Македонија
Судски совет ќе остави црна дамка врз правосудството, реагира Блупринт групата

Невладините од Блупринт групата за реформи во правосудството се сериозно загрижени по последните случувања во судскиот совет и особено по вчерашните седници.
„Вчера, на 4 мај 2023 година во период од помалку од четири часа, ССРСМ одржа дури три одделни седници на кои, наместо да ги исправи повредите сторени на седницата на 26 април 2023, продолжи со практиката на повреда на одредбите од Законот за Судскиот совет.
Како група на граѓански организации будно ги следевме случувањата околу разрешувањето на сега веќе поранешната претседателка Весна Дамева и сме непријатно изненадени од разврската и изборот на нов претседател на ССРСМ. Особено е погубно тоа што мнозинството од членовите на Судскиот совет на РСМ останаа глуви на забелешките од страна на огромен број водечки правни експерти, граѓански организации и медиуми дека на седницата одржана на 26.4.2023 се случи флагрантна и недопустлива повреда на Законот за Судскиот совет и Деловникот на Судскиот совет.
За жал и на штета на владеењето на правото членовите на ССРСМ направија неуспешен обид да го „озаконат“ своето незаконско постапување од 26.4.2023, повторно со повреда на одредбите од Законот за Судски совет и Деловникот со кој се уредува работата на ССРСМ. Во две од трите седници одржани вчера беше незаконито исклучена јавноста со повикување на чл. 39 ст. 2 од Законот за Судскиот совет, според кој јавноста може да биде исклучена единствено и само „заради заштита на угледот и интегритетот на судијата или кандидатот за судија“ што не беше случај. Меѓучовечките односи помеѓу членовите на ССРСМ не се и не можат да бидат основ за исклучување на јавноста. Потенцираме дека не се работи за приватни односи помеѓу вработени лица туку за односи помеѓу носители на јавна функција, членови на колективен орган со особено значајни уставни надлежности, и затоа Судскиот совет на РСМ како институција не треба да биде заложник на меѓучовечките односи на неговите членови“, велат од Блупринт групата во своето соопштение.
Оттаму се убедени дека со последниве случувања, Судскиот совет на РСМ е на пат да го загуби целосно легитимитетот да избира, оценува и разрешува судии.
„Легитимитетот, покрај од Уставот, во суштинска смисла треба да извира пред сѐ од стручноста, професионалноста и интегритетот на членовите на овој орган кои со своето познавање на правото треба да бидат пример за севкупната правосудна фела посебно кога станува збор за судии и истакнати правници. Оценувањето на работата на судии, кое претставува единствен случај на проверка на работата на носителите на власт во Република Северна Македонија од аспект на стручност и професионалност, треба да го вршат исклучиво лица кои со своето професионално искуство и знаење покажале дека се стручни и независни, а не лица кои се обидуваат да ги заобиколат законите за да остварат одредена цел која не е поврзана со правото и за која оправдано постои сомнеж за постоење на политички влијанија. Ова особено ако се следи дека четири од петте избрани членови на ССРСМ од страна на Собранието (со исклучок на Весна Дамева) беа поддржувачи на одлуката од 26.4.2023 година, која по тврдењата на Дамева е донесена по политички притисок, со што се поставува прашањето во јавноста дали до оваа состојба во Судскиот совет дојде по основ на политички влијанија врз членовите кои не доаѓаат од редот на судиите
Овие случувања за жал ќе предизвикаат особено црна дамка врз правосудството во целина иако одговорноста е пред сѐ кај членовите на ССРСМ и дополнително негативно ќе влијаат на довербата во правосудството која и така е на незавидно ниско ниво. Упатуваме повик до сите чинители вклучувајќи ги и членовите на ССРСМ да бидат достојни за функцијата која ја вршат и да преземат мерки за утврдување на индивидуална одговорност за сторените повреди од Законот за Судскиот совет на Република Северна Македонија“, дополнуваат од Блупринт групата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Градскиот парк личи на џунгла, велат од ЛДП

