Македонија
Спречен нелегален влез на шест мигранти од Ирак, запленети и стоката и камионот во кој се превезувале
Мобилен тим при Секторот за контрола и истраги спречи нелегален влез на шест мигранти по потекло од Ирак при контрола на товарно моторно возило на влез на граничниот премин Богородица. Притоа, поради оштетување на царинските обележја, запленети се и стоката и товарното моторно возило во кое се криеле мигрантите, соопшти Царинската управа.
Случајот е откриен кога инспектори од Одделението за оперативни работи при селекција за детален преглед на возилото забележале преправки во фабричката надворешна конструкција на возилото, со што се овозможува вадење на сајлата и отворање на церадата, без да се оштети царинската пломба. Станува збор за товарно моторно возило со грчки регистарски таблички управувано од грчки државјанин.
Со отворање на церадата во товарниот дел меѓу стоката што се превезувала откриени се шесте мигранти, при што тие му се предадени на Министерството за внатрешни работи.
Стоката, или вкупно 23 тона компот од праски, влекачот и полуприколката со вкупна вредност од 2,3 милиона денари привремено се одземени. До Основниот суд во Гевгелија поднесени се и соодветни прекршочни постапки поради прекршување на членовите 267 и 269 од Законот за Царината.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без вода делови од Центар и Сарај
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека денеска:
· Поради дефект на водоводна цевка со пречник од Ф-2 цол на улицата Св. Кирил и Методија 38 (на паркингот кај Трготекстил), 09:00 часот до санирање на дефектот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од ул. Св. Кирил и Методија, општина Центар;
· Поради чистење и дезинфекција на двете комори во резервоарот за питка вода во село Бојане, во наредните 4 дена (03.03 до 06.03.2026 година) помеѓу 08:00 и 13:00 часот, можно е да има намален притисок и краткотрајни прекини на водоснабдувањето во село Бојане, општина Сарај.
Македонија
Делови од Бутел и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:30 до 15:00 часот, корисниците од стопанските објекти во Индустриската зона – Момин Поток, општина Бутел;
· од 09:00 до 15:30 часот, корисниците од ул. Јан Хус бр. 11а, општина Карпош.
Македонија
Сончево и релативно топло, максималната температура до 20 степени
Сончево и релативно топло со мала до умерена локална облачност. По одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 14 до 20 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Во делови од котлината ќе има услови за појава на утринска магла. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 19 степени.
Времето во наредните денови
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност. Во утринските часови по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла. Во четврток се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, особено во попладневните часови и во текот на ноќта.

