Македонија
Средба на премиерот Спасовски со новиот амбасадор на БиХ, Јаќимовиќ
Претседателот на Владата, Оливер Спасовски, се сретна со Драган Јаќимовиќ, новоименуваниот амбасадор на Босна и Херцеговина во нашата држава.
Амбасадорот на БиХ, Јаќимовиќ, му го честита на премиерот Спасовски стапувањето на должноста и изрази очекување за скорешно остварување на евроинтеграциската стратешка цел на нашата држава, пат кон кој е определена и Босна и Херцеговина.
Пренесен е интерес од граѓаните на Босна и Херцеговина и од тамошната економска заедница за уште поголемо унапредување на воспоставената добра соработка помеѓу двете држави.
На средбата е заеднички констатирано дека постои значителен напредок во односите помеѓу двете земји изминатите две и пол години во повеќе области од полза на граѓаните, како што е меѓусебното признавање на возачките дозволи, влегувањето во државите со лични карти, направените заложби во создавањето услови за подобра економска соработка.
Констатирано е дека двете земји немаат отворени билатерални прашања и дека тоа отвора широк простор за меѓусебна соработка.
„Определени сме да продолжиме да ги унапредуваме добрите пријателски и партнерски односи помеѓу нашите две држави, како и за добра соработка со сите соседи и во регионални рамки. Добро е што раководствата на државите во регионот се насочени повеќе од секогаш кон надминување какви било отворени билатерални прашања и за гледање кон иднината. Пријателствата и зајакнувањето на економската соработка ќе овозможат во нашата заедничка голема цел да ги мотивираме граѓаните на нашите држави и особено младите луѓе да останат да живеат и работат во своите родни земји. И Република Северна Македонија ќе продолжи да придонесува во добрата регионална соработка и европските интеграции“, рече премиерот Спасовски.
На состанокот е разговарано за можностите за поактивна соработката меѓу Република Северна Македонија и Босна и Херцеговина во делот на поврзувањето на стопанските комори, во областа на земјоделството, за планираното воспоставување авиолинија што ќе ги олесни комуникациите меѓу двете земји и граѓаните, за поттикнувања на промоцијата и соработката во областа на туризмот и во сите други области од значење за квалитетот на живот на граѓаните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Осмомартовски марш во Скопје со порака „Нема да нè снема“
По повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената, Платформата за родова еднаквост повика на традиционален марш за женски права што ќе се одржи во Скопје.
Според соопштението, маршот ќе започне во 12:00 часот во паркот „Жена Борец“, а ќе заврши пред украдената биста на Вера Јоциќ, како симболичен чин на протест против, како што се наведува, „фактичкото и фигуративното бришење на жените во општеството“.
Организаторите посочуваат дека слоганот „Нема да нè снема“ ја изразува борбата на жените за опстанок и безбедност во систем кој, според нив, често не ги штити од насилство и ги остава на маргините на општеството. Се наведува дека женската работа често е невидлива, помалку платена и недоволно заштитена, а особено ранливи се жените што работат хонорарно, кои често немаат здравствено, социјално и пензиско осигурување.
Платформата за родова еднаквост посочува и на зголемен број случаи на родово базирано насилство и фемициди, нагласувајќи дека институционалните пропусти оставаат многу жени без заштита и правда.
Со маршот на 8 март, организаторите повикуваат граѓаните да се приклучат и заедно да испратат порака дека жените ќе продолжат да се борат за еднаквост, безбедност и достоинство.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.

