Македонија
Стојаноски: СДС го покажа вистинското лице, ги бранат судиите и обвинителите со два процента доверба, кои самите ги поставија
Бојан Стојаноски, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, имаше свое обраќање на денешната 71 седница во Собранието посветена за пратенички прашања, при што првото пратеничко прашање го упати до претседателот на Владата, Христијан Мицкоски. Стојаноски посочи дека во изминатиот период, Мицкоски, се соочува со критики и праќање на отворени писма од страна на јавните обвинители и судии кои, како што рече, сметаат дека најважната работа во реформите кон правосудството треба да биде покачувањето на нивните плати.
„Кој е вашиот став како Влада по однос на реформите и добро е да се објасни колку средства од Буџетот се издвојуваат за да овие луѓе коишто ве критикуваат, ви праќаат отворени писма и ете земаат плати, затоа што не сметам дека тоа е некое прашање коешто треба да се игнорира како што тие бараат. И на крајот од денот прашањето е какво покачување сте припремиле вие како Влада да им испорачате на нив, нормално земено низ призма на тоа какви резултати испорачуваат и тие, и колку граѓанството е задоволно од нив?“, праша Стојаноски.
Второто пратеничко прашање, Стојаноски исто така го адресира до претседателот на Владата, и кажа дека во Собранието во моментот е актуелно носењето на Буџетот за 2026 година и дека веќе 11-ти или 12-ти ден дебатираат на Комисијата за финансирање и буџет и истакна дека опозициската СДС има припремено само 3-4 тези кои ги изнесува човекот број 2 во Владата на Заев и Ковачевски, човекот којшто е одговорен за економски политики, зборуваат луѓе, за кои како што рече 7 години една шајка не заковале.
„Дали македонските граѓани и Република Македонија ќе може да се надеваат на завршување или отпочнување на нови капитални проекти за 2026 година, бидејќи стратегијата на СДС е јасна, да се создаде некоја магла во јавноста и да се дебатира на еден начин што направивте вие, што направивме ние. Не сметам дека тоа е соодветен начин за трудот којшто оваа Влада го вложува и за проектите коишто ги испорачува кон граѓаните. Така што, добро е ете да се одговори на една ваква сцена за капиталните проекти коишто според мене се и една движечка сила на македонската економија, но и она коешто е поважно тоа го споменуваат и во економските извештаи и релевантни институции како Европската Комисија“.
Стојаноски, третото пратеничко прашање го упати кон министерот за земјоделие, Цветан Трипуновски, при што истакна дека изминатите денови во Собранието, еден лик сака да се претстави како спасител на македонското земјоделие.
„Јас сметам дека тука еве треба да се одговори на следново прашање, неколку лица се осомничени за примање поткуп меѓукои и директорот на Платежната Агенција, токму тој господин вели дека истрагата треба да се прошири и сметам дека е една лага којашто на никого нема да му донесе добро, а најмногу ќе и одмогне на нашата држава, а тоа е дека Брисел ги стопирал средствата за ИПАРД фондовите и затоа сметам дека треба да се даде можност вие како министер за земјоделие да одговорите на ова прашање.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ избра нови претседатели на повеќе партиски комисии
На првата редовна седница на новиот состав на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, донесени се одлуки за кадровски освежувања и распишување огласи за раководни позиции во партијата, информира премиерот и лидер на партијата, Христијан Мицкоски, преку објава на Фејсбук.
Извршниот комитет одлучил да распише огласи за избор на нови претседатели на Унијата на млади сили, Унијата на жени и Унијата на ветерани, како и генерален избор на претседатели на сите општински комитети на ВМРО-ДПМНЕ.
На седницата биле избрани и нови претседатели на повеќе партиски комисии. За претседател на Комисијата за здравство е избран Сашо Клековски, на Кадровата комисија Благоја Ташаминов, на Комисијата за безбедност и одбрана Панче Тошковски, додека за претседател на Комисијата за туризам е избран Аккан Махмут.
За претседател на Градскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје е избран Златко Перински.
„Промени. Го слушаме гласот на членството. Вистинскиот избор за заедничка иднина!“, напиша Мицкоски во објавата.
Македонија
Даниел не се замерил со никого, мотивот најверојатно е пари, рече адвокатот на Кајмакоски кој по киднапирањето е стабилен, но под стрес
Македонскиот пејач, Даниел Кајмакоски, беше киднапиран во Белград ноќта меѓу сабота и недела, а по трауматичниот настан моментално се опоравува, со поддршка од семејството и најблиските.
