Македонија
Срамно е Филипче да ги штити националните интереси откако, поради лошите политики на СДС, моравме да менуваме име, знаме и Устав, велат од ВМРО-ДПМНЕ

Срамно и лицемерно е однесувањето на Филипче и СДС, кои говорат за некаква резолуција, уште пак и за некакво вин-вин решение, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Ако можеби заборавиле, дека баш поради нив и нивната меѓународна политика изминативе 30 години, Македонија промени име, знаме и Устав.
Дали тоа вин-вин решение е ние повторно да го менуваме Уставот, а другата страна да продолжи со нови барања? Дали во ова нивно вин-вин решение, има писмени гаранции дека ова е последното барање на Бугарија? Дали оваа резолуција на СДС и Филипче е во интерес на македонските граѓани или само задоволување на бугарските барања“, прашуваат од владејачката партија.
Според нив, СДС и Филипче треба да се засрамат.
„Откако нивниот најголем успех во делот на влез на Македонија во ЕУ, беше селфи во авион, треба да се тргнат настрана и да ја остават работата на оние кои и мислат добро на државата, а тоа е ВМРО-ДПМНЕ“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска-Давкова го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“.
На средбата, таа уште еднаш ја потврди својата определба за формирање на Совет за дијаспора, како политички исчекор во соработката меѓу државата и дијаспората. Во Советот, претседателката гледа институционален одговор на потребата од засилена и продлабочена комуникација со нашите иселеници во сите области.
Дурловски истакна дека примарна цел на Организацијата останува да биде промоцијата и заштитата на правата на Македонците во Канада, како и нивната интеграција во канадското демократско општество. За него, македонските корени се силна мотивација за поддршка на македонските национални интереси.
Соговорниците се согласија дека бројната македонска дијаспора може да биде фактор на зајакнување на канадско-македонските политички, економски, културни и други односи.
Македонија
Од утре авионско и терестрично прскање против комарци во Скопје

Градот Скопје ги известува граѓаните дека утре ќе започне авионска дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, а на 16 септември терестрична дезинсекција против возрасни форми на комарци и ларви од комарци, односно:
1. Авионската дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, ќе се одвива на 12.09.2025 (петок) и на 13.09.2025 (сабота), во раните утрински часови.
2. Терестричната дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци и ларви од комарци ќе се одвива од 16.09.2025 (вторник) до 19.06.2025 (петок), во период од 22.00 до 03.00 часот, наредниот ден
Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, истата ќе се изврши во истиот термин првиот нареден ден, кога временските услови ќе бидат поволни, додаваат од Градот Скопје.
Исто така се известуваат пчеларите навремено да ги преземат потребните мерки за заштита на пчелите.
Македонија
Зголемена фреквенција на возила на Табановце за излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На ГП Табановце за излез од државата се бележи зголемена фреквенција на возила, времето на чекање е околу 30 минути.
На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата, додаваат од АМСМ.