Македонија
Средба Гаши-Борг: Мисијата на ОБСЕ одигра значајна улога во спроведувањето на реформските процеси

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, денеска оствари средба со Јан Борг, претседавач на ОБСЕ, заменик-претседател на Владата и министер за надворешни и европски работи и трговија на Малта, во рамките на неговата работна посета на земјава. На средбата присуствуваа пратениците: Моника Зајкова, шеф на Делегацијата во Парламентарното собрание на ОБСЕ; Никола Мицевски и Халил Снопче, членови на Делегагацијата, како и Марина Димовска, генерална секретарка на Собранието.
Претседателот Гаши оцени дека средбата претставува уште една потврда на значењето што Малтешкото претседавање со ОБСЕ го придава на парламентите и парламентарната дипломатија. Тој нагласи дека Собранието на Република Северна Македонија активно учествува во работата на Парламентарното собрание на ОБСЕ, кое врши улога на витална врска меѓу владиниот дел на ОБСЕ и пратениците кои се директно избрани од граѓаните. Истовремено, тој информираше дека членовите на Делегацијата во ПС на ОБСЕ ги набљудуваа изборите во САД, кои се одржаа на 5 ноември годинава.
Претседателот на Собранието истакна дека како земја домаќин на првата теренска мисија на ОБСЕ, која сè уште е активна, Република Северна Македонија може од прва рака да посведочи за придобивките од теренското присуство на ОБСЕ. Во изминатите години, Мисијата на ОБСЕ во Скопје одигра значајна улога во спроведувањето на реформските процеси во земјава во бројни области. Претседателот Африм Гаши се осврна и на претседавањето на Република Северна Македонија со ОБСЕ во 2023 година, кое го оцени како круна на нашата соработка со Организацијата.
Претседавачот со ОБСЕ, Јан Борг, информираше за активностите на Малтешкото претседателство со Организација, при што се осврна на напорите за постигнување консензус за буџетот и за избор на генерален секретар, претставник за слобода на медиумите, висок комесар за национални малцинства и директор на Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОБСЕ/ОДИХР). Тој оцени дека Парламентарното собрание на ОБСЕ е една од најзначајните институции на Организацијата, а пратениците, со своето влијание врз претставниците на владите, можат да придонесат за разрешување на предизвиците со кои се соочува ОБСЕ.
Министерот Борг, исто така, се осврна на европската интеграција на Република Северна Македонија и нагласи дека Малта отсекогаш ја поддржува политиката на проширување на ЕУ.
Шефот на Делегацијата во Парламентарното собрание на ОБСЕ, Моника Зајкова, нагласи дека претседавањето со најголемата регионална организација за безбедност и соработка во турбулентни времиња претставува чест и предизвик и му посака на министерот Борг успешно завршување на Малтешкото претседателство со ОБСЕ. Таа оцени дека пратениците можат да одиграат значајна улога во генерирањето политичка доверба и промовирањето на улогата на ОБСЕ.
Пратеникот Халил Снопче се задржа на позитивната улога на ОБСЕ во регионов и на значењето на Парламентарното собрание на ОБСЕ, кое редовно дискутира на важни теми за подобрување на животот на луѓето, кои се крајни корисници на услугите на ОБСЕ.
Соговорниците изразија уверување дека и во иднина ќе продолжи отворениот дијалог и плодната соработка на Собранието на Република Северна Македонија со ОБСЕ и со сите нејзини институции и структури.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Незадоволството од локалната власт во Куманово достигна точка на вриење, ветувам силна и одлучна битка да го вратиме во рацете на кумановци“, најави Костовски

„Огромна чест ми е да бидам кандидат за градоначалник на нашето Куманово од СДСМ и коалицијата на претстојните локални избори. Му благодарам на раководството и на претседателот Венко Филипче за довербата, и на сите оние кои застанаа зад мене. Ме радува што огромен број граѓани ми ја дадоа поддршката овие денови, што е јасен сигнал дека Куманово бара промени“, напиша на социјалните мрежи, кандидатот на СДСМ за градоначалник на Куманово, Мартин Костовски.
„Незадоволството од локалната власт во Куманово достигна точка на вриење. Работите веќе четири години одат во погрешна насока и тоа знам дека сите вие го чувствувате и гледате. Максим Димитриевски не заслужува реизбор – ги изневери сите ветувања дадени пред граѓаните. Куманово се дави во смет и пропадната инфраструктура, се случува урбанистички хаос кој го креира Димитриевски заради сопствените бизнис интереси. Куманово во 2025 сè уште кубури со вода, а паркинг место нема ни за лек.
Димитриевски ги изневери сите кои гласаа за него. Наместо коректор на власта, стана пион на Мицкоски и тројански коњ кој треба да ја дели опозицијата и СДСМ. Човек кој ги погази сите наводни принципи и молчи пред криминалот на неговите коалициски партнери. Човек кој ведне глава пред патронот Мицкоски. Единствено нешто што Максим добро го прави тоа неговиот бизнис со оние за кои до вчера велеше дека се криминалци.
Куманово може подобро! Ветувам силна и одлучна битка да го вратиме Куманово во наши раце, во раце на кумановци. Ветувам дека ќе одам од човек до човек за да ја пренесам мојата идеја за подобра и пофункционална општина која ќе работи во интерес на сите граѓани на Куманово. Ветувам дека СДСМ во Куманово ќе се обедини и дека СДСМ ќе се врати многу силно! Одиме на победа!“, додаде тој.
Македонија
Дел од Шуто Оризари денеска без струја

Од ЕВН – Македонија известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 09.00 до 15.00 часот, дел од корисниците од Шуто Оризари место викано Пирков Рид. (општина Шуто Оризари)
Македонија
Претежно сончево и многу топло

Времето денеска, претежно сончево и многу топло со слаб до умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 20, а максималната ќе достигне од 32 до 39 степени.
Во Скопје, сончево и многу топло со слаб до умерен јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 18, а максималната ќе достигне до 39 степени.
Под влијание на топла воздушна маса од југ, до средината на следната седмица времето ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена облачност.
Дневната температура насекаде ќе биде над 30°C, а наместа ќе надминува 40°C.
Во недела во попладневните и вечерните часови ќе има услови за локална нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи.