Македонија
Судот одново ќе утврдува дали МАН ги наклеветил Фросина Ременски и сопругот

Апелационите судии Лидија Димчевска, Суад Алиу и Афрдита Шеху Асани ја укинале пресудата на Основниот суд Скопје 2 кој утврди одговорност за сторена клевета врз ексминистерката за труд и социјална политика Фросина Ташевска Ременски и нејзиниот сопруг Јовче Ременски од Македонската асоцијација на новинари, за текст пренесен од електронско издание на весникот „Вечер“ и други медиуми.
Во пресудата на скопска Апелација пишува дека обжалената пресуда на првостепениот суд е нејасна, неразбирлива, не содржи доволно образложени причини за решителните факти од кои судот се раководел при одлучувањето. „Во оваа смисла, основани се жалбените наводи дека првостепениот суд сторил суштествена повреда со тоа што во текот на постапката доставата на поканите до тужениот не била вршена согласно со одредбите од ЗПП, па не е јасно од каде првостепениот суд ценел дека тужениот е уредно викан за расправите пред судот, како што утврдил на страна 8 од образложението на првостепената пресуда“, пишува во пресудата.
Станува збор за текстот под наслов „МАН до СДСМ и нивните функционери: Престанете со притисоци и закани кон новинарите“, објавен во повеќе медиуми кои, според образложението на судијата Нухи Рустеми од Основниот суд Скопје 2, содржи невистинити факти штетни за честа и угледот на тужителот.
Во текстот пишуваше: „Ф.Р. актуелна министерка за социјала и труд, потпретседателка на С. како и сопруга на висок полициски функционер, унапреден надвор од законската процедура, по стапувањето на функција на нејзиниот партиски колега О. С., преку својот фејсбук-профил повторно се обрати со закани, овој пат до главната уреднична на дневниот весник В., И. Т. за пишување во нејзиниот текст „Досие: Кој и за што му ги дал прислушуваните разговори на З. Б.“. Но според заканите на Ф.Р., таа има своја или партиска архива на прислушувани разговори и истите ги користи за јавни закани кон новири. Овој факт е особено опасен затоа што, патем таа е и сопруга на висок полициски функционер кој е директно вмешан во незаконска дистрибуција на таквите прислушувани разговори“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Дел од Центар денеска без вода

Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЈП Водовод и канализација, информира дека денеска поради технички зафати во водоводната мрежа на улицата Филип Втори (пред хотелот Холидеј ИН) прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од делови од улиците: Филип Втори, Мирче Мацан, Мирче Ацев и Кеј 13 – Ноември, општина Центар.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:30 часот до завршување на работните активности.
Македонија
Дел од Батинци денеска без струја

Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН, информира дека поради планирани зафати во електро дистрибутивната мрежа, денеска без напојување со електрична енергија ќе останат корисниците од дел од село Батинци, општина Студеничани.
Корисниците ќе бидат без струја од 08:30 до 13:30 часот.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, максималната температура до 28 степени

Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен, а во западните делови засилен ветер од југозападен правец. Попладне ќе има изолирана појава на нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 12, а максималната ќе достигне од 20 до 28 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен ветер од југозападен правец. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 27 степени.
Времето во наредните денови
Во ноќта петок кон сабота и во сабота претпладне ќе биде нестабилно со локални поројни врнежи од дожд, кои наместа ќе бидат пообилни проследени со појава на грмежи.
Преодно стабилизирање на времето ќе има во недела, а во понеделник се очекуваат повремени врнежи од дожд. Дневните температури од сабота ќе бидат во опаѓање.