Македонија
Судски совет за пресудата за Теодора – судијата не можел да пресуди повисока казна

Судскиот совет ја разгледа пресудата за возачот кој ја прегази 22-годишната Теодора Ристевска во Тетово со која беше осуден на две години затвор.
Во соопштението се наведува дека според законот, забрането е менување на пресудата на полошо за обвинетиот во ситуација само кога тој поднел жалба.
Инаку, по првата пресуда од 3,5 годишна затворска казна само обвинетиот поднел жалба, а не и Обвинителството.
Судскиот совет денеска ја разгледуваше пресудата по бурните реакции во јавноста и по јавното барање на премиерот Христијан Мицкоски.
„По сообраќајната несреќа во август 2022 година, на првото судење во ноември 2023 година, по признавањето вина, сторителот кој одзеде млад живот беше осуден на три години и шест месеци затвор. По жалбата, Апелациониот суд ја намали казната, повторувам, Апелациониот суд ја намали казната на две години затвор за Врховниот суд да ги укине двете пресуди на Основниот и на Апелациониот суд и предметот го врати на повторно судење. Судот во Тетово вчера му досуди две години затвор на сторителот, кој смртно одзеде недолжен човечки живот, 22-годишната Теодора Ристевска. Повторувам, судот во Тетово му досуди две години затвор на сторителот што смртно ја прегази 22-годишната Теодора Ристевска. Јавно да прашам, има ли некој во државава кој смета дека тука имаме задоволена правда?! Јас не само што не сметам дека правдата е задоволена, но и како претседател на Владата, како човек и родител на две деца сум силно разочаран. Ова не е правда и тука имаме потфрлање на системот по сите основи. Знам дека некој ќе ми се налути, ќе излезат и такви полноглавци што ќе ме критикуваат по ова што ќе го кажам, но јавно барам од Судскиот совет да се преразгледа работењето на овој судија и уште еднаш да се реализира оваа пресуда“, изјави тогаш Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Историја без Албанци-Новата програма за седмо одделение ги исклучува од учебниците, реагираат од ДУИ

Новата програма на Бирото за развој на образованието при Министерството за образование и наука за предметот „Историја и општество“ за седмо одделение претставува сериозен чекор назад и длабока навреда за Албанците во оваа земја, оценува ДУИ.
Овој документ, кој служи како основа за подготовка на учебниците, според партијата на Ахмети, целосно ги игнорира Албанците, нивната култура, историја и придонес во заедничката држава.
Додаваат дека во претходната програма, подготвена од претходната влада, јасно билоо наведено дека учениците треба да ја учат историјата на својот народ и на другите народи што живеат во државата.
„Се поттикнуваше свесноста за идентитетот, соживотот и меѓукултурната почит.
Во новата програма, сите овие содржини се избришани без никакво објаснување. Нема ниту еден збор за Албанците, ниту за нивната улога во историјата, културата или општеството.
Ова не е техничка измена – ова е политичка порака. Намерна одлука историјата да се прикаже како дело на еден народ, државата како едноетничка, а Албанците како да не постојат.
Ваквиот пристап не само што ги исклучува учениците Албанци од учебниците, туку создава чувство на отфрленост и неправда кај цели генерации“, велат од ДУИ.
Оценуваат дека историја и општество не можат да се изучуваат без еден од најважните народи што го сочинуваат оваа држава.
Според нив, програмата не само што ја ускратува можноста учениците Албанци да се препознаат себеси, туку директно ја поткопува идејата за соживот, еднаквост и взаемна почит.
Ги повикуваат надлежните институции да ја повлечат оваа како што ја нарекуваат еднострана и исклучувачка програма и да се вратат на пристап што ќе го одразува вистинскиот историски и општествен мозаик на Република Северна Македонија.
„Албанците не се невидливи – не во минатото, не во сегашноста, и не смеат да бидат исклучени од ниту една страница на нашата заедничка историја“, нагласуваат од ДУИ.
Македонија
(Видео) Автомобил влече врзан коњ низ Скопје: полицијата го идентификуваше возачот

МВР го идентификуваше возачот на автомобилот кој влечеше врзан коњ во Скопје по вчерашното видео на кое реагираа граѓаните.
Во врска со видеото кое вчера (17.04.2025) беше споделено на дел од социјалните медиуми на кое се гледа како лице кое управува патничко возило „голф“ со скопски регистарски ознаки има врзано коњ за куката од возилото и така се движи низ градското подрачје, од страна на полициски службеници од СВР Скопје беа преземени мерки и активности со цел утврдување и документирање на сторител на кривично дело „мачење на животни“ предвидено и казниво по член 233 од Кривичниот законик.
Информираат дека по сите преземени мерки и дејствија, СВР Скопје го утврдил возачот на возилото, при што со него бил извршен службен разговор и известен е јавен обвинител, по чии насоки ќе биде изготвено известување до ОЈО Скопје со целокупниот документиран материјал, со цел понатамошно постапување.
Македонија
Кривична пријава против поранешен градоначалник на Лозово: ја злоупотребил позицијата

СВР Штип поднесе кривична пријава против А.В. (48) од Лозово, Т.Г. (51) од Скопје и Л.Л. (68) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“.
Во 2018 година, додека бил градоначалник на општина Лозово, А.В. овозможил на правно лице од с.Студеничани да се стекне со противправна имотна корист од 205.800 денари и за таа сума го оштетил буџетот на општина Лозово.
Имено, на 01.11.2018 првопријавениот А.В. донел одлука за спроведување на јавна набавка за изградба на пешачка патека на улица „Октомвриска револуција” во Лозово, по што за најповолен понудувач било избрано правното лице, кое го назначило второпријавениот Т.Г. за управител на градбата. Градежните работи биле завршени во март 2019 година и во градежната книга и градежниот дневник биле внесени невистинити податоци дека се ставени 381 метар квадратен бекатон плочки во вредност од 205.800 денари. Градежната книга и градежниот дневник ги потпишале второпријавениот и третопријавениот Л.Л., кој бил надзорен орган на градбата. Првопријавениот А.В. иако знаел дека сумата за наплата не е вистинита, дозволил да бидат исплатени 205.800 денари повеќе отколку што е реално изработено.