Македонија
Стојаноски: Во ревизорскиот извештај за Клиниката за онкологија се наоѓа потврда за системскиот криминал
Денес, на Комисијата за финансирање и буџет, ќе се разгледува конечниот извештај за извршена ревизија на финансиските извештаи и ревизија на усогласеноста за 2021 година на јавна здравствена установа Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија – Скопје.
„Ова е првпат во историјата на Собранието на Република Македонија да биде разгледуван поединечен ревизорски извештај. Од извештајот гледаме дека Државниот завод за ревизија изразил неповолно мислење во однос на вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи, како и за усогласеноста на финансиските трансакции со релевантната законска регулатива за 2021 година.
Од ревизорскиот извештај можеме да констатираме огромни пропусти во работењето на раководството на клиниката. Одговорни лица на клиниката во 2021 година се д-р Никола Васев, кој е в.д. медицински директор од јуни 2017 година, и Нехат Нухи, кој е организациски директор од јуни 2021 година“, вели Бојан Стојаноски, пратеник од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
„Не може да се амнестираат ниту министрите за здравство во тие периоди бидејќи и тие имаат клучна одговорност во дизајнирање на систем на функционирање помеѓу Министерството, Фондот и јавните здравствени установи.
Нивна е одговорноста за дизајнирање, имплементирање и одржување на интерната контрола, како и спроведување активности, финансиски трансакции и информации во согласност со релевантната законска регулатива, упатства и воспоставени политики.
Во овој ревизорски извештај се наоѓа потврда за системскиот криминал на Клиниката за радиотерапија и онкологија и затоа ќе ви прочитам еден извадок од ревизорскиот извештај.
„Клиниката нема донесено пишана процедура за процесот на прием, издавање, трошење и евидентирање на резервата лекови и медицински потрошен материјал во рамките на аптеката и секоја организациска единица одделно. Работењето во оваа област се одвива во согласност со воспоставена пракса, а месечните извештаи врз основа на кои се евидентира потрошувачката на резервите не се соодветно архивирани, потпишани и одобрени од страна на одговорните лица на организациските единици“.
Дополнително, сакаме да потенцираме дека во текот на 2016 година Министерството за здравство набавило линеарен акцелератор во вредност од 1,7 милион евра, кој до денес не е ставен во употреба. Како резултат на неговото некористење, истечен е гарантниот рок и не може да се даде понуда колку би чинело негово инсталирање и пуштање во употреба“, изјави Стојаноски.
„За крај, само сакам да истакнам дека раководството на Клиниката за радиотерапија и онкологија воопшто немало коментари и забелешки на овој ревизорски извештај, што укажува на можна политичка заштита од врвот на извршната власт.
Состојбите на Клиниката за радиотерапија и онкологија се алармантни и повеќе од загрижувачки. Овој извештај преставува крунски доказ за случувањата во клиниката.
На денешната седница на Комисијата за финансирање и буџет повикан е и државниот јавен обвинител Љубомир Јовески, кој ќе треба да одговори како е можно да има толку големи прекршувања, а тие сè уште да немаат поведено обвиненија. До нас има информации дека Државниот завод за ревизија го има пратено ревизорскиот извештај и до Јавното обвинителство уште во март оваа година. Дали доколку медиумите не објавеа дека биолошка терапија е продавана во Косово, Јавното обвинителство ќе почнеше истрага за работењето на Клиниката?
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија“ во текот на наредните неколку денови ќе го прашува државниот ревизор подетаљно да ни ги опише случувањата во Клиниката за радиотерапија и онкологија со цел добивање дополнителни информации, кои ќе бидат искористени од анкетната комисија со цел побрзо расветлување на овој грозоморен чин.
На крајот, ќе предложиме заклучоци за брзо надминување на пропустите, а од државниот обвинител ќе побараме истрагата да се интензивира и во најбрз можен рок да се поведе обвинение за овие грозоморни случувања“, додаде Бојан Стојаноски, пратеник од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Израелската амбасадорка ја поздрави реакцијата на властите по обидот за палење на синагогата
Израелската амбасадорка во земјава, Вивијан Аисен, ја поздрави реакцијата на македонските власти по обидот за опожарување на објект на Еврејската заедница и синагогата во Скопје.
„Ви благодарам, министре. Брзите и решителни акции на македонските власти за истрага и повикување на одговорност на одговорните за овој гнасен антисемитски чин се од суштинско значење за спречување на потенцијални идни инциденти“, напиша Аисен на „Икс“.
Thank you, Minister. The swift and decisive actions of the Macedonian authorities to investigate and hold accountable those responsible for this despicable antisemitic act are essential to preventing potential future incidents. https://t.co/WSwTrDr9IU
— Vivian Aisen 🇮🇱 (@VivianAisen) April 13, 2026
Претходно, министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски го осуди обидот за палење, оценувајќи го како „апсолутно неприфатлив“.
„Нема место за вакви дела во Македонија“, порача Муцунски, додавајќи дека е во тек истрага и дека сторителите ќе сносат одговорност.
Од Министерство за внатрешни работи информираа дека на улицата „Апостол Гусларот“ биле пронајдени канистер за гориво и траги од горење во двор од верски објект, по што полицијата презема мерки за расчистување на случајот.
Еврејска заедница во Македонија го осуди инцидентот, оценувајќи го како напад врз темелните вредности на општеството и предупреди на зголемен говор на омраза и нетолеранција.
Од заедницата апелираа за целосно расветлување на случајот и обединета осуда од институциите, верските лидери и граѓаните.
Македонија
Унгарија не смее да биде прибежиште за криминалци, рече Маѓар и го спомена и Груевски кој таму доби азил
Новоизбраниот премиер на Унгарија, Петер Маѓар, ја критикуваше одлуката на владата на Виктор Орбан да им одобри азил на полските политичари Збигњев Жиобро и Марцин Романовски, кои се товарат за злоупотреба на службената должност.
Тој порача дека Унгарија не смее да биде прибежиште за лица обвинети или осудени за криминал, при што го спомена и поранешниот македонски премиер Никола Груевски.
„И тоа не важи само за нив, туку и за г. Никола Груевски, поранешниот премиер на Северна Македонија“, изјави Маѓар.
Македонија
Променливо време со врнежи до четврток, најобилни на исток
Утре времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, додека попладне и во текот на ноќта во јужните и западните делови се очекуваат локални врнежи од дожд. Ќе дува умерен, а наместа долж Повардарието и засилен ветер од југоисточен правец, со брзина над 60 километри на час.
Минималната температура ќе се движи од 4 до 10 степени, а максималната ќе достигне меѓу 17 и 22 степени.
Во Скопје, претпладне ќе биде сончево, а попладне променливо облачно. Ќе дува умерен до засилен југоисточен ветер. Температурата ќе се движи од минимални 8 до максимални 21 степен.
Во наредните денови, до четврток, времето ќе биде променливо облачно со услови за локални врнежи од дожд. Пообилни врнежи се очекуваат во четврток во источните делови, каде ќе има и услови за ретки грмежи.
Во петок ќе преовладува облачно време, додека во сабота ќе биде сончево со мала до умерена облачност и слаб до умерен ветер од северен правец. Во недела претпладне ќе биде сончево, а попладне повторно ќе има услови за дожд, особено во западните делови.
