Македонија
ССМ утре од 11 часот ќе ја блокира Владата: Ќе донесеме и одлука за генерален штрајк, видовме дека на маса не нè слушаат
Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) утре во 11 часот со 21 работник ќе ги блокира влезовите во Владата оти се игнорираат нивните барања минималната плата да се зголеми на 600 евра и сите останати за 100 евра, а најави и одлука за генерален штрајк и во јавниот и во приватниот сектор. Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов и денес објасни зошто само 21 работник ќе је блокира Владата.
„ Зошто 21 човек? Затоа што тоа е законскиот минимум за да блокираме некоја институција или некоја сообраќајница. 21 човек затоа што некој кажа дека ќе ги заокружуваат луѓето кои протестираат, дека ќе ги оцрнуваат луѓето кои ќе протестираат и дека на таков начин сакаат да упатат порака до секој еден кој смета дека треба да излезе на улица и да даде поддршка на работниците односно да се поддржи самиот себе во борбата за платите“, објасни претседателот на ССМ Трендафилов.
Тој потсети дека ССМ протестира оти Владата и газдите до 31.12. не се договорија за зголемување на платите.
„Владата ги остави работниците на минимална плата да се договараат со газдите за зголемување на минималната плата, а кога синдикатите и работодавачите минатата година се договорија за зголемување на сите плати за најмалку 6.000 денари и за таков начин Владата да даде сопствен придонес преку ослободување од плаќањето на придонесите за задолжително социјално осигурување, денеска поради самобендисаноста на поединци во Владата таа одлука го чини државниот буџет или државната каса најмалку 10 милиони евра месечно или најмалку 120 милиони евра годишно“, рече претседателот на ССМ, Трендафилов.
ССМ нема да сопре со активностите за зголемување на минималната лата со блокадата на Владата. Доколку повторно не наиде на соработка, Трендафилов најави генерален штрајк.
„Пред донесување одлука за генерален штрајк во јавниот и во приватниот сектор сме. Работниците бараат од ССМ да повика на генерален штрајк онака како што тоа го прават нивните колеги во Грција, Белгија, Франција и други држави. ССМ ќе донесе одлука за организирање на генерален штрајк и со таа одлука секој работник ќе биде заштитен. Генералниот штрајк, според размислувањата, треба да трае 24 часа и за време на штрајкот нема да се извршуваат работните задачи. Сметаме дека сите треба да застанеме рамо до рамо бидејќи видовме дека на маса не нè слушаат, а од улица нè слушаат“, најави претседателот на ССМ, Трендафилов.
ССМ по големиот протест во јануари, овој месец веќе ги блокираше Собранието и стопанските комори и од улица им порача на пратениците и на работодавачите дека нема да се откаже од барањето минималната плата да се зголеми ан 600 евра, а сите останати да се зголемат за најмалку 100 евра.
И покрај протестот и блокадите на работниците Владата не се премисли и остана на ставот дека работниците треба да се договорат со работодавачите за зголемување на минималната плата, а онаму каде што Владата е работодавач, веќе договори зголемување на платите за 40 % до 2028 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: Велеа решен проблем со транспортерите, а не е, ќе понесе ли Николоски одговорност
Вицепремиерот Николовски велеше не се секирајте проблемот на транспортерите е решен, разговаравме со Европската Унија, нема да има проблем, но еве не е решен, укажа претседателот на СДСМ, Венко Филипче на средбата со Општинската организација на СДСМ во Гевгелија. Филипче посочи дека дел од компаниите веќе се селат во Бугарија и во Хрватска.
„Гледате како излажа вицепремиерот Николовски за транспортерите. Што велеше, не се секирајте, завршен е проблемот, разговаравме со Европската Унија, нема да има проблем. Еве, не е така. Ќе понесе ли одговорност затоа што не ја зборел вистината? Зборувавме со неколку компании. Веќе се селат во Бугарија и во Хрватска. Таму ќе ги регистрираат транспортните компании“, рече Филипче.
Во обраќањето Филипче нагласи дека владата на ВМРО-ДПМНЕ свесно ја доведе државата до состојба на изолација и без јасен план за напредок, што носи сериозни последици врз економијата, компаниите, граѓаните.
„Целосно не изолираа, целосно не изолираа. Ќе го враќаа името, ќе обезбедеа подобра преговарачка позиција. Ништо од тоа. Ништо. Ние сме изолирани, слепо црево на Балканот. Нема план како напред, кажува премиерот, што не кажуваше пред изборите 2024 дека ќе го запре целосно европскиот пат и нема да има уставни измени. Тој велеше и ветуваше, ќе има подобра преговарачка позиција за земјата. Затоа му дадоа поддршка луѓето, не за да го запре европскиот пат на земјата којшто трае од 1991 прва година“, рече Филипче.
Тој додаде дека премиерот Мицкоски нема право да ја држи изолирана државата и да ја загрозува иднината на граѓаните.
„Тој нема право да го прави тоа, тој нема никакво право, ни морално, ни политичко, да ја запре земјата, да ја изолира, да не стави целосно на страна, под силно влијание на српско-унгарски интереси, на медиумска мрежа којашто не ја кажавме ние, ја анализираа независни истражувачки новинари.Кажаа дека таква мрежа, која што шири антиевропски наратив, проруски наратив е контролирана од Орбан. 40% од медиумите кај нас се под контрола на Орбановата мрежа на медиуми“, рече Филипче.
Македонија
Воена вежба на крајбрежјето и во водите на Охридското Езеро, надлежните апелираат на внимателност до месното население
СВР Охрид известува дека, утре (17.02.2026 година) од 04 до 09 часот, на крајбрежјето и во водите на Охридското Езеро кај караулата во струшкото село Радожда, воена вежба ќе реализираат припадниците на македонската и белгиската армија.
„При извршување на вежбовните активности, ќе биде употребена маневарска муниција поради што, апелираме до месното население на адаптирање на своите обврски и внимателност при нивното извршување како и придржување до насоките на униформираните службени лица задолжени за безбедноста на подрачјето“.
Македонија
Филипче: Премиерот се луксузирал со владин авион на одмор додека нема пари за плати
„Гледаме како се луксузирал премиерот, како го користел владиниот авион да оди на одмор без никаков срам. Треба да одговори на прашањето кој бил со него во авионот? Треба да одговори на прашањето зошто најавуваат купување на нов владин авион, за повторно да го користи во приватни цели за приватни патувања?“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче на попладневната средба со партиското членство од општинската организација на СДСМ Гевгелија, во рамки на теренските активности на партијата.
Филипче ја критикуваше власта за луксузирањето и што велат од партијата, негрижата за животниот стандард на граѓаните. Тој нагласи дека во време кога граѓаните се соочуваат со постојани поскапувања и ниски примања, власта се луксузира на грбот на народот.
„Тоа ли е целта? Во време кога не сака да им зголеми плати на работниците, прават такви трошоци, луксузирање на сметка на сите граѓани. Сите граѓани го плаќаат керозинот за тој авион“, истакна Филипче.
Се осврна на животниот стандард и одбивањето на власта да ја зголеми минималната плата.
„Ние ги премоливме, дававме закони два пати, ова е втор пат како го даваме законот за минималната плата. Луѓето не можат крај со крај да врзат. 600 евра плата не е луксуз, минимална плата. Основни потреби не може да задоволува луѓето. Колку е сметка за струја, колку е потрошувачка кошничка, не може да преживеат. Нема слух, нема слух“, порача Филипче.
Тој заклучи дека Владата нема визија и нема план за подобрување на животниот стандард, туку само задолжувања и луксузирање, додека граѓаните едвај преживуваат.

