Македонија
Строги правила и јасни процедури: Министерството за енергетика почна процес за усогласување на Законот за возилата со европските правила
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини почнува процес за усогласување на Законот за возилата со европската регулатива ЕУ 2018/858 и современите стандарди во постапките за одобрување, увоз и надзор на возилата.
Со цел добивање јасни насоки за усогласување на Законот за возилата, работниот состанок го водеше Роберт Јерончиќ, реномиран експерт од Република Словенија со долгодишно искуство во развој и имплементација на европското законодавство за возила.
На состанокот учествуваа претставници од Бирото за метрологија, Царинската управа, Метролошкиот совет и повеќе релевантни институции, кои се дел од постапките за одобрување, увоз и контрола на возилата.
На состанокот присуствуваше и министерката Сања Божиновска, која ја нагласи потребата од системски и доследен пристап во примената на законодавството во оваа област.
„Македонскиот Закон за возилата мора, конечно, да почне да се применува доследно и усогласено со европските правила. Време е сериозно да ги забрзаме процесите и да воспоставиме јасни, прецизни и предвидливи процедури“, истакна Божиновска. Таа додаде дека институциите веќе добиле „јасни насоки за забрзана и суштинска хармонизација со регулативата на Европската Унија“.
Целта на состанокот беше да се дефинираат конкретни чекори за конечно воспоставување усогласен, јасен и предвидлив систем, кој ќе обезбеди:
· целосно приспособување на националното законодавство кон европската регулатива,
· современи процедури за одобрување и увоз на возила,
· построг и ефикасен надзор,
· засилен институционален ред во сите фази на процесот – од документирање до контрола.
На средбата преку размена на практики и експертиза беше потврдена заедничката определба за воспоставување ред, поголема транспарентност и целосно усогласување со европските стандарди. Како продолжение на денешната работа, утре ќе се одржи и специјализирана работилница на истата тема, на која ќе присуствуваат сите релевантни институции и стручни служби. Работилницата е насочена кон финализирање на техничките насоки и подготовка на конкретни измени за модернизирање на Законот за возилата.
„Министерството продолжува активно и системски да работи на усогласувањето со европското законодавство и зајакнувањето на институционалните механизми за контрола и надзор со цел градење модерен, безбеден и транспарентен пазар на возила“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Центар, Бутел и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска се планирани неколку прекини во снабдувањето со електрична енегија на корисниците од градот Скопје и неговата околина и тоа:
· во период од 06:00-10:00 часот корисниците на улицата Пајак, улицата Наум Наумовски Борче (од Костарика до Министерство за земјоделие), општина Центар;
· во период од 08:30-14:30 часот корисниците на дел од улицата Радишанска, општина Бутел;
· во период од 09:00-12:00 часот корисниците на улицата 29 Ноември бр.37, општина Центар;
· во период од 09:00-14:00 часот корисниците на дел од улицата Урош Џудовиќ, општина Карпош.
Македонија
Сообраќајот низ државата се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Претежно облачно со повремени врнежи од дожд, на планините снег
Облачно, со повремени врнежи од дожд кои ќе бидат поинтензивни во југоисточните делови (над 15 l/m²), а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух вренежите од дожд ќе преминуваат во снег и на некои од повисоките места. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 5 до 11 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредните денови
Денеска ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен дожд, во југозападните делови над 15 l/m², а на повисоките места врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Нови врнежи ќе има и во текот на седмицата кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег. Од денеска ќе има појава на магла по одредени котлини. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер.

