Македонија
Македонецот Стивен Ивановски е меѓу загинатите во пожарот во Кран Монтана
Младиот Стивен Ивановски, по кој се трагаше по пожарот во швајцарскиот скијачки центар Кран Монтана е идентификуван како загинат, пренесе телевизија Сител повикувајќи се на информации од блиски во семејството на Ивановски.
Според известувањето на телевизијата, неговото тело било едно од само четирите идентификувани досега од загинатите најмалку 40 лица.
Информациите што ги пренесува Би-би-си се дека досега се идентификувани две девојки од 16 и 21 година и две момчиња од 16 и 18 години и за сите се вели дека биле државјани на Швајцарија. На фејсбук-профилот на Ивановски е наведена Швајцарија како негово место на живеење.
Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија за „360 степени“ велат дека сè уште немаат официјални информации од швајцарските власти околу состојбата со Ивановски.
Денеска премиерот Христијан Мицкоски изрази сочувство до семејствата на сите загинати и рече дека како Влада остануваат на линија со државни претставници од Швајцарија и со амбасадорот во земјава.„Тоа што можев да им го пренесам од нашето искуство е дека е многу значајна брзата реакција и одредувањето на приоритети кај повредените и нивна дисперзија“, рече Мицкоски.
Вчера од министерството информираа дека министерот остварил телефонски разговор со швајцарскиот амбасадор во земјава, Кристоф Зомер и му порачал дека државата ѝ стои на располагање на Швајцарија во справувањето со оваа трагедија.
Од Министерството за здравство соопштија дека се разгледуваат можностите и расположливите капацитети за да ѝ се обезбеди соодветна поддршка на Швајцарија, во делот на медицинското згрижување на повредените од пожарот во Кран-Монтана.
Оттаму соопштија и дека веќе е воспоставен канал за комуникација со здравствените власти во Швајцарија.
По пожарот во ски-центарот во Швајцарија на социјалните мрежи беше упатен апел за помош по исчезнувањето на Македонецот Стивен Ивановски. Тој бил последен пат виден за време на пожарот што избувна на 31 декември во барот „Ле Констелејшн“ во познатиот зимски центар Кран-Монтана.
Во трагедијата се повредени 119 лица, а 50-ина од нив се префрлени или наскоро ќе бидат префрлени во земјите од Европската Унија кои имаат специјализирани центри за изгореници. Дел од пациентите се префрлаат во болниците во Франција, а дел ќе бидат трансферирани во специјализираните центри во Италија.
Командантот на полицијата Фредерик Гислер објави дека 113 од 119 повредени лица се идентификувани, а процесот на идентификација на другите шестмина е сè уште е во тек. Помеѓу идентификуваните повредени лица има 71 швајцарски државјани, 14 Французи, 11 Италијанци, четворица Срби, еден државјанин на Босна и Херцеговина, и по еден белгиски, полски, португалски и еден државјанин на Луксембург.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Аеродром и Шуто Оризари денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ке останат:
· од 09.00 до 11.00 часот корисниците, од булевар Јане Сандански бр. 30. (Општина Аеродром)
· од 09.00 до 11.00 часот дел од корисниците на ул. Индира Ганди. (Општина Шуто Оризари)
Македонија
Намалена видливост поради магла на Плетвар, Ѓавато и Пресека
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, на некои повисоки места со остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП МакедонијаПат.
Намалена видливост до 100 метри поради магла има на планинскиот превој Плетвар, Ѓавато и Пресека, извести АМСМ.
Од 05:25 часот на патниот правец P1105 Удово-Валандово има излевање на Калковска Река на коловозот, се воведува забрана за сообракајот на тој патен правец и се пренасочува на патниот правец Р1401 село Марвинци-Валандово.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Променливо облачно со повремен слаб дожд и ветер
Времето денеска ќе биде облачно со слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 9 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 7 степени.
Времето во наредните денови
Денеска наместа ќе има услови за слаби врнежи од дожд и снег. Потоа во следните два дена времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Нови врнежи од дожд, а на планините снег се очекуваат од четврток.

