Македонија
Судот во Стразбур донесе пресуда во корист на колумнистот Никола Гелевски

Европскиот суд за човекови права во септември 2020 донесе пресуда со која ѝ се наложува на Република Северна Македонија да му исплати надомест за штета во висина од 3.000 евра на Никола Гелевски, поради повредено право на слобода на изразување.
Оваа пресуда е поврзана и се однесува на случајот во кој тогашниот главен уредник на телевизијата „Сител“ и главен и одговорен уредник на весникот „Вечер“ – Драган Павловиќ Латас, покрена судски процес против Никола Гелевски поради неговиот текст „Мегафоните од фиреровиот сокак“, публикуван на 31 март 2009 година во „Утрински весник“. Павловиќ тогаш сметал дека Гелевски ги повредил неговите чувства. Судскиот процес траеше околу една година, а Павловиќ пред македонските судови, во време на груевизмот, ја доби приватната тужба за навреда и клевета против некогашниот колумнист на „Утрински весник“, Никола
Гелевски.
Откако пресудата против Гелевски ја потврдија Апелациониот и Уставниот суд, Гелевски поднесе тужба до Судот за човекови права во Стразбур, кој пресуди во негова корист. Во образложението на пресудата се наведува дека „Владата признала дека имало мешање во слободата на изразување на жалителот“.
Во овој процес пред ЕСЧП, аргументите на застапниците на државата биле дека мешањето било законско и служело на легитимна цел, односно заштита на угледот на другите, и барале Судот да не ги прифати како доказ колумните на Гелевски. Но сепак, во образложението на пресудата на Судот за човекови права, меѓу другото, се вели „Судот забележува дека жалителот (Никола Гелевски) бил редовен колумнист во дневен весник. Затоа мешањето мора да се испита во контекст на суштинската улога на слободата на медиумите во
обезбедувањето правилно функционирање на демократското општество“.
Исто така, во врска со јазикот што го користел Гелевски, Судот повторува дека „на поединци, а особено на новинари, кои учествуваат во јавна дебата за прашање од општ интерес им е дозволено да применат одреден степен на претерување или провокација“. На крај, Судот смета дека „кривичната пресуда изречена на Гелевски несомнено може да има застрашувачки ефект врз медиумите во политичката дебата за прашања од важност“. Контекстот на спорот и конкретниот „инкриминиран“ текст на Гелевски, напишан како
реакција на тепањето на студентите кои протестираа против изградба на црква на скопскиот
плоштад на 28 март 2009 година можете да го прочитате тука: https://okno.mk/node/27016.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ДУИ: „Влен“ покажа елементарно непознавање на законодавната процедура, додека ЗНАМ и ВМРО-ДПМНЕ продолжуваат да се потсмеваат со нив

„Процесот на вработувања во државните институции се одвива селективно и дискриминаторски, при што Албанците остануваат целосно непретставени. Секојдневно, нивното исклучување станува редовна пракса на оваа Влада“, велат од ДУИ.
„Наместо да се зајакне правичната застапеност, Владата предлага замена на постојниот законски механизам (балансерот) со нефункционална комисија која еднаш годишно ќе подготвува „анализи“. Таквиот модел не гарантира ниту застапеност, ниту фер примена на законот, ниту основна еднаквост.
Дури и овој навредлив предлог-закон не се испраќа во Собранието, што укажува на понижувањето и недостаток на капацитет од страна на остатоците на ВЛЕН.
„Влен“ досега покажа елементарно непознавање на законодавната процедура, додека ЗНАМ и ВМРО-ДПМНЕ продолжуваат да се потсмеваат со нив ангажирајќи ја Каракамишева да изготви навредлив закон, кој потоа и самите не се осмелуваат да го достават до Собранието.
ДУИ бара од надлежните институции и од меѓународниот фактор внимателно да ја следат оваа ситуација и да реагираат на назадувањето на правичната застапеност на Албанците во јавните институции“, се наведува во соопштението на ДУИ.
Македонија
Муцунски од Мала Преспа: Преку конкретни проекти ќе продолжиме да ја јакнеме врската со дијаспората

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, заедно со министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, и министерот за култура, Зоран Љутков, вчера ја посетија Мала Преспа и општина Пустец – домот на македонското малцинство во Албанија. Во рамки на посетата, министрите остварија топли и конструктивни средби со локалното население и присуствуваа на свеченото отворање на фестивалот „Македонско културно лето“, каде настап имаше Велешкиот театар.
„Мала Преспа и Пустец се жив доказ дека етничката и културната разноликост не разделува, туку обединува. Благодарение на официјалниот статус на македонскиот јазик, двојазичното образование, активната дипломатска и прекугранична поддршка од нашата Влада – заедно со посветеноста и ангажманот на локалното население – македонската заедница во Албанија успева да ја зачува својата уникатност, да ја негува врската со матичната земја и да гради мостови на пријателство меѓу двете држави“, истакна министерот Муцунски во својата објава на социјалните мрежи.
На средбите со Македонците од Албанија, министерот ги сослуша нивните предизвици и се обврза дека поддршката од државата нема да остане само на декларативно ниво.
„Преку конкретни проекти и активности, ќе продолжиме да ги јакнеме врските на дијаспората со татковината. Само така ќе ја чуваме и пренесуваме македонската историја, култура и традиција во овој значаен дел од Балканот“, порача Муцунски.
Министерот упати искрена благодарност за поканата и срдечниот пречек и истакна дека секогаш со задоволство ќе се враќа во Пустец – помеѓу Македонците во Албанија.
Македонија
Герасимовски: Во мојот мандат Центар доби целосна поддршка за урбаната велосипедска култура

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, на средбата со жителите од строгиот центар разговараше за најгорливите урбани предизвици: сообраќајниот метеж, загадениот воздух и потребата од алтернативен превоз.
„Она што секојдневно го отежнува животот во Центар е хаосот во сообраќајот. Затоа вложуваме во решенија за почист воздух и подобар квалитет на живеење“, истакна Герасимовски.
Тој потсети дека Центар е првата општина што воведе субвенции за алтернативен превоз, велосипеди, електрични велосипеди и тротинети, мерка што се надградува од година во година:
„Во мојот мандат воведовме и субвенции за дополнителна опрема, за што интересот постојано расте. Само годинава, од предвидените 600.000 денари за велосипеди, веќе се субвенционирани 197 граѓани”, рече Герасимовски, посочувајки дека во последните три години се дадени субвенции за над 500 велосипеди.
„Жителите на Центар заслужуваат модерен и одржлив град. Затоа продолжуваме со инвестиции во алтернативен превоз, почиста животна средина и поздрав начин на урбано живеење“, порача Герасимовски.