Македонија
Средба на министерот Муртезани со францускиот амбасадор: земјата останува цврсто на стратешката опредлеба за членство во Унијата

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денес оствари средба со новименуваниот амбасадор на Француската Република во Република Северна Македонија, Кристоф Ле Риголер; на која беа разгледани бројни аспекти на билатералната соработка, со акцент на развојните проекти, европските интеграции и инструментите за поддршка на реформските процеси.
Министерот Муртезани потврди дека земјата останува цврсто на стратешката опредлеба за членство во Унијата и спорведување на сите неопходни реформи особено во областите на владеење на правото, реформите на правосудниот сектор, борбата против корупцијата и организираниот криминал итн., особенo ако се има предвид фактот дека согласно новата методолгија за пристапни преговори напредокот во овие реформи ќе ја диктира динамиката на целиот преговорачки процес,
На средбата беше потврдена силната поддршка од Франција за евроинтегративните напори на Северна Македонија, особено преку програмите за билатерална соработка и развојни проекти. Министерот Муртезани посочи дека Француската агенција за развој (AFD), веќе присутна во земјата, игра клучна улога во поддршката на приоритетни инвестиции, особено во склоп нa Инвестициската рамка и Планот за раст на ЕК за Западен Балкан, кој го отвора патот за нови инфраструктурни и енергетски проекти.
Двете страни изразија надеж за продлабочување на билатералната развојна соработка по потпишувањето и ратификувањето на Спогодбата помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Француската Република за основање на Француската развојна агенција, PROPARKO и Expertise France во земјата. Оваа спогодба отвора нови можности за заеднички проекти и дополнителна техничка поддршка во рамките на националните развојни приоритети.
Во однос на програмите за техничка поддршка, Муртезани и Ле Риголер се согласија за продолжување на соработката преку ИПА инструментите, како што се TAIEX и TWINNING проектите. Во тој контекст, министерот Муртезани изрази благодарност за активната француска помош, како водечки партнер во неколку проекти поврзани со реформите на јавната администрација, зајакнувањето на демократијата и заштитата на основните права, како и развојот на образовни програми за возрасни. Тој оцени дека е особено значајно учеството на Франција во трите тековни TWINNING проекти во Северна Македонија, каде што ја демонстрира својата стручност и посветеност за успешно спроведување на реформите.
Муртезани и Ле Риголер разговараа и за вклучувањето на Северна Македонија како дел од географските приоритети на Франција во рамките на нејзината Евроазиска регионална стратегија 2020-2024, која се фокусира на приоритети како отпорност и урбана адаптација, поддршка на енергетската транзиција, како и создавање одржливи и инклузивни економски и политички модели.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски-Спајиќ: во фокусот посветеноста на европската интеграција на Западен Балкан

Во пресрет на утрешниот Самит ЕУ – Западен Балкан, денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари средба со премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ.
Двајцата се дел од овогодинешната група добитници на признанието „Млад глобален лидер“ (YGL) на Светскиот економски форум – мрежа која веќе две децении обединува исклучителни личности под 40 години кои предводат позитивни промени ширум светот.
Програмата за млади глобални лидери е симбол на колективна акција и визија, поттикнувајќи нови форми на лидерство во ера на глобални трансформации. Тоа што двајца политичари од Западен Балкан се дел од оваа заедница е потврда за промените што оваа генерација ги носи во регионот, информираат од МНР.
На средбата се разговараше за зајакнување на билатералната и регионалната соработка, како и за потврдување на заедничката посветеност на европската интеграција на Западен Балкан – како дел од визијата за обединета, просперитетна и силна Европа.
Македонија
МВР: Од 1 јули летен режим на сообраќај за тешки товарни возила

Од 1 јули до 31 август на државните патишта во Македонија се воведува летен времен режим на сообраќај со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони, за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури, соопшти МВР.
Забраната се однесува за следните термини:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 09:00 до 19:00 часот
недела од 09:00 до 22:00 часот
Во деновите со екстремно високи температури, определени од Министерство зa здравство, забраната ќе важи и од понеделник до четврток во период од 11:00 до 17:00 часот.
Специјален сообраќаен летен режим за тешки товарни возила се воведува и на патниот правец А2 Скопје – Охрид – Скопје во периодот од 01.07.2025 до 01.09.2025, и тоа:
Од понеделник до четврток од 11:00 до 17:00 часот, само во денови со екстремно високи температури определени од Министерството за здравство:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 07:00 до 12:00 часот и од 18:00 часот до 24:00 часот и
недела од 07:00 до 22:00 часот
– Ограничувањето не се однесува на возила кои превезуваат животни, цвеќе, хуманитарна помош, жито и житни култури и леснорасиплива стока, нафта и нафтени деривати, превоз на опасни материјали и возила кои вршат превоз за компании кои имаат склучено договори за изведување на проекти на државните патишта со ЈП за Државни патишта.
Македонија
Пренасочување на возилата поради сообраќајка на патот Демир Хисар – Кичево

Од 19:10 часoт има пренасочување на сообраќајот на патниот правец Р1305 Демир Хисар – Кичево поради случена сообраќајна незгода, возилата ќе бидат пренасочени преку с.Единаковци, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Според последното известување од АМСМ, интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.