на излез од државата. Поради сомневање дека возилото било пуштено во слободен промет без претходно да биде оцаринето и платени увозни давачки, против сопственикот е поведена прекршочна постапка до надлежен суд.
52 комплети од рачен часовник и бижутерија обетки, прстен и синџирче, се запленети откако истите се откриени при контрола на автобус со македонски регистарски таблички кој сообраќал на редовната линија Сплит – Скопје, пријавен за влез во државата на граничниот премин Ќафасан. Непријавените производи, сопственост на македонски државјанин кој патувал со автобусот, биле пронајдени во ранец и две најлонски кеси сместени во просторот за багаж на автобусот. Против патникот е поведена соодветна постапка.
Царинските службеници на граничниот премин Дојран запленија 4.320 парчиња реквизити за маскенбал поради сомневање дека повредуваат права од интелектуална сопственост. Вредноста на задржаните производи, доколку би се продавале како оригинални, е проценета на приближно 259 илјади денари. Почната е постапка за утврдување на нивната оригиналност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Герасимовски: Ќе се реконструираат дворот и игралиштето во ООУ „Кочо Рацин“
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, на одбележувањето на 80 години од постоењето на ООУ „Кочо Рацин“ најави низа реконструктивни зафати за училиштата, планирани за 2025 година, според нацрт-програмата усвоена на 42 Седница на Советот на Општина Центар.
„Во текот на наредната година, во ООУ ,,Кочо Рацин” се предвидува партерно и хортикултурно уредување на дворот, реконструкција на игралиштето и изградба на потпорен ѕид. Овие проекти се дел од нашата посветеност кон унапредување на образовната инфраструктура”, истакна градоначалникот.
Во своето обраќање, Герасимовски ја потенцираше важноста на образованието, парафразирајќи го патронот на училиштето, Кочо Рацин:
„Големиот Кочо Рацин велеше: ,,Да му го земеш јазикот на народот, тоа значи да му ја земеш душата”! На овој посебен ден, ќе додадам – ако му го одземете образованието на еден народ, ќе му ја одземете иднината. Гледајќи ве тука, посветени наставници и вредни ученици, знам дека нашата иднина е загарантирана”.
Герсимовски потенцираше дека Општина Центар контиунуирано инвестира во образованието и инфраструктурата во сите осум основни училишта, бидејќи тоа е влог во новите генерации.
„Оваа година, во ООУ „Кочо Рацин” целосно го реновиравме најстариот дел од училиштето, а спортската сала, која со децении беше запоставена, ја реконструиравме темелно. Сега училиштето располага со четири реновирани и целосно опремени кабинети за стручна настава, како и со спортска сала реконструирана согласно највисоките стандарди”, истакна Герасимовски, завршувајки го обраќањето со порака дека овој голем јубилеј треба да биде поттик за уште поголеми успеси и постигнувања.
Македонија
Велковски: Македонската држава три децении пример за хуманост и солидарност кон бегалците и мигрантите
30 години од воспоставувањето на партнерството помеѓу Република Македонија и Канцеларијата на Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР) денеска беше одбележан во министерството за надворешни работи и трговија.
Потсетувајќи се на историјата и предизвиците со кои се соочуваше државата, присутните ги истакнаа заедничките постигнувања во областа на заштитата на бегалците и промоцијата на човековите права.
Македонската држава беше пример за солидарност во светски рамки соочувајќи се со неколку бегалски и мигрантски кризи.
Заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, во своето обраќање изрази благодарност за долгогодишната соработка со УНХЦР. „Овие три децении ја покажаа нашата решителност да стоиме зад најранливите категории, да ги заштитиме нивните права и да им дадеме шанса за нов почеток,“ истакна тој, осврнувајќи се на историските моменти кога македонската држава беше рамо до рамо со бегалците.
Велковски потсети и на клучни настани, како што е отворањето на границите за над 30.000 бегалци од Босна и Херцеговина во 1994 година, и поддршката на речиси 360.000 косовски бегалци за време на кризата во 1999 година.
Преку соработката со УНХЦР, Македонија не само што обезбедуваше привремено засолниште, туку создаде и систем за локална интеграција. Во 2009 година, над 2.000 бегалци добија правен статус и пристап до сите права, станувајќи дел од општеството.
„Најголемиот предизвик дојде со мигрантската криза во 2015 година, кога земјата обезбеди хуманитарна поддршка за повеќе од милион транзитни бегалци. Ова партнерство, како што беше истакнато, се темели на доверба, солидарност и заеднички вредности.
Претставникот на УНХЦР, Габриел Гуалано де Годој, ја истакна улогата на Македонија како модел за успешна интеграција и управување со бегалските кризи. „Ова не е само приказна за минатото, туку и залог за иднината. Македонија покажува како малите земји можат да направат големи промени,“ рече тој.
Со јубилејот, македонската држава ја потврди својата улога како клучен партнер во глобалните напори за заштита на човековите права, демонстрирајќи дека солидарноста и хуманоста се универзални вредности кои ја дефинираат иднината на една нација.
Македонија
Објавени добитниците на државната награда „Мито Хаџи Василев-Јасмин“
Одборот за доделување на државната награда „Мито Хаџи Василев- Јасмин“, на седницата одржана на 15.11.2024 година, донесе одлука за доделување на државната награда „Мито Хаџи Василев-Јасмин“ за 2024 година за остварувања во областа на публицистиката и новинарството од интерес на Република Северна Македонија.
За остварување во областа на публицистиката државната награда ја делат: Иван Антоновски, публицист, и Делвина Крлуку, публицист.
Државната награда за остварување во областа на новинарството ја делат: Атанас Костовски, новинар, и Љупчо Јолевски, новинар.
Наградата ќе им биде врачена на добитниците на 21 декември 2024 година (сабота) во 10.30 часот во свечената сала на Собранието на Република Северна Македонија.