Македонија
НПГ: Законот за Јавното обвинителство уште денеска да се достави во Собранието
Независната пратеничка група од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ веќе подолго време сведочат дека политичките субјекти, наместо да се насочат кон носење квалитетни законски решенија, особено кога се зборува за законот за Јавното обвинителство, во различен контекст се обидуваат да ги злоупотребат.
„Водени од интересот на граѓаните и значењето на владеењето на правото како фундаментална вредност, веќе подолго време ја следиме дискусијата за законот за Јавното обвинителство. Инспирирани од фактот дека сите политички партии јавно искажаа афирмативен став за потребата од унапредување на овој закон и спремност за дискусија, ние сакаме да им предочиме неколку факти.
1. Крајно несериозно е една година неколку луѓе, а не Собранието, преку пратениците да имаат разговори зад затворени врати;
2. Процесот треба да биде инклузивен, освен ако обете партии не сакаат политички договор наместо добар закон.
Од овие причини и од истакнатата важност на ова прашање од еврокомесарот за проширување на ЕУ, г. Вархеи, во контекст за добивање датум за почнување преговори со ЕУ, сметаме дека:
1. Министерството за правда уште денес треба да го достави законот во Собранието на разгледување на сите политички субјекти, таму каде што му е местото, а не во политичките штабови;
2. Претседателот на работното тело што ќе биде назначено, ВЕДНАШ да ги контактира експертите од областа, граѓанскиот сектор и засегнатите професионалци и итно да закаже јавна расправа во која ќе се вклучат и меѓународни преставници за целосна транспарентност на процесот;
3. Според забелешките од јавната расправа, политичките партии да се постават на ниво на државотворни чинители, да се надминат себеси и да понудат решение што ќе ги приближи нивните ставови. Во духот на владеењето на правото, по таков инклузивен процес, и НПГ, како и другите, ќе ги понуди своите размислувања за што подобро законско решение“, велат од НПГ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Oдбележување на 28 април – Светскиот ден на безбедност и здравје при работа
Во организација на МТСП и Меѓународната организација на труд со конференција на тема: „Климатските промени и безбедноста и здравјето при работа„ го одбележавме 28 април – Светскиот ден на безбедност и здравје при работа.
Сведоци сме на очигледни глобални климатски промени кои се случуваат насекаде на планетата. Резултат на тоа се сè почестите временски и климатски екстремни појави – изразито силни и чести топлотни бранови, силни врнежи, шумски пожари, поизразени сушни периоди итн. Никако не смее да се занемари фактот дека ваквите појави сериозно влијаат врз безбедноста и здравјето на работниците, кои честопати се и првите кои се изложени на овие опасности и тоа обично со изложеност која е подолготрајна и поинтензивна отколку на општата популација.
На одбележувањето на 28 април- Светскиот ден на безбедност и здравје при работа, министерот за труд и социјална политика, Ѓоко Велковски потенцирајќи го значењето на безбедноста и здравјето при работа, рече дека добар дел од несреќите при работа и појавата на професионални болести и заболувања кај работниците, можеле да бидат превенирани и спречени, но се токму последица на недоволното и несоодветното преземање на превентивни и заштитни мерки, неопходни да го заштитат здравјето и животот на работниците на работното место.
Во овој дел, тој се осврна на анализите и проценките на Меѓународната организација на трудот објавени пред извесно време.
„Проценки кои даваат една навистина застрашувачка слика, според која секоја година повеќе од 2,3 милиони работници ширум светот умираат од несреќи или заболувања кои се поврзани со работата и работното место, а дополнителни 340 милиони работници се повредуваат во различни несреќи при работа’, рече Велковски и додаде дека овие повреди и несреќи при работа, за жал се случуваат и во нашата држава.
Според податоците од Државниот инспекторат за труд, во текот на минатата – 2023 година се случиле околу 2,250 посериозни повреди при работа, од кои 17 завршиле трагично, со смртни последици по вработените.
„И токму затоа, спречувањето на ваквите ситуации, намалувањето на можностите за појава и настанување на несреќи при работа, намалувањето на ризиците на работното место, спречувањето или намалувањето на влијанието на различни опасности со кои се соочуваат или доаѓаат во допир работниците при нивната работа, … сето ова е нешто на што сите мораме заеднички и координирано да работиме, уште поинтензивно отколку досега”, потенцираше министерот Велковски.
