Македонија
Спречен нелегално внесување опрема за детектирање метал, воени шлемови, револвери
Опрема за пронаоѓање злато и други метали, но и војнички шлемови и стари револвери кубури – антиквитети, се запленети на влез на граничниот премин Табановце од страна на царински службеници при спроведена детаљна контрола на возило со украински регистарски таблички, управувано од украински државјанин.
Во возилото во неколку торби и една кутија биле пронајдени три стандардни и еден мал детектор за метал, двоглед, седум војнички шлемови, мини стругалка, два стари револвера – кубури, една аукциска книга, лупа, мини дрон, како и препарирана глава од алигатор.
Контролата на возилото е извршена поради основано сомневање во исказот на патникот, кој на прашање на царински службеници одговорил дека нема ништо за пријавување. Лицето и неговата сопруга патувале во две посебни возила и според нивните искази планирале подолго да се задржат во нашата држава.
Стоката е привремено задржана, со што е спречена можноста за нејзина употреба и вршење нелегални активности на територијата на Република Северна Македонија. Против лицето е поднесена пријава за сторен царински прекршок.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
В понеделник дел од Центар без вода
ЈП Водовод и Канализација известуваат дека в понеделник поради санирање на дефект од страна на странка – фирма на улицата Франклин Рузвелт бр.60 во населба Центар без вода ќе останат корисниците на улицата Франклин Рузвелт лоцирани на потегот од улица Орце Николов до булеварот Партизански Одреди.
Водоснабдувањето ќе биде прекикнато во периодот од 09.00 часот па се до отстранување на дефектот.
Скопје
Одбележан 20 септември – денот на Општина Ѓорче Петров
Со положување свежо цвеќе на споменикот на Ѓорче Петров во реонскиот парк и со свечена седница на Советот, општината го одбележа празникот на општината – 20 септември.
Бројни делегации положија цвеќе на споменикот на великанот Ѓорче Петров, а се одржа и свечена седница на Советот на која беа доделени годишната награда, признанија и благодарници за особен придонес. Добитник на Годишната награда на Општината е фудбалската репрезентативка Афродита Салихи.
Градоначалникот Стојкоски во своето обраќање истакна дека останува доследен на заложбата да го направиме Ѓорче Петров модерно и урбано јадро за живеење.
„Во периодот зад нас, успеавме да сработиме проекти со кои затворивме горливи проблеми. Како градоначалник на општината Ѓорче Петров не можам да го сокријам своето задоволство од постигнатото: Работиме на нова детска градинка во Стопански Двор, која се очекува да биде завршена во следните две години, и на уште една локација, односно во Дексион. Завршена е доградбата на ООУ „Димитар Поп Георгиев-Беровски“ во Хром со нови училници, а централното училиште речиси целосно го реконструиравме. ООУ „Тихомир Милошевски“ доби 6 нови училници и тоалети. Интервениравме во сите училишта, како и во училишните спортски сали, а следуваат уште инфраструктурни проекти кои значително ќе ги подобрат условите за настава. Проектот „Првиот центар за ресоцијализација на деца кои го победиле карциномот“ се реализира во Кучково.
Една од најзначајните инвестиции е изградбата на станицата за третман на отпадни води и фекален колектор во село Орман. Реконструиравме над стотина улици, поставивме нова фекална и атмосферска мрежа, ја отворивме новата општинска зграда, ја доградивме градинката „Детелинка“, Кучково доби нов систем за водоснабдување, а на ова место целосно партерно го уредивме и локалитетот „Крст“. Депонијата во Ново Село сега е мега-парк „Даме Груев“ со површина од 31.000 м². Најавуваме изградба и реконструкција на сервисни и станбени улици, водоводни мрежи во руралните области, фекална канализација и нова пречистителна станица преку планот за развојни програми за 2024-2026 година, со вкупен буџет од 90 милиони денари“, истакна градоначалникот Александар Стојкоски, на свечената седница по повод 20 септември.
Градоначалникот го најави и почетокот на изградбата на училишната спортска сала во ООУ „Димитар Беровски“, кој е долгогодишен проблем за реализирање на физичкото образование.
Претседателката Ленче Нелоска, која ја отвори Свечената седница на советот на општината Ѓорче Петров, се осврна на големиот број капитални проекти кои значајно ја подобрија инфраструктурата. Се заблагодари на членовите на советот за сите разумни одлуки и проектите кои беа на дневен ред на седниците.
Недела (22 септември) е затворањето на Деновите на општината Ѓорче Петров со голем семеен концерт под мотото „Музика и забава за сите“, каде ги покануваме сите граѓани пред платото кај Корзото со почеток од 11 часот, а ќе траат се до доцните вечерни часови.
Македонија
Муртезани – Бока: Интегриран Западен Балкан е од суштинско значење не само за стабилноста на регионот туку и за безбедноста и просперитетот на самата Унија
На покана на министерот за ЕУ прашања на Унгарија, министерот за европски прашања на Северна Македонија, Орхан Муртезани, денеска во Будимпешта оствари средба со својот унгарски колега, Јанош Бока. Средбата беше фокусирана на унапредување на процесот на пристапување на Северна Македонија во Европската Унија, кој е еден од клучните приоритети на Унгарија во рамките на нејзиното претседавање со Советот на Европската Унија.
Министерот Муртезани изрази благодарност за континуираната и гласна поддршка од страна на Унгарија кон земјите од Западен Балкан, особено во контекст на политиката на проширување на ЕУ.
Во фокусот на разговорите беа потребата од продолжувањето на пристапните преговори, како и неодамна усвоениот План за раст на Европската комисија за Западен Балкан и Инструментот за реформи и раст. Соговорниците констатираа дека спроведувањето на Реформската агенда е од суштинска важност за напредокот на Северна Македонија во процесот на евроинтеграција и нејзин забрзан економски раст. На состанокот се разговараше и за можностите за унапредување на билатералната соработка преку заеднички проекти во области од заемен интерес . Министерот Муртезани ја нагласи подготвеноста на Северна Македонија за продлабочување на соработката со Унгарија преку ЕУ инструментите на располагање, кои се клучни за градење на институционалните капацитети и усогласување со стандардите на ЕУ, со цел да се забрза процесот на пристапување.
Регионалната соработка исто така беше дел од разговорите, при што беше нагласена заедничката посветеност кон продлабочување на соработката со соседните земји и активно учество во регионалните иницијативи. Муртезани ја подвлече поддршката на Северна Македонија за Берлинскиот процес и имплементацијата на Акцискиот план за Заедничкиот регионален пазар, нагласувајќи дека регионалната соработка мора да биде во целосна усогласеност со европските стандарди и правила, за да се обезбеди успешна интеграција на земјите од регионот во Унијата според идентични критериуми и стабдарди.
На средбата во Будимпешта, министрите за европски прашања на Северна Македонија и Унгарија ја изразија својата посветеност за продолжување на оваа до сега исклучително продуктивна соработка. Тие се согласија дека за време на претседавањето на Унгарија со Советот на ЕУ, ќе се вложат дополнителни напори за забрзување на процесот на пристапување на Северна Македонија и зајакнување на регионалните иницијативи кои ќе придонесат за стабилноста и просперитетот на Западен Балкан.