Македонија
Средба на премиерот Заев со индиската амбасадорка Капур

Премиерот Зоран Заев оствари средба со Пуџа Капур, амбасадорка на Република Индија во нашата земја, која го завршува својот мандат.
На состанокот, пренесуваат од Кабинетот на премиерот, биле упатени честитки за напредокот на нашата држава како нова членка на НАТО и земја што се движи кон ЕУ.
Од страна на индиската амбасадорка во заминување било пренесено дека на премиерот Заев не се гледа само како на политичар, туку како и на лидер визионер и дека тоа е препознаено и вреднувано пошироко во светот.
„Во насока на оценетиот развој на државата, изразен е интерес за продлабочување на соработката во областа на економијата, земјоделството, здравството, културата“, инфрормираат од владиниот кабинет.
„Станавме членка на НАТО и работиме во делот на европските интеграции. Преку политиките на дијалог и разбирање ги зацврстуваме и добрососедските односи. Веруваме во слободата и демократијата и ќе продолжиме во оваа насока да ја развиваме државата. Посветени сме на растот на економијата и на животниот стандард на граѓаните и поради тоа важна ни е соработката со сите држави со кои можеме да ги споделуваме овие вредности и да придонесуваме во подобрувањето на квалитетот на живот во земјата“, истакна Заев.
На состанокот е констатирано дека Република Северна Македонија и Република Индија ги поврзува пријателскиот дух на луѓето, а како мост за поврзување е посочена хуманистката Мајка Тереза, која е родена во Скопје, а се посветила на мисионерска дејност во Индија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Без струја денеска делови од Аеродром и Сопиште

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 11.00 часот, корисниците од ул. Црноризец Храбар. (општина Аеродром)
– во периодот од 09.00 до 14.00 часот, корисниците од ул. 11 во Горно Соње. (општина Сопиште)
Македонија
Променливо облачно со слаб северен ветер, попладне врнежи од дожд

Променливо облачно со слаб до умерен ветер претежно од северен правец. Попладне ќе има локални врнежи од дожд, кои во текот на ноќта ќе се прошират насекаде и наместа ќе бидат пообилни. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 14, а максималната ќе достигне од 15 до 20 степен.
Во Скопје, променливо облачно со слаб северен ветер. Кон крајот на денот, а особено во текот на ноќта ќе има врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 19 степени.
Времето во наредните денови
До петок под влијание на влажен бран ќе има врнежи од дожд, кои наместа ќе бидат обилни. Вкупно од овој бран се очекува на повеќе места да наврнат над 30 l/m², а локално и над 50 l/m². Поради продор на постудена воздушна маса од север и засилен северен ветер, во четврток на повисоките планини врнежите ќе преминуваат во снег, а поради натамошно спуштање на студен воздух, во петок ќе има услови да преминуваат во снег и на некои од повисоките места. На повисоките планини ќе се формира снежна покривка.Температурата на воздухот значително ќе опадне. Во деновите од викендот ќе има стабилизирање на времето со пораст на дневната температура
Македонија
Дел од Карпош денеска без вода

Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради дефект на приклучна цевка на булеварот Партизански Одреди бр. 59а, без вода ќе останат корисниците лоцирани на десната страна на потегот од булеварот 8-ми Септември до Франклин Рузвелт. (општина Карпош)
Водоснабдувањето ќе биде прекинато во периодот од 09.00 часот па се до отстранување на дефектот.