Македонија
Судскиот совет е повикан да реагира за пресудата по смртта на Теодора, смета министерот за правда

Министерот за правда Игор Филков смета дека Судскиот совет е повикан да реагира за пресудата од 2 години затвор за обвинетиот Менсур Пајазити, кој смртно ја прегази 22-годишната Теодора Ристовска.
Неговата изјава следува по бурните реакции во јавноста дека казната е прениска и по прозивките до судијата Елведин Феради, кој ја изрече пресудата.
Филков рече дека реакцијата на јавноста е оној глас на народот што е многу важен и кој треба да допре до сите, вклучително и до Советот, кој е повикан да реагира.
„Тие 2 процента доверба што му се доделени на судството уште еднаш се покажа дека не се бадијала“, рече министерот.
Претходно, на пресудта се осврна и премиерот Христијан Мицкоски, кој го повика Судскиот совет да го разгледа работењето на судијата Елведин Ферати и повторно да се анализира пресудата.
„Јас не само што не сметам дека правдата е задоволена, но и како претседател на Владата, како човек и родител на две деца, силно сум разочаран. Ова не е правда“, рече премиерот.
Судијата Елведин Ферати претходно беше споменуван во јавноста како лице за кое се води предистрага дека си ги поправал оценките со пречкртување на тетовскиот универзитет. Државниот просветен инспекторат лани утврди дека три оценки во неговото досие биле променети со пречкртување. Предметот бил затворен откога јавниот обвинител ги добил документите, кои потврдуваат дека Ферати ги преполагал овие предмети и затоа претходните оценки биле пречкртани.
Теодора Ристовска беше смртно прегазена во август 2022 година. На првото судење во ноември 2023 година, по признавањето вина, Пајазити беше осуден на три години и шест месеци затвор. По жалбата, Апелацискиот суд ја намали казната на две години затвор, па Врховниот суд ги укина двете пресуди на Основниот и на Апелацискиот суд и предметот го врати на повторно судење.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Дел од Кисела Вода денеска без вода

Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЈП Водовод и канализација, информира дека денеска поради уличен дефект ф-100 мм на улицата Христо Татарчев 22/4, во општина Кисела Вода, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица, односно крак 22.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:30 часот до завршување на интервенцијата.
Наведената улица нема да биде проодна за сообраќај.
Македонија
Неколку скопски општини денеска без струја

Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН, информира дека поради планирани зафати во електро дистрибутивната мрежа, денеска без напојување со електрична енергија ќе останат:
· Oд 06:30 до 13:00 часот, дел од с.Сарај ул.4 – пат за с.Љубин кај кафе Лозана. (Општина Сарај)
· Oд 09:00 до 13:00 часот,ул.Лазар Трповски зграда бр.1 бр.5 кои се до ТС Лазо Трповски. (општина Чаир)
· Oд 09:00 до 15:30 часот,с.Патишка Река, викендици Патишка Река и викендици Држилово.(општина Сопиште)
· Oд 10:00 до 14:30 часот, дел од потрошувачите на ул.Наум Чакаров бр.1-5 и ул.Борис Сарафов бр.105-121.(Општина Ѓорче Петров)
· Oд 12:00 до 13:00 часот, дел од ул.1 во с.Побожје, пат кон Бутел. (Општина Чучер Сандево)
Македонија
Претпладне сончево со умерена облачност, попладне со повремени локални врнежи од дожд и грмежи

Времето денеска, претпладне сончево со умерена облачност и со слаб до умерен југоисточен ветер. Попладне променливо облачно и нестабилно со повремени локални врнежи од дожд и појава на грмежи. Процесите ќе бидат поинтензивни кон крајот на денот и во текот на ноќта, кога наместа ќе бидат во форма на невреме со пообилен пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 12, а максималната ќе достигне од 20 до 24 степени.
Во Скопје, ќе биде сончево со умерена облачност и со слаб до умерен јужен ветер. Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе биде променливо облачно и нестабилно со повремен дожд и грмежи. Во делови од котлината ќе има услови за појава на невреме. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 24 степени.
Во деновите од викендот времето ќе биде стабилно, сончево и топло. Од почетокот на следната седмица повторно ќе настапи дестабилизирање на времето со повремени врнежи од дожд и грмежи.