Македонија
ССМ на состанок во Владата: Дојдовме да им кажеме на функционерите дека треба да живеат на минималец ако не ги зголемат платите

Делегација од Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) точно напладне влезе на состанок со претставници од Владата. Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, рече дека не знае зошто сега се состануваат, но истакна дека има пораки што ќе им ги пренесе на владините претставници.
„Добивме повик од Владата дека денес треба да одржиме состанок. ССМ дојде денеска да ја праша Владата до кога планира работниците да чекаат зголемување на платите. Иако немаме информација за што точно ќе биде состанокот, гледаме дека и колеги од други синдикати, кои, за жал, избегаа од камерите, ќе присуствуваат на состанокот. Дополнително, ќе им кажеме на владините функционери дека едногласно донесовме одлука на јавната седница на органите и телата на ССМ, доколку не ги зголемат и минималната плата и платите на сите работници и доколку 12,6 % не се зголемат платите во јавниот сектор, дека ќе треба да поживеат и тие на минималец“, рече претседателот на ССМ, Трендафилов, и најави ново известување по завршувањето на состанокот.
Пред точно една недела ССМ, за да го искаже револтот од тоа што Владата без синдикалните претставници ја зголеми минималната плата на 400 евра место на 500, какво што беше барањето на синдикатите, на јавна седница, која се одржа пред Собранието, пред Стопанската комора и пред Владата изгласа платите на функционерите да се намалат на 500 евра сѐ до новото покачување на минималната плата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Крадци корнат бисти од гробишта – по Бутел, бронзена биста украдена и во Ѓорче

Нов случај со кражба на бронзена биста од гробишта бил регистриран во полицијата во текот на вчерашниот ден.
Скопјанка пријавила попладнето дека од гробиштата во Ѓорче Петров со употреба на физичка сила била одземена една бронзена биста.
Само два дена претходно, истото се случи и на гробиштата во Бутел. Тогаш од МВР информираа дека со употреба на физичка сила и подесен алат биле одземени три бронзени бисти.
„Макфакс“ претходно објави и дека во текот на минатата седмица беше откорнатата плоча од споменикот на децата бегалци во паркот „Жена борец“ во Скопје. Украден е релјефот од бакар, мотив на мајка со три деца, прицврстен на постаментот, отстранети се и бронзените букви од натписот „Татковината – копнеж на прогонетите“
Од МВР велат дека се работи на расчистување на случаите.
Македонија
Дрво падна кај Млечен, оштетени три автомобили, скинати кабли од бандера

Дрво попладнево падна на улицата Анкарска кај популано именуваниот реон „Млечен ресторан“.
Паднатото дрво има оштетено три автомобили.
Од Центарот за управување со кризи, информираа дека полицијата е на лице место и настанот е пријавен во ЈП ,,Паркови и зеленило” за да го отстранат паднатото дрво од улицата.
Исто така, дрвото, при паѓањето, има скинато кабли од бандера.
Известени се надлежните институции за санација на скинатите и откачени кабли.
Фото: Илустрација
Македонија
Села му одговори на Таравари: Без доверба и чест нема ниту куќа, ниту врата

Едниот од лидерите на поделената Алијанса за Албанците, Зијадин Села, преку социјалните мрежи му одговори на неговиот поранешен сопартиец, Арбен Таравари за можноста за повторна соработка.
„Според албанската традиција и обичајното право, домот не е едноставно место каде што живееш, туку тоа е име и идентитет! Дали вратата или куќата е голема или мала го прави сопственикот на куќата. Честа, довербата, дадениот и одржан збор и мажественоста се атрибутите кои овој сопственик мора да ги има. А кога ги нема, тоа не се нарекува ниту куќа, ниту врата, а камоли голема“, се вели во објавата на Села.
Таравари претходно вчера рече дека кој сака е добредојден да им се придружи. Одговарајќи на новинарско прашање дали е можно повторно спојување со лидерот на другото крило од Алијанса за Албанците, Зијадин Села, тој изјави: „Јас кажав дека нашата куќа, нашата фамилија е голема, за сите вратите се отворени, така што, кој сака нека повели, добредојден е“.

„Јас кажав дека нашата куќа, нашата фамилија е голема, за сите вратите се отворени, така што, кој сака нека повели, добредојден е“ – Арбен Таравари
Алијансата за Албанците на Таравари одлучи на локалните избори да излезе со посебни листи за општински советници.