Македонија
Стевановиќ: Заразените со лесни симптоми да се лекуваат дома
Сите оние кои имаат лесни симптоми да бидат дома, изолирани со симптоматска и витаминска терапија. Да им помогнеме на оние кои навистина имаат потреба од хоспитализација. Ова го порача директорката на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, Милена Стевановиќ, која вчера информираше за хоспитализацијата на пациенти во модуларната болница во непосредна близина на клиниката.
Во однос на кадарот кој работи во модуларната болница, Стевановиќ изјави дека постои систем на мобилизирање на медицински персонал, како среден медицински персонал, така и лекарски и специјалистички.
„Во моментот на испомош се дојдени колеги од интернистичките гранки, и тоа е практично една екипа, еден тим кој работи и во клиничката зграда и во модуларната болница. Тоа е всушност една институција сега“, рече таа.
Модуларната болница има капацитет од 70 кревети и истата е целосно опремена за третман на пациентите со Ковид-19.
Стевановиќ изјави дека поради динамиката на приеми и исписи не може да се даде предвидување како ќе се полнат болничките капацитети, но она што може да се предвиди и на што апелираат е придржувањето кон мерките како единствен начин за лична заштита и превенција од ширење на вирусот.
„Истите мерки важат насекаде во светот, многу едноставни и лесни за придржување. Само треба дисциплина, а таа сега ни е исклучително потребна. Држете дистанца, избегнувајте групирања, носете маска“, потенцираше д-р Стевановиќ.
Таа вели дека здравствените работници мора да ја издржат оваа битка.
„Едноставно мораме да издржиме, заради нас, заради вас, заради нашите и вашите семејства. Граѓаните мора да ни помогнат“, потенцираше директорката на Инфективната клиника и апелираше до медиумите да испратат порака до јавноста за почитување на мерките.
Дополнително, таа апелираше и до инфицираните со Ковид-19 во целост да ги следат препораките на стручните лица, матичните лекари.
„
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јаневска: Нашите деца до 15 годишна возраст поминуваат 900 часови помалку на училиште во споредба со нивните врсници во Европа
Слабите резултати поврзани со читање со разбирање и математичка писменост кои ги покажуваат нашите ученици на меѓународните тестирања како ПИСА и ТИМСС се причина за крупните промени кои ги започнавме пред година и половина и ќе истраеме додека значително не го подобриме образовниот систем. Фокусирани сме на оптимизација на училишната мрежа и подобрување на инфраструктурните услови, но и на воведување на едносменска настава и продолжен престој, затоа што нашите деца до 15 годишна возраст поминуваат 900 часови помалку на училиште во споредба со нивните врсници во Европа. За одделенските наставници од следната година ќе има задолжителна обука за читање со разбирање.
Ова го истакна министерката за образование и наука, Весна Јаневска, одговарајќи на пратеничко прашање што презема министерството за да го подобри квалитетот на образованието кој се огледува преку ниските постигања на учениците на меѓународните тестирања.
„Спроведуваме политики кои се креирани заедно со многу домашни и странски експерти кои работат во образовната сфера, но и со наставниците, кои пак со повеќе мерки ги мотивираме да бидат креативни и слободни при планирањето на наставата, за да ја направат интересна за учениците и ефективна. Ја продолживме старата Концепција за основно образование, но со измени кои ќе влијаат врз знаењата на учениците“, рече Јаневска.
Нагласи дека силна страна на националниот образовен систем е стручното образование. Во последните две години во средно образование се запишуваат околу 17 илјади ученици од кои 12 илјади или 70% се во стручни училишта.
„Имаме околу 4 илјади ученици во дуални паралелки во кои практичната настава ја реализираат 700 компании, најмногу досега. Дел од компаниите ги посетив и тие се задоволни од знаењата кои ги поседуваат децата. Затоа, ќе продолжиме да го развиваме концептот на дуално образование заедно со бизнис заедницата и со повеќе наши партнери меѓу кои амбасадите на Швајцарија, Германија, Австрија и Шведска“, рече Јаневска, потсетувајќи дека во земјата досега се основани седум регионални центри за стручно образование и обука, а осмиот ќе биде формиран следната календарска година.
Македонија
Мисајловски во посета на припадниците на македонската Армија во операцијата ЕУФОР – Алтеа
Министерот за одбрана Владо Мисајловски денеска во Сараево ги посети припадниците на македонскиот контингент во операцијата на Европската Унија во Босна и Херцеговина, ЕУФОР Алтеа, при што се информираше за нивниот ангажман и придонес кон безбедноста и стабилноста на земјата.
На средбата со командантот на ЕУФОР, генерал-мајор, Флорин-Мариан Барбу, министерот го истакна значењето на оваа операција за безбедноста на регионот, укажувајќи дека нашата држава речиси две декади континуирано придонесува кон напорите на Европската Унија за одржување на безбедна и стабилна Босна и Херцеговина.
Во Сараево, министерот се сретна и со припадниците на македонскиот контингент интегриран во рамки на единица од Турција, како и со македонскиот претставник во командата на ЕУФОР. На средбата, Мисајловски им честиташе за високото ниво на професионализам, ангажман и подготвеност, истакнувајќи дека токму нивната работа е најдобар пример за партнерство и доверба меѓу земјите кои придонесуваат во оваа операција.
„Горд сум на секој наш припадник кој учествува во операцијата Алтеа. Вашиот придонес не е само во функција на мирот и стабилноста во БиХ – тој е силна порака за нашата заложба како држава, за нашата посветеност на европските безбедносни политики и за нашата улога како кредибилен партнер во меѓународните мисии“, истакна Мисајловски.
Тој најави дека нашата држава ќе продолжи активно да придонесува кон зацврстување на безбедноста на регионот, преку учеството во операцијата на ЕУ во Босна и Херцеговина и НАТО – мисијата на Косово.
На тој начин, додаде Мисајловски, ја одржуваме долгорочната стабилност во регионот и безбедноста на сите наши граѓани.
Припадниците на македонската Армија во операцијата ЕУФОР – Алтеа учествуваат од 2006 година. Во моментов во рамки на операцијата учествуваат 33 армиски припадници.
Во базата „Бутмир“ во Сараево, Мисајловски положи свежо цвеќе на спомен обележјето на припадниците на македонската Армија кои загинаа во хеликоптерската несреќа кај Катлановско Блаце, а кои беа дел од оваа мисија.
Македонија
Дожд до сабота, од недела пониски утрински температури
Времето утре ќе биде облачно со повремени врнежи од дожд, пообилни во источните делови (над 35 l/m²). На планините врнежите ќе бидат од снег, а на некои од повисоките места од дожд и снег. Ќе дува умерен, наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од северозападен правец, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 6, а максималната ќе достигне од 3 до 9 степени.
Во Скопје, облачно со повремени врнежи од дожд. Во повисоките делови од котлината врнежите ќе бидат од дожд и снег. Ќе дува умерен, повремено засилен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 5 степени.
Во сабота на планините и на повисоките места ќе провејува слаб снег. Од недела времето ќе биде стабилно со ниски утрински температури, а дневните ќе бидат во пораст. По одделни котлини ќе има појава на магла и таму температурата ќе остане пониска.

