Македонија
Стоилковски: Пендаровски бега од ТВ соочувања со граѓаните
Стево Пендаровски сака да биде претседател на држава, а бега од ТВ соочувања со граѓаните, бега од прашањата од опозицијата, бега од јавноста, изјави на прес-конференција, Наум Стоилковски од ВМРО-ДПМНЕ.
„Сака да биде претседател кој се појавува само на фингирани трибини, со нарачани прашања, а ако некој дури и добие шанса за вистинско прашање – му го исклучува микрофонот“, рече Стоилковски.
Тој побара Пендаровски да одговори зошто не го осудил и се оградил од приватизацијата и каква е неговата улога како Шеф на аналитика за време на гостиварските настани 1997 година и дали тоа било осмислено за да се прикрие најголемата девалвација на денарот во однос на тогашната германска марка, што се случи во истиот ден, на 12 јули 1997.
Понатаму, Стоилковски праша зошто како прв човек на ДИК, Пендаровски ги легитимирал најкриминалните избори во историјата на Македонија, кога одбил приговори во кои имало документирани случаи на насилства, влечења за коси, оружени инциденти, репетирани пиштоли, калашникови, детонирани бомби во штаб на ВМРО-ДПМНЕ.
„Дали ги оправдува и за него се неважни актуелните брзи прсти и полнења на кутии, констатирани од ДИК и поништени гласачки места? Каква е неговата улога при аболицијата на Зоран Заев за криминалот од 8 милиони евра за случајот „Глобал“ и дали е тоа принципот, принципот за неказнивост за СДСМ, заради кој што по втор пат криминалниот клан го турка за претседател на државата? Дали Пендаровски не го виде видеото од случајот „Поткуп“ каде неговото второ јас – Зоран Заев – бара мито, бара поткуп од 200.000 евра? Дали повторно би го амнестирал Заев за овој пат за случајот наречен „кај Мирчо бишкарникот“?
Зошто Пендаровски не се огради и не го осуди непотизмот и најгрубата партизација на администрацијата нарачана и спроведувана од врвот на СДСМ? Или Пендаровски ќе продолжи да го брани Заев дека не го знаел што прави генералниот му секретар Кирацовски или пак Мира Стојчевска-Дизел, кои вработија се што им е род?
Ќе го осуди ли Пендаровски барем еднаш кратењето на пензиите, криминогеноста и девастацијата во здравството, злоупотребите на репресивниот апарат, на буџетот за изборни нерегуларности.
Ќе се осуди ли Пендаровски барем еднаш јавно да го праша Заев, Зошто нема дата за преговори? Нели лани добивме датум за преговори? До каде се судските реформи? До каде се економските реформи? Зошто нема инвестиции? Каде се парите за капиталните инвестиции? Тука се надоврзува уште едно прашање дали Пендаровски аминува поткуп за изборни цели врз работници, со што се крши нивното основно демократско право, поткуп кој што го спроведува и поттикнува Зоран Заев? На крајот ќе признае ли Пендаровски каде живее и зошто при сите функции како имот има наведено само два автомобила – едно на сопругата и неговото Југо?
Почитувани ова се прашањата од кои што Пендаровски бега од дебата од соочувања, Пендаровски бега од одговори пред јавноста. Пендаровски не нуди ништо освен лажни ветувања и амнестирање на криминалот на власта“, рече Стоилковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почина хирургот и професор Владо Јаневски
По повеќегодишно боледување, на 71-годишна возраст, денеска почина познатиот хирург, професор и доктор Владо Јаневски, сопруг на министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Јаневски важеше за истакнат медицински професионалец кој зад себе остави значаен придонес во хирургијата и медицинската едукација. Во текот на својата кариера, своето знаење и искуство ги пренесе на бројни лекари и хирурзи, кои денес работат во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, како и во приватните здравствени установи.
Посмртните останки ќе бидат изложени утре, 1 март, во 11:00 часот, во капелата во Бутел.
Македонија
Евакуација од Израел побарале 11 македонски државјани
Единаесет македонски државјани досега побарале евакуација од Израел, откако утринава САД и Израел го нападнаа Иран, соопштија од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. Во моментов воздушниот простор е затворен и не е можна евакуација.
„Согласно последните информации, воздушниот простор останува затворен најмалку до понеделник. По неговото повторно отворање ќе бидат разгледани можностите и моделите за организирање евентуална евакуација, во согласност со околностите и безбедносната состојба“, велат од Министерството.
Оттаму додаваат дека во оваа фаза,препораката до македонските државјани е внимателно да ги следат официјалните известувања на израелските власти, да постапуваат согласно безбедносните протоколи и да останат во засолништа кога тоа е наложено.
„Апелираме до сите наши државјани да се воздржат од патувања кон земјите од овој регион сè до стабилизирање на безбедносната состојба. Во случај на потреба од помош граѓаните можат да се обратат на следните контакти: Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив телефон +972 54 500 8566, телефон +972 54 967 0546 и е-пошта: [email protected], како и во Министерство за надворешни работи и надворешна трговија на телефон +389 75 273 732 / +389 75 268 736 и е-пошта: [email protected]. Министерството, преку Дипломатско-конзуларното претставништво во Тел Авив, континуирано ја следи состојбата и навремено ќе ја информира јавноста за понатамошниот развој“, додаваат од МНР.
Македонија
Муцунски: Стоиме зад нашите американски сојузници
Ние стоиме зад нашите американски сојузници во справувањето со дестабилизирачките закани на Блискиот Исток, објави министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
– Соединетите Американски Држави јасно ставија до знаење дека дипломатијата е секогаш првата опција – но одвраќањето останува од суштинско значење кога постојат веродостојни ризици. Безбедноста, стабилноста и одговорноста одат рака под рака, се наведува во објавата на Муцунски на платформата „Х“.

-Во исто време, нашите амбасади и конзуларни тимови низ целиот регион се активно вклучени и работат на поддршка и помош на нашите граѓани, обезбедувајќи ја нивната безбедност и обезбедувајќи ја целата потребна конзуларна помош, се додава во објавата на налогот на министерот Муцунски на социјалната платформа „Х“.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, потврди дека САД започнале напади врз Иран во осумминутно видео објавено на неговиот профил на „Truth Social“. Во видеото, Трамп потврди дека САД започнале „големи борбени операции“ против Иран. Тој исто така вели дека целта на кампањата е да се „заштити американскиот народ“ и да се елиминираат непосредните закани што ги претставува иранскиот режим, кој го нарече „злобна група многу ужасни луѓе“.

