Македонија
Средба Димитров-Петерсен: ОБСЕ/ОДИХР со 270 набљудувачи ќе го следи референдумот

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, имаше средба со амбасадорот Јан Петерсен (Норвешка), шеф на Набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР за референдумот, кој треба да се одржи на 30 септември 2018.
Димитров изрази задоволство од прифаќањето на неговата покана – ОДИХР да испрати набљудувачка мисија за референдумот во Република Македонија. Го истакна историското значење на актуелните процеси, како и можноста граѓаните преку овој демократски чин да ја искажат својата волја по прашањето, кое е од огромна важност за иднината на земјата и нејзините стратешки определби за интеграција во НАТО и ЕУ, но исто така и врз политичкото стабилизирање на регионот.
Министерот Димитров ја реафирмира подготвеноста на земјата за продолжување на соработката со ОДИХР, а особено за подобрување на изборните процеси кај нас, кои комплементарно придонесуваат за достигнување на бараните европски стандарди, важни за забрзување на процесот на интеграција на Република Македонија во ЕУ и НАТО.
Амбасадорот Петерсен се заблагодари за можноста за средба и ги пренесе основните информации за оваа мисија на ОБСЕ/ОДИХР. Информира и за планираните активности на Набљудувачката мисија во периодот до референдумот и на самиот ден на изјаснувањето, која, инаку, во согласност со препораката на Мисијата за процена на потребите на ОДИХР би требало да брои околу 270 набљудувачи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Предложен притвор за кичевецот кој утрово со секира си го уби таткото и тешко ја повреди мајка си

Основното јавно обвинителство Кичево поведе истражна постапка против кичевец осомничен за кривични дела убиство и обид за убиство.
„При вршење семејно насилство рано утрово, во дворот на семејната куќа во селото Србјани, осомничениот 47-годишник го лишил од живот својот татко, а се обидел да ја убие и својата мајка. При вербална расправија, со нож и секира најпрво го нападнал таткото, прободувајќи го по телото и удирајќи го со секирата по главата. Потоа и нанел убоди со нож во вратот и на неговата мајка. Од многубројните повреди оштетениот маж починал при укажување прва помош, а жената е пренесена на Ургентниот центар во Скопје во тешка состојба“, извести вечерва Обвинителството.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Кичево вечерва достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот. Осомничениот беше уапсен откога самиот пријавил во Итната медицинска помош дека ги нападнал родителите.
Македонија
Невреме со град, дожд и грмотевици вечерва во Струмица: поплавени улици, паднати дрвја и делови од градот без струја

Откорнати дрвја, поплавени улици и делови од центарот без струја е билансот од невремето со град, дожд и грмежи вечерва во Струмица. За санирање на штетите на терен се јавното претпријатие „Комуналец“ и Територијалната противпожарна единица на Струмица.
Пожарникарите известија дека отстраниле паднато дрво врз автомобил на улица.
„Вечерва (недела) 11.05.2025 година, околу 20.00 часот на ул.Ванчо Китанов, ТППЕ Струмица со едно противпожарно возило и двајца пожарникари-спасители интервенираше на отстранување на паднато дрво врз автомобил. За кратко време дрвото е отстрането од улицата“, објави Противпожарната единица на Струмица.
Струмичани јавуваат дека невремето почнало пред 20 часот и за кусо време улиците биле поплавени и побелени од град.
Дијаспора
Муцунски се сретна со македонските иселеници во Шведска

Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, денеска и утре престојува во дводневна работна посета на Кралството Шведска. Фокусот на првиот ден од посетата беше ставен на бројната македонска дијаспора – при што ја посети и присуствуваше на литургија во македонската православна црква „Св. Наум Охридски“, се сретна со претставници на дијаспората и со македонски стопанственици кои работат и инвестираат во Шведска.
„Посетата на црквата ’Св. Наум Охридски’ во Малме и средбата со македонската заедница, како прв министер за надворешни работи кој присуствувал на утринска литургија во оваа црква, беа можност за разговор за нивните иницијативи, предизвици и очекувања. Се разговараше и за владините политики насочени кон унапредување на односите со дијаспората, при што беше потврден значајниот придонес на македонската заедница во јакнењето на односите меѓу двете држави. Во шведскиот град Трелеборг, во организација на Обединетата Македонска Дијаспора, министерот Муцунски се сретна со македонски стопанственици кои успешно делуваат во Шведска. Во фокусот на средбата беа можностите за инвестирање во Република Северна Македонија, јакнењето на економската соработка и активната улога на дијаспората во економскиот развој на државата“, известија од Министерството за надворешни работи.
Утре министерот Муцунски предвидено е да има средба со министерката за надворешни работи на Шведска, Мариа Малмер Стенергрард.