Секоја година при одбележувањето на Светскиот ден за БЗР, во фокусот на дискусиите е одредена актуелна тема од областа на безбедноста и здравјето при работа. Така е и оваа година. Одбележувањето е тематски посветено на „Влијанието на климатските промени врз безбедноста и здравјето при работа“.
Министерот Велковски на оваа тема акцентираше дека: „Мораме да сме свесни дека промовирањето и почитувањето на основниот принцип и право на работа во безбедна и здрава работна средина, исто така помеѓу другото, значи и соодветно справување со опасните влијанија од климатските промени на работното место”.
На конференцијата, воведни обраќања, покрај министерот Велковски имаа и Владанка Трајковска, Претседателка на ОРМ, Слободан Трендафилов, Претседател на ССМ и Националниот координатор на МОТ, Емил Крстановски.
На темата: „Климатските промени и безбедноста и здравјето при работа”, говореа Горјан Јовановски, софтверски инженер и еко-активист, основач на AirCare и EarthCare.ai, проф. д-р Драган Мијакоски од Институтот за медицина на трудот и Билјана Ставреска, стручно лице за безбедност при работа од Институт за техничко испитување и безбедносен инженеринг ИТИ – Скопје.
Скопје
Герасимовски: Со видео надзор, општината ќе ја зголеми безбедноста на граѓаните и ќе ги заштити јавните добра
Советот на Општина Центар на 35. Седница на советот го прифати предлогот на градоначалникот Горан Герасимовски во општина Центар да се постави видео надзор.
Станува збор за видео надзор поради обезбедување заштита на имотoт и имотните права на општината односно Заштита на урбаната опрема (автобуски постојки, опрема во функција на туристички и културни и спортски настани, самостоечки рекламни паноа, детски игралишта, фонтани, чешми, клупи, корпи за отпадоци и други согласно законите), Заштита на инфраструктурните објекти (улици, плоштади и други инфраструктурни објекти во надлежност на Општината), Заштита на сообраќајни знаци и семафори и друга вертикална и хоризонтална сигнализација, Заштита на улична јавна осветлување, броење и евиденција на возила за статистички мерења.
Герасимовски во образложението за дополнувањето на дневниот ред истакна дека одлуката е преземена и модифицирана од други општини во кои веќе неколку години има поставен видео надзор и каде по поставувањето има намалување на штетите во општината.
„Се обидовме да ја заштитиме урбаната опрема особено детските игралишта но по сите напори не успеваме да го направиме тоа. Тие не ни траат ниту два месеци, се кршат детските реквизити, обрачите на спортските игралишта, се крши се. Затоа овие снимки може да служат како доказ за нечие дивеење. Но Министерството за внатрешни работи или Јавното обвинителство, исто така ќе може да ги користат при евентуално сторено кривично дело, нарушување на јавен ред и мир, или кршење на друга урбана опрема. Верувам дека снимките ќе ја зголемат и безбедноста во општината. Суштината е снимката да се користи како доказ за евентуална судска кривична или прекршочна постапка со цел да имаме намалување на девијантните појави во општината“, рече Герасимовски на седницата.
Македонија
Маскиран со „фантомка“ влегол во казино во Лешок, репетирал автоматската пушка и украл 329.780 денари: притвор за 28-годишник
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Тетово донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 28-годишен жител на Непроштено, осомничен за разбојништво и поседување автоматска пушка.
На 24 април, осомничениот, маскиран со „фантомка“, влегол во казино во Лешок и со автоматска пушка која на граѓаните им е забранета им се заканил на вработениот во обезбедувањето и на уште едно присутно лице. Ја репетирал автоматската пушка и им наредил на оштетените да легнат на подот, по што од фиоките на касите одзел 329.780 денари.
На овој начин осомничениот сторил кривично дело – Разбојништво по член 237 став 4 во врска со став 1, како и кривично дело – Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи по член 396 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, соопшти Обвинителството.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Тетово достави предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице, бидејќи постои опасност од бегство, можност тој да влијае врз сведоците и да го повтори делото. Судот го прифати предлогот и определи притвор во траење од 30 дена.