Македонија
Медицинскиот тим од струшката Итна помош застанал на кафе на барање на ќерката на пациентот, кој лежел во комбето, Меџити сепак ќе бара одговорност
Министерот за здравство, Фатмир Меџити, ќе бара одговорност од Итната помош при Здравствениот дом Струга, чии здравствени работници беа фотографирани како пијат кафе на бензинска станица додека пациентот во комбето ги чека со маска за дишење. Од кабинетот на министерот за здравство, Фатмир Меџити, за „Макфакс“ велат дека разговарале со сите засегнати страни, вклучително и ќерката на пациентот.
„Се работи за пациент, кој во понеделникот беше испишан од болница и требало да биде пренесен во Општата болница во Струга. Пациентот бил во терминална фаза од болеста. Тој и ќерка му тргнале сами на нивно барање со сопствен превоз. Меѓутоа, кога стигнале до излезот на градот, ќерката сфатила дека нема да може сама и се јавила во Здравствениот дом во Струга. Од таму обезбедиле возило, кое набргу пристигнало. Кога дошло возилото, ќерката на свое барање, бидејќи ништо немала пиено и јадено цел ден, ги замолила да застанат. Татко ѝ бил свесен, контактибилен, во текот на целиот ден. Оваа информација во целост ја потврди ќерката на пациентот. И покрај тоа што таа барала, не е дозволено застанување на брзата помош на тој начин и Министерството за здравство поведе инспекциски надзор и побара изјаснување од страна на директорот на Здравствениот дом во Струга. По наодите, ќе се преземат соодветни мерки“, велат од кабинетот на министерот Меџити за „Макфакс“.
За овој случај вчера одговорност побара новинарка, која на министерот Меџити му покажа фотографија од пациентот и од медицинскиот тим од Итната помош седнат на кафе, а тој најави дека веднаш ќе го испита случајот и ќе преземе мерки.
Некои од медиумите денес јавија дека пациентот, кој бил болен од карцином, починал неколку дена по пренесувањето во Струга, но Министерството за здравство не одговори на прашањето дали е точна оваа информација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

