Македонија
Средба Џафери – Лудва: Чешка е голем поддржувач на евроинтеграцијата на нашата држава

Денес, претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, оствари средба со Јарослав Лудва, новоименуваниот амбасадор на Чешката Република во Република Северна Македонија.
Претседателот упати честитки за изборот за новиот амбасадор на Чешката Република во Република Северна Македонија, при што му посака успешна работа и изрази надеж дека неговиот личен ангажман ќе придонесе за натамошно зацврстување и унапредување на билатералните односи меѓу двете земји. Го информира амбасадорот и за работата на Собранието и неговите работните тела, предизвиците со кои се соочува земјата, како и најновите случувања на политичката сцена. Во однос на парламентарната соработка, истакна дека очекува соработката меѓу двете земји да продолжи со заемни посети на највисоко парламентарно ниво.
Џафери укажа дека континуираната и цврста поддршка што ја добиваме од Чешката Република на нашиот евроинтеграциски пат особено се цени и почитува и изрази надеж дека таа поддршка ќе биде засилена за време на чешкото претседавање со Советот на ЕУ во втората половина на 2022 година. Притоа изрази благодарност и до вишеградската група, која е меѓу најгласните поддржувачи на аспирациите на земјите од Западен Балкан за членство во Европската Унија и за јасното укажување дека билатералните прашања не треба да бидат пречка за забрзување на преговорите со земјите кандидати за членство во ЕУ од Западен Балкан. Чешката Република секогаш го истакнувала фактот дека зајакнувањето на претпристапните партнерства ќе доведе до унапредување на инфраструктурните врски помеѓу Европската Унија и Западен Балкан, како и на принципот на добро владеење.
Амбасадорот Лудва истакна дека е добар познавач на политичките состојби во регионот и искажа задоволство од можноста својата богата дипломатска кариера да ја продолжи во Република Северна Македонија. Тој укажа дека Чешката Република е голем поддржувач на евроинтеграцијата на нашата држава и очекува да го забрза процесот на интегрирање на земјите од Западен Балкан во Европската Унија за време на чешкото претседателство со Советот на ЕУ по завршување на француското претседателство.
На крајот на средбата двајцата соговорници истакнаа дека билатералните односи меѓу Република Северна Македонија и Чешката Република се на високо ниво и има заемен интерес и можност за унапредување на економската соработка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Невреме во Неготино – паднати дрвја, бандери, поплавени дуќани и автомобили

Големото невреме кое денеска го зафати Неготино зад себе остави паднати дрвја, бандери, поплавени дуќани и автомобили.
Силниот ветер носел покриви од куќи, а паднатите дрвја го блокирале патот Дуброво-Војшанци.
Невремето траело кратко но предизвикало големи материјални штети на тамошните жители.
Македонија
Ковачевски од Бигорски: Маврово и Ростуше е сплотено во поддршката за Медат Куртовски

Со посета на манастирот св. Јован Бигорски, каде претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски се сретна со епископот Партениј, започна агендата на претседателот во општина Маврово и Ростуше.
Претседателот Ковачевски истакна дека граѓаните на Маврово и Ростуше се сплотени во поддршката за кандидатот за градоначалник, Медат Куртовски и СДСМ затоа што знаат дека токму тие се гарант дека развојот на општината ќе продолжи со несмален интензитет.
„Кандидатот на СДСМ, Куртовски во својата досегашна работа се истакна со реализација на над 60 проекти за што се инвестирани блиску 32 милиони евра. Со Куртовски, Маврово и Ростuше добива нов лик, и токму затоа граѓаните се обединети, со силна поддршка за СДСМ и кандидатот за градоначалник Куртовски.“ порача Ковачевски.
При денешната посета, претседателот Ковачевски ќе се сретне и со жителите на Требиште, Велебрдо, Ростуше и Јанче.
Македонија
МЗШВ: Од први септември започнува ловот на дивите свињи како една од мерките во борбата против болеста Африканска свинска чума

Министерот за земјоделство шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, денеска донесе решение за одобрување на ловење на дивеч под заштита. Со ова решение започнува итна максимална депопулација на дивите свињи според акционен план дефиниран помеѓу МЗШВ и АХВ. Ловната сезона започнува на 1. септември на сите ловиштата на територија на државата освен во ловиштата во општините Македонска Каменица, Виница, Кочани и Делчево.
Одобрувањето на почеток на лов на диви свињи е една од мерките за спречување на ширењето на болеста Африканска свинска чума, која сериозно го загрозува свињарскиот сектор. Ваквата одлука беше донесена врз основа на координативните состаноци помеѓу министерството, АХВ и сите релевантни страни засегнати од опасноста од ширење на оваа болест.
Согласно Законот за ловство, дивечот е во државна сопственост и како добро од општ интерес на државата ужива посебна заштита и подлежи на законски мерки во случај на појава и ширење на заразни болести.
Концесионерите на дивечот во ловиштата, управувачите со државните ловишта ЈУ „Национални паркови“ и ЈП„Национални шуми“ – Скопје како привремени управувачи на ловиштата без концесионер, потребно е да го прилагодат своето работење согласно одредбата од донесеното Решение за одобрување на лов.
Концесионерите на дивеч во ловиштата се должни ловот да го организираат во присуство на ловочувар, инспектор за ловство и доктор по ветеринарна медицина, а застеланиот дивеч по завршувањето на ловот да се складира на одредено место обележано од страна на Концесионерите на дивечот во ловиштата. Исто така, се задолжуваат Концесионерите и управувачите со државни ловишта во рок од 5 дена да определат ловни денови за засилен отстрел на диви свињи и да ги превземат сите мерки пред почетокот на ловот кој согласно денешното Решение ќе започне на 01. септември.
МЗШВ континуирано ја следи состојбата со болеста Африканска свинска чума и во координација со АХВ и другите институции превзема навремени мерки. На иницијатива на министерот Николовски беше предложено итно формирање на Координативно тело како една од мерките за мониторинг и спречување на болеста Африканска свинска чума. Ова Координативно тело активно ќе ја следи состојбата и ќе дава идни препораки за потреба од превземање на дополнителни мерки.