Македонија
Судијата Иван Џолев нов претседател на Судско-медиумскиот совет
Судско-медиумскиот совет (СМС) го избра раководството кое ќе го претставува во следните две години. Претседател во новиот состав е Иван Џолев, судија од Основен кривичен суд, а потпретседател е Христина Беловска, новинарка од Телевизија 24. На состанокот присуствуваа 12 од вкупно 15 членови на Судско-медиумскиот совет.
„Под влијание на СМС, судиите и новинарите почнаа повеќе да комуницираат, почна да се развива меѓусебна доверба, размена на информации, се надополнувавме , но и се критикувавме едни со други, а бенефитот од сето ова го имаа граѓаните кои добиваа навремени, точни информации. На овој начин директно, но и индиректно влијаевме и во зајакнувањето на демократските капацитети, а на некој начин воспоставивме и нов систем на граѓанска контрола на судското постапување, но и на владење на правото“, рече Џолев.
Беловска кажа во периодот што следува ќе се бара пристап до пресуди, решенија за притвор и други документи.
„Ако на новинарите им е забранет пристапот до судница или увидот во судски документи, автоматски и граѓаните ќе немаат можност да видат како некој е осуден и дали се применуваат законите без привилегии и дискриминација. Затоа ние судските известувачи се залагаме преку СМС да се променат работие. Изминатиот мандат, издејствувавме пресудите во Кривичниот суд да се снимаат целосно и да се стримаат на Фејсбук и во живо. Ќе бараме пристап до пресуди, решенија за притвор и други документи. Притоа членувањето во СМС не значи компромиси на штета на новинарството, напротив преку правните школи кои ги организиравме добиваме поостручени, поинформирани новинари кои ќе критикуваат и понатаму, не манипулативно, туку аргументирано и издржано“, вели Беловска.
Новиот состав на Судско-медиумскиот совет брои 15 члена, од кои осум се новинари од различни медиуми, а седум се од редот на судиите од различни апелациони подрачја.
Учеството во ова тело е базирано на волонтерска основа.
Во насока на поголема соработка и отворање на судовите кон јавноста, Судско-медиумскиот совет се формираше првпат во Северна Македонија, но и во Европа, во септември 2018 година, по претходни искуства на две вакви советодавни тела во Соединетите Американски Држави.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Посебен режим на сообраќај во Скопје за празникот Водици
На 19.01.2026 (понеделник) Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе воведе посебен режим на сообраќај за одредени сообраќајници во Скопје.
Во центарот на Скопје за сообраќај ќе биде затворена ул. „Филип Втори Македонски“ на потегот од крстосницата со бул. „Гоце Делчев“ до крстосницата со ул. „11 Октомври“ во двете насоки.
Во општина Ѓорче Петров за сообраќај ќе бидат затворени сообраќајницата од црквата „Свети Петар и Павле“, бул.„Партизански Одреди“ до ул.„Ѓорче Петров“, ул.„Ѓорче Петров“ до ул.„Васил Чакаларов“, како и од црквата „Свети Пантелејмон“, ул.„Козле“, дел од ул.„Васил Чакаларов“ до Железничкиот мост на реката Вардар. Во општина Аеродром за сообраќај ќе биде затворен локалниот пат кон Горно и Долно Лисиче.
СВР Скопје апелира со сите учесници во сообраќајот да ги прочитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници.
Македонија
Утре локални врнежи од дожд, на планините снег
Утре на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места и на планините од снег. По одредени котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 6 степени, информира УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд и појава на магла. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 5 степени.
За време на викендот на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места од снег.
Во поденелник и вторник има преодно стабилизирање на времето, а од среда повторно ќе има врнежи претежно од снег. Од утре до крајот на неделата има услови за појава на магла по одредени котлини. Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање.
Македонија
Министерството за здравство ги кани на соработка нашите лекари кои работат во странство
Министерството за здравство информира дека на веб-страницата на МЗ од денес е активиран електронски модул на кој лекарите кои моментално работат или специјализираат во странство може да изразат интерес за соработка со нашиот здравствен систем.
-Во рамки на нашите заложби за дигитализација во здравството, овој електронски модул претставува директен канал за стручна соработка со дијаспората, со цел полесно мапирање профили и експертизи кои може да придонесат во нашиот здравствен систем. Меѓусебната соработка со овие лекари е предвидено да опфати обуки, едукации, менторство, консултации или проектна поддршка, како и други стручни ангажмани. Во оваа прилика ги повикувам да се пријават нашите лекари кои работат во странски медицински центри, лекари кои се на специјализација или супспецијализација во странство, или лекари кои се ангажирани во странски академски и научно-истражувачки установи, потенцира министерот за здравство, Азир Алиу.
Пријавувањето се врши исклучиво преку електронскиот модул на веб-страницата на Министерството за здравство, по што Министерството ќе ги контактира лекарите за конкретна соработка што одговара на нивниот профил.
Во електронскиот модул насловен „Лекари од дијаспората“ предвидено е лекарите да пополнат повеќе лични и професионални податоци, детали за клучните области на експертиза, лиценци, сертификати, листа на публикации, како и сегменти на соработка за кои изразуваат интерес.

