Македонија
Таравари нема да се слика со акцелераторот во „8 Септември“ пред да се пушти во употреба, како што правеа Филипче и Сали
Најмалку шест месеци ќе требаат за да биде ставен во употреба акцелераторот во ГОБ „8 Септември“ за зрачна терапија на онколошките пациенти. Министерот за здравство Арбен Таравари, денес, по посетата на болницата рече дека ќе им требаат најмалку три месеци за да ги направат сите потребни контроли и да утврдат што недостасува и каде треба да се инвестира. За тоа најави дека ќе ангажираат специјалисти.
Не би кажал дека за помалку од шест месеци би можеле да го ставиме во функција акцелераторот. Отсега не промовираме однапред. Пет – шест пати се дојдени различни министри и промовирале дека акцелераторот почнува да се користи. Искрено состојбата таму изгледа добра, кај што е поставен акцелераторот, Ние ќе дојдеме да го промовираме откако ќе бидат зрачени двајца или тројца први пациенти. Тогаш ќе дојдеме, но дајте ни рок од шест месеци да ги направиме сите потребни подготовки за да може да функционира“, рече министерот Таравари.

Димитар Ковачевски заедно со Беким Сали покрај акцелераторот го прослави Денот на независноста во 2022 година и најави дека акцелераторот ќе биде пуштен во употреба до крајот на годината
Акцелераторот го набави поранешниот министер Никола Тодоров во 2015 година за 1,9 милион евра. Во 2016 беше ставен камен – темелник на бункерот за него, а во 2019 година тогашниот министер Венко Филипче се сликаше со акцелераторот за да покаже дека финишира неговото инсталирање, но апаратот никако да биде ставен во функција.

Во 2019 година тогашниот министер Венко Филипче се сликаше со акцелераторот за да покаже дека финишира неговото инсталирање
Пациентите, тргнувајќи од Филипче, слушаа изговори зошто апаратот не е во функција и лажни рокови за негово пуштање во употреба. Покрај апаратот се сликаа и премиери. Последен беше Димитар Ковачевски кој заедно со поранешниот министер Беким Сали покрај акцелераторот го прослави Денот на независноста во 2022 година и најави дека ќе биде пуштен во употреба до крајот на годината. И следната година Ковачевски како премиер Денот на независноста го славеше во истата болница, но со друг министер – Фатмир Меџити и промовираа друга модерна опрема. Меџити пред крајот на мандатот кажа дека ја потпишал потребната документација за акцелераторот, но тој остана непуштен во употреба.
Според најавите на актуелниот министер, Таравари, акцелераторот ќе може да биде пуштен во употреба најрано следната година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ бара оставка од Тошковски по трагедијата во Карпош
СДСМ побара оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по трагедијата во скопската населба Карпош, каде што починаа мајка и дете.
Од партијата велат дека случајот покажал сериозни пропусти на институциите во заштитата од семејно насилство.
„Институциите биле алармирани, имале сознанија и индиции за ризик, но со нивната несоодветна реакција не ги заштитиле жртвите“, наведуваат од СДСМ.
Од партијата оценуваат дека потфрлил институционалниот систем, вклучително и МВР и центрите за социјална работа.
Тие потсетуваат и на случајот во Велес, каде пред неколку месеци беше убиена млада жена заедно со нејзиниот татко, и покрај претходни пријави за насилство.
„Само во 2026 година изгубени се четири животи поради родово базирано и семејно насилство“, наведуваат од СДСМ.
Партијата бара оставка од Тошковски и темелна истрага која, како што велат, ќе утврди одговорност кај сите службени лица од МВР, центрите за социјална работа и другите надлежни институции.
Македонија
Сончево време со температута од 17 степени, за утре метеоролозите најавија повремени локални врнежи од дожд
Времето претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за појава на утринска магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 13 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 17 степени, јавува УХМР.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност, освен во четврток кога ќе има повремени локални врнежи од дожд. Утре и во четврток по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.

