Македонија
Талат Џафери упати сочувство за смртта на поранешната пратеничка Ратка Димитрова
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, упати сочувство за смртта на пратеничката од првиот собраниски состав, Ратка Димитрова.
„Дозволете да изразам сочувство во мое лично име и од име на пратениците во Собранието на Република Северна Македонија за тажната вест за напуштањето на овој свет од страна на почитуваната пратеничка од првиот парламентарен состав, Ратка Димитрова. Личност со непоколеблив карактер, јасна визија и волја за преземање на чекори кои секогаш биле во согласност со нејзиното верување и убедување. Изразувам сочувство за загубата на блискиот член на Вашето ценето семејство, загубата е огромна, ненадоместлива и болна. Меѓутоа, тоа е природен тек на нештата и животот и наша единствена опција е да ја прифатиме оваа реалност која колку и да е горка, сепак е надвор од нашата моќ. Кревки и немоќни пред тагата, останува да бидете силни, искрени и неуморни во чувањето на споменот, на заедничките убави моменти кои сте ги споделувале и секако доследни на советите кои може да ги даде само личност која во животот проживеала многу, имала плоден политички ангажман и дала несебичен придонес во развојот на општеството и држава.
Воедно, изразувам сочувство и до пријателите, блиските соработници, познаници и почитувачи на нејзиното дело, меѓутоа и до граѓаните на Република Северна Македонија, за згаснувањето на животот на поранешната пратеничка и вреден член на нашето општество.
Нека почива во мир“, напиша Џафери.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно време со температура до 6 степени
Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Попладне во западните делови ќе има слаб локален дожд, а на планините снег.
Ќе дува слаб до умерен ветер од југозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -14 до -6, а максималната ќе биде од интервал од -4 до 6 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди и студено со умерен ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе се спушти до -11, а максималната ќе достигне до 3 степени.
Под влијание на циклонска активност од сабота ќе биде претежно облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на планините и некои од повисоките населени места од снег. Ќе дува умерен до засилен ветер претежно од јужен правец, а температурата ќе биде во пораст.
Македонија
Министерството за здравство ги разгледува можностите и капацитетите за поддршка на Швајцарија за згрижување на повредените од трагичниот пожар
Министерството за здравство ги разгледува можностите и расположливите капацитети за да ѝ обезбеди соодветна поддршка на Швајцарија во делот на медицинското згрижување на повредените од трагичниот пожар во Кран-Монтана, соопштија од таму.
„Во таа насока, Министерството за здравство веќе постапува во координација со Дирекцијата за заштита и спасување на РСМ, а преку Координативниот центар на ЕУ за одговор на итни случаи (EU ERCC) воспоставен е канал на комуникација и со здравствените власти во Швајцарија.
Воедно, Министерството за здравство изразува искрено сочувство до семејствата на настраданите и најдлабока солидарност со повредените од овој трагичен настан“.
Македонија
Понудена помош за справување со трагичната несреќа: телефонски разговор на Муцунски со швајцарскиот амбасадор Зомер
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, по трагичната несреќа во бар во швајцарскиот скијачки центар Кран-Монтана, по која беше активиран европскиот механизам за цивилна заштита, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, по остварена консултација со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, и министерот за здравство, Азир Алиу попладнево оствари телефонски разговор со швајцарскиот амбасадор во земјава, Кристоф Зомер.
Во рамки на разговорот, Муцунски изрази искрено и длабоко сочувство до семејствата на загинатите, како и до народот на Швајцарија, упатувајќи желби за брзо и успешно закрепнување на повредените.
Во таа насока, министерот ја изрази подготвеноста на Република Северна Македонија да прифати повредени пациенти, како и да обезбеди соодветна медицинска поддршка во домашните здравствени установи.
Дополнително, министерот изрази подготвеност, доколку има потреба, македонски лекари – специјалисти, кои беа директно вклучени во лекувањето на пациентите по трагедијата во Кочани, веднаш да заминат во Швајцарија и да се вклучат во процесот на лекување на повредените.

