Македонија
ТАВ Аеродроми и Владата го пречекаа првиот лет на Туркиш ерлајнс од Истанбул на охридскиот аеродром

ТАВ Македонија, подружница на ТАВ Аеродроми, попладнево го пречека првиот лет на Туркиш ерлајнс од Истанбул на Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид, со што го означи отворањето на оваа нова авиолинија која ќе ги поврзува двата града четири пати неделно.
Првиот авион на турската национална авиокомпанија од Истанбул во Охрид слета во 14:40 часот.
ТАВ Македонија ги пречека патниците со симболични подароци со ајвар и охридско макало, како и разгледници од знаменитостите на Охрид.
Главниот извршен директор на ТАВ Аеродроми, Серкан Каптан, генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт, вицепремирот и министер за транспорт Александар Николоски, како и амбасадорот на Турција, Фатих Улусој, го поздравија главниот извршен директор на Туркиш ерлајнс, Билал Екши со кого заедно ја пресекоа лентата означувајќи го почетокот на оваа авиолинија.
„Како ТАВ Аеродроми, аеродромскиот оператор на аеродромите во Скопје и Охрид, пресреќни сме што го пречекавме првиот лет на Туркиш Ерлајнс меѓу Истанбул и Охрид, означувајќи ново поглавје во зајакнувањето на поврзаноста меѓу нашите земји. Охрид, светско наследство на УНЕСКО, е една од најдобрите туристички дестинации на Балканот, а оваа нова авиолинија ќе ја направи уште попристапна. Со оглед на тоа што славиме 15-годишнината на ТАВ Аеродроми и инвестициите во Македонија, горди сме на соработката со Туркиш ерлајнс и владата за промовирање на богатото културно наследство на земјата во светот.“ – изјави Серкан Каптан, главен извршен директор на ТАВ Аеродроми.
Туркиш ерлајнс ќе лета на оваа рута секој понеделник, четврток, петок и недела, со авион од типот Ербас А320, со капацитет од 182 седишта, обезбедувајќи им на патниците удобни опции за патување и услуга од светска класа.
„Го поддржуваме унапредувањето и развојот на Македонија во соработка со владата и воздухопловните власти. Би сакал уште еднаш да им се заблагодарам на премиерот и на министерот за транспорт за нивниот придонес во развојот на воздухопловниот сектор.“ – додаде Серкан Каптан, главен извршен директор на ТАВ Аеродроми.
Оваа нова историска авиолинија Истанбул – Охрид – Истанбул, ќе ја зајакне и подобри врската меѓу Истанбул, еден од најважните воздухопловни центри во светот, и Охрид, град на наследство на УНЕСКО, познат по својата богата историја, културно значење и неверојатна природна убавина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Хуманитарен концерт на Тамара Тодевска – Пееме за Кочани

Со цел поддршка и помош на семејствата на починатите граѓани и повредените во трагедијата во Кочани, Тамара Тодевска организира хуманитарен солистички концерт.
Имено, овој музички настан ќе се одржи на 17. април (четврток), од 20:00 часот, во Младинскиот културен центар (МКЦ).
Средствата од продажбата на билетите ќе бидат наменети за семејствата на починатите граѓани, како и за сите повредени во трагедијата.
Информациите за продажбата на карти ќе бидат објавени претстојните денови, а Тамара ги повикува сите свои фанови и луѓе кои ја почитуваат македонската музика да бидат дел од овој концерт:
– Хуманоста и солидарноста се вредностите кои можат да ја вратат надежта, а се толку потребни за семејствата на починатите и повредените граѓани во трагедијата во Кочани. Во моментите на тага и жалост – да останеме луѓе, да пееме македонска музика, да пееме за Кочани. На 17. април (четврток), во @mkc_skopje, од 20:00 Ве повикувам на хуманитарен концерт за Кочани, посочи Тодевска на своите профили на социјалните мрежи.
Продажните места за картите за овој концерт ќе бидат објавени на офијалните канали на социјалните мрежи на Тамара Тодевска на Instagram и Facebook.
Македонија
Јаневска: Го јакнеме финансиското образование, градиме млади подготвени за управување со финансии и за справување со ризици и измами

Финансиската едукација на младите е исклучително важна бидејќи ги подготвува за управување со финансии и планирање на буџетот, разбирање на економските процеси и препознавање на ризиците и обидите за финансиски измами. Во таа насока, повеќе надлежни институции работат на унапредување на постојниот концепт, процес во кој од клучно значење ќе бидат резултатите од истражувањето за финансиската писменост што го спроведува Бирото за развој на образованието.
Ова го истакна министерката за образование и наука, Весна Јаневска, на денешната панел дискусија на тема „Финансиска писменост во Македонија – состојба, предизвици и решенија“ во рамки на третиот Женски економски форум кој го организираат здруженијата „Јас Сум Жена“ и „Global Shapers Skopje Hub“ заедно со Факултетот за туризам и бизнис логистика при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип.
Јаневска рече дека финансиската едукација во основното образование кај нас е застапена преку теми во наставните програми по повеќе предмети, а постојат и слободни изборни предмети и воннаставни активности. Станува збор за интегриран пристап воведен по препорака на ОЕЦД. Во средното образование пак, односно во гимназиското и уметничкото има задолжителен предмет, а во стручното – задолжителен и изборни предмети постојат во одредени струки.
„Секој концепт може да биде и подобар и затоа Министерството за образование и наука со Министерството за финансии, Народна Банка, Македонската банкарска асоцијација и други страни тесно соработуваат, разменуваат информации, идеи и искуства за да може постепено финансиската едукација да се надградува –преку проширување на наставната материја, преку повеќе обуки на наставниот кадар и слично. Во оваа насока од особена важност ќе бидат и резултатите од истражувањето за финансиската писменост што го спроведува Бирото за развој на образованието, а кое ќе ни обезбеди податоци за идните политики“, рече министерката.
Осврнувајќи се на подготвеноста на младите да препознаваат финансиски измами, рече дека тоа се глобални предизвици кои бараат постојана адаптација, учење и заедничка регионална и меѓуинституционална соработка.
Покрај панел дискусијата посветена на финансиската писменост на која учествуваше и министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска, во рамки на форумот се
одржаа и работилници на тема „Клуч за финансиски успех“ и „Сајбер ризици и заштита на личните податоци“.
Македонија
23-годишник пукал во воздух во Чаир од автомобил, приведен е

Приведено е лицето кое утрово околу 8 часот пукало со пиштол од автомобил во движење од марката „ауди“.
Според информацијата од полицијата, пукањето се случило на улицата Цветан Димов, а биле испукани неколку куршуми во воздух.
Полициски службеници го обезбедиле местото и биле пронајдени пет чаури од гасен пиштол, додека по преземени мерки, бил пронајден А.Д.(23) од Скопје, лицето кое го управувало возилото.
Со него бил извршен службен разговор, при што појаснил дека пукал од гасен пиштол “Зораки”, кој се наоѓал во неговиот дом на подрачјето на Чаир.
По насоки од јавен обвинител, пиштолот бил одземен и против лицето се поднесени соодветни поднесоци.