Неговиот адвокат Бранислав Станишиќ потврди дека Кајмакоски е физички стабилен, но дека последиците од шокот сè уште се присутни.
Како што наведе, истрагата е во тек.
„Истрагата е во тек и таа ќе потрае. Што се однесува до Даниел, тој е психички и физички добро, што во овој момент е најважно за него и за семејството. Оваа ситуација остави, условно кажано, последици од шок, но фала му на Бога, ги надминува“, изјави Станишиќ, пренесоа српските медиуми.
„Ако ме прашате за самиот случај, не можеме да изнесеме премногу информации додека осомничените за извршување на ова гнасно кривично дело не бидат приведени пред правдата, бидејќи потрагата по нив сè уште трае. Во договор со полицијата, во овој момент не можеме да споделиме повеќе детали. Осомничените го напуштиле местото кај Рума, односно локацијата каде што автомобилот останал запрен по удар во банкина. Оттогаш ја напуштиле таа област и по нив сè уште се трага“, додаде адвокатот.
Тој изјави дека потрагата се движи во насока на лица кои најверојатно се од турско потекло.
„Засега тоа е информацијата со која располагаме. Најверојатно не се државјани на Република Србија. Зборувале на турски јазик или на некој сличен, а и нивниот изглед упатувал на тоа дека се од некоја таква земја. Не знаеме дали станува збор за мигранти или во каков статус престојувале тука. Со Даниел сум во постојан контакт и реагираме во координација со полицијата“, рече Станишиќ.
Адвокатот нагласи дека Кајмакоски не се замерил со никого и дека немал причина да претпостави дека би можело да му се случи вакво нешто.
„Даниел пред сè е уметник и не е човек кој би можел да препознае знаци дека некој евентуално го следи. Тој лично не забележал ништо. Никогаш никому не му замерил, нема причина некој од лични побуди да посегне по него. Да имало некаков сомнеж, веројатно и самиот би помислил дека нешто вакво може да се случи. Својот работен ангажман го извршува професионално и никогаш не бил дрзок или навредлив кон некого“, изјави Станишиќ.
Тој додаде дека според нивната проценка, мотивот најверојатно бил материјална корист.
„Ова најверојатно е направено со цел стекнување материјална корист. Даниел има доверба во полицијата и убедени сме дека тие професионално ќе си ја завршат работата. Се надеваме дека потрагата по осомничените ќе заврши брзо, бидејќи полицијата е на висина на задачата“, заклучи адвокатот.
Македонија
Четворица заболени од шуга во касарната во Велес, епидемиологот Оранска рече дека болеста е донесена однадвор
Кај четворица слушатели на курсот за професионални војници во велешката касарна е потврдена шуга. Тие се пуштени на домашно лекување и се во стабилна состојба, додека од Армијата велат дека се спроведени здравствени протоколи и дека состојбата на останатите слушатели е под редовен надзор.
Потполковник Лариса Оранска, епидемиолог во Воено-медицинскиот центар, информира дека првиот случај бил регистриран минатиот четврток, по што веднаш бил извршен увид и биле активирани превентивни мерки. Заболеното лице било упатено на специјалистички преглед и домашно лекување, а потоа бил спроведен вонреден здравствен надзор.
Сите присутни војници биле прегледани, при што лицата со кожни промени биле дополнително упатени на специјалист. Останатите се без симптоми и продолжуваат со редовните активности. Оранска посочи дека болеста не потекнува од Армијата и дека, според проценките, е внесена однадвор.
„Шугата сигурно е донесена однадвор. Досега не сме имале во Армијата случај нити кај старешините, нити кај професионалните војници. Тоа е сигурно внесено однадвор“, изјави Оранска.
Во објектите каде што се сместени слушателите е спроведена целосна дезинфекција, дезинсекција и дератизација. Надзорот ќе продолжи секојдневно, имајќи предвид дека инкубацијата на болеста може да трае од 10 дена до шест недели.
Портпаролот на Генералштабот, потполковник Дарко Стерјовски, изјави дека условите во касарната се во согласност со правилниците и ги отфрли наводите за несоодветни услови, вклучително и тврдењата дека нема топла вода. Според него, во објектот има соодветно греење и услови за нормален живот и обука.