Обраснати грмушки, неискосена трева, запуштени езерца, неискастрени дрвја и расфрлани отпадоци – ова е сликата која ги пречекува скопјани секој ден кога ќе одлучат да го посетат Градскиот парк во Скопје, велат од Градска организација ЛДП Скопје.
„Неспособноста не само на актуелната градоначалничка на Град Скопје, Данела Арсовска, туку и на целото градско раководство, уште еднаш излегува на површина со несреќната состојба во која се наоѓа Градскиот парк во пролет, кога и е најпосетен.
Наместо простор за одмор и рекреација на граѓаните, од кои голем дел се родители со бебешки колички и мали деца, најголемиот парк во градот е оставен обраснат со треви и потсетува повеќе на џунгла, отколку на современ „градски парк“.
Градската организација ЛДП Скопје во континуитет потсетува и алармира на пропустите во работењето на актуелното градско раководство, без разлика дали станува збор за степенот на нехигиена, поморот на животни Зоолошката градина или севкупно, генералната состојба во која се наоѓа Скопје.
Неспособноста и неработењето на градското раководство во Скопје се аргумент плус во насока на предлогот за враќање на одредбата за референдумско отповикување на градоначалници, предлог кој Либерално-демократската партија активно го застапува преку јавни настапи и учества и организација на панел дискусии и трибини во повеќе градови во државата. Измените и дополнувањата на Законот за локална самоуправа, кои веќе се наоѓаат во собраниска процедура, предвидуваат воведување на механизмот за отповикување на градоначалник, по што веќе нема да има законски заштитени функционери, без одговорност и отчетност пред своите гласачи.
Го повикуваме Град Скопје и јавното претпријатие „Паркови и Зеленило“, како надлежни за одржувањето на Градскиот парк, во најбрз можен рок да го искосат обраснатото зеленило и да им овозможат пријатен и нормален престој на сите посетители во паркот“, се вели во соопштението на ЛДП.
Македонија
Предлог-закон за формирање на инспекторат за грбот, знамето и химната

На денешната собраниска прес-конференција Портпаролот и пратеник на политичката партија, Левица – Амар Мециновиќ го најави Законот за инспекторат за државни инсигнии, со којшто, како што рече, се гарантира почитувањето на грбот, знамето и химната на Република Македонија, како и на симболите на етничките заедници.
„Веќе 27 години постои Закон за употреба на државното знаме и грб, но овој закон нема орган којшто го спроведува. Исто така, постои и Закон за знамињата на заедниците и тој закон пропишува глоби, но нема институција која ги изрекува тие глоби. Практично, имаме мртво слово на хартија,“ рече Мециновиќ на собраниската прес-конференција.
Како главен мотив за донесување на овој закон од партијата го наведуваат честото непочитување на државните инсигнии, и провокациите кои предизвикуваат меѓуетничка нетрпеливост и тензии, додека државата останува со врзани раце, без можност да изрече казна, за непочитување на постоечките закони или сквернавање на државни инсигнии.
Од партијата соопштија дека со овој предлог закон, Инспекторатот за инсигнии ќе биде сместен во рамки на Министерството за правда, а инспекторатот ќе има право да врши надзор како на институциите, така и на правните и физички лица.
Македонија
За еден ден казнети 968 возачи

За еден ден, полицијата вчера казни 968 возачи и пешаци.
МВР информира дека во врска со засилените сообраќајни контроли за почитување на сообраќајните правила и прописи на патиштата низ државава, вчера биле издадени 968 платни налози. Од нив, поради непочитување на пропишаната брзина на движење беа изречени 636 платни налози, а за неправилно паркирање 57. Санкционирани се и 29 прекршоци заради некористење сигурносен појас, а 11 за користење мобилен телефон.
Вчера се откриени и санкционирани и 81 лице поради непоседување возачка дозвола, а 27 возачи управувале возило под дејство на алкохол. Согласно пак одредбите од Законот за возила – четири возила се исклучени од сообраќај заради техничка неисправност, а 21 возило затоа тоа што не биле со валидна регистрација.
„Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови. Апелираме до граѓаните сите да ги почитуваме сообраќајните правила и прописи за да ја зголемиме безбедноста во сообраќајот и заедно да придонесеме за посигурни патишта“, велат од МВР.