Македонија
Средба Богоев – Кванјанг Ко: Почнува реализацијата на грантот од 4,8 милиони долари

Директорот на Царинската управа, Стефан Богоев, и генералниот директор на Царинската служба на Република Кореја, Кванјанг Ко, остварија средба во седиштето на корејската Царина во Сеул на, која најавија почнување на реализацијата на грантот од 4,8 милиони долари за развој и имплементација на систем за управување со ризици и податочен склад.
Богоев заедно со помошник-директорите Маженковски и Ветеровски е во дводневна работна посета на Царинската служба на Република Кореја, што се реализира во рамките на неодамнешниот потпишан меморандум за соработка со корејската Царина.
„Имплементацијата на овој систем ќе помогне во унапредување на ефективноста на Царинската управа, односно да собереме повеќе пари во буџетот, да ѝ бидеме партнер на бизнис-заедницата и да се бориме против организираниот криминал и корупцијата, што повторно придонесува за повеќе приходи во буџетот“, рече Богоев.
Одлуката за доделување на грантот од владата на Кореја следува по тригодишна анализа на македонската Царина по што е одлучено дека како лидери во регионот грантот треба да биде доделен токму на Царинската управа на Република Северна Македонија. Во оваа насока, од страна на генералниот директор Кванјанг Ко беа поздравени заложбите што ги презема македонската Царина со цел зголемување на ефективноста на Царината и создавање услови за поголема конкурентност на македонската економија.
Богоев во рамките на средбата ја истакна посветеноста на нашата држава на процесот на интеграција во ЕУ и поставување на основите за функционирање единствен пазар.
„Стратешка цел е Република Северна Македонија да стане рамноправна членка на Европската Унија до 2030 година, што значи дека македонските граници ќе бидат граници на ЕУ. Ова значи и целосна хармонизација на нашето законодавство со европските регулативи. Воедно, во континуитет работиме на целосна дигитална трансформација на Царинската управа и имплементација на нови и унапредување на постојните ИТ-системи во линија со системите на ЕУ“, вели Богоев.
Во текот на утрешниот ден ќе бидат потпишани меморандуми за соработка, кои ќе отворат нови можности за финансиска поддршка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.