Македонија
Струмица не доби пари оти конкурирала со веќе почнат проект, Мицкоски апелира до 16 ноември да поднесат нови проекти
Четирите локални самоуправи што не добија пари од унгарскиот кредит, Струмица, Град Скопје, Сарај и Теарце, до 15 ноември може да поднесат нови проекти и повторно да се обидат да добијат финансирање од централниот буџет. Премиерот Христијан Мицкоски апелира градоначалниците да постапат како што постапиле и сите други.
„Струмица не доби пари затоа што конкурира со проект кој веќе е почнат и има избран изведувач, кој е во тек. Апелирам до раководството на Општина Струмица да ја искористи можноста до 15 ноември да поднесе нови проекти што би можеле да ги финансираме. Понатаму, Општина Теарце, која поднесе проекти преку приватна имејл-адреса, го повикувам градоначалникот да постапи како и сите други 79 градоначалници на начин на кој сето тоа се прави. Имаме некомплетна документација поднесена од Општина Сарај. Очекувам до 10-15 ноември и ова да биде отстрането. Станува збор за патна инфраструктура во едно населено место, мислам дека е Ласкарци, и плус еден водовод. Очекувам до 10-15 ноември и тоа да биде надминато“, рече премиерот Мицкоски.
Тој не гледа политика во одбивањето на проектите поднесени од градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска.
„Град Скопје е одбиен бидејќи конкурира со проекти што се некомплетни. Бараат автобуси, бараат средства за одржување на хигиената на улиците, а истовремено веќе имаат од Владата пренесени речиси 10 милиони евра, 600 милиони денари, кои стојат на сметката за реализација на една капитална инвестиција, булеварот Хасан Приштина. Веќе две години, за жал, ништо не е направено по таа основа. Очекувам во следниот период и таму да се подобрат инвестициските перформанси“, рече денес премиерот при посетата на Радиовце, општина Брвеница.
По одбивањето на проектите, градоначалникот на општина Струмица, Костадин Костадинов, обраќајќи им се на струмичани, рече дека нивниот град повторно е трн во окото и дека против нив е отворен фронт, кој ќе биде зачеток на нов порив за слобода.
Со пари од унгарскиот кредит Владата извести дека одлучила да финансира вкупно 274 проекти во 77 општини со вкупна вредност од 65 милиони евра. Проектите ги одобрија евалуациони комисии од шест ресорни министерства.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

