Македонија
Таравари: Шест пациенти од пожарот во Кочани се во многу критична состојба

Во земјава моментално се лекуваат 54 пациенти од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, откако во текот на вчерашниот ден на домашно лекување беа испратени 10 пациенти. Според информациите кои денеска ги соопшти министерот за здравство Арбен Таравари по состанокот на Кризниот штаб за состојбата на пациентите, на Клинички центар се лекуваат 27 пациенти, во ГОБ „8 Септември“ – 11 пациенти, во Градска општа болница – 10 пациенти, додека на приватните клиники се лекуваат шест пациенти.
Министерот посочи дека надвор од државата се лекуваат вкупно 115 пациенти, од кои пет од нив се очекува идната недела да бидат вратени во земјава и, како што рече, по тријажата која ќе им биде направена ќе се утврди дали ќе бидат задржани на некои од трите болници во Скопје или ќе бидат испратени на домашно лекување. Таравари нагласи дека шест пациенти се во критична состојба, додека пак, останатите 109 пациенти се во релативно добра состојба, но, како што рече „да бидеме резервирани за тоа дека можат да се случат компликации кои што не се предвидени“.
– Надвор од државата се лекуваат 115 пациенти. Добрата вест е што ако првата недела кажавме дека 20 се многу критични, по два дена 10 многу критични, денеска кажувам дека само шест се во многу критична состојба. Се надеваме дека таа бројка нема да се покачи со евентуални компликации кај другите пациенти. Некои од пациентите планираме веќе од другата недела да се вратат, тоа се пет од вкупно 115 пациенти. Ќе бидат прифатени прво во трите болници во Скопје, од кај што се испратени и по тријажата која ќе им биде направена ќе биде утврдено дали ќе бидат задржани или уште веднаш ќе може да се пуштат на домашно лекување, рече Таравари.
Од пациентите кои се во критична состојба, Таравари посочи дека двајца се лекуваат во Љубљана и четири пациенти во Воено-медицинската академија во Белград. Во врска со оние пациенти кои се очекува идната недела да се вратат во земјава, Таравари рече дека според информациите кои ги добиваат тие дури би можеле да се вратат со комерцијални летови.
– Од Италија се планира еден испис, од Шпанија се планираат два исписа, од Шведска еден испис и од Австрија два исписи. Ова е планот, но не е дефинитивно во понеделник ќе ве известиме точно. Подготвуваме протоколи кои што ќе бидат прифатени од Кризниот штаб и објавени транспарентно за да се види како ќе се третираат пациентите. Најпрво ќе ги примиме во болниците, потоа ќе ги пуштиме дома. Според информациите кои што ги добиваме од овие болници, пациентите дури можат да се вратат со комерцијални летови, рече Таравари.
Прашан за какви повреди станува збор кај пациентите кои се лекуваат во земјава, Таравари рече дека генерално се работи за изгореници, кај дел од пациентите скршеници за кои бил потребен оперативен зафат, но и изгореници на слузокожата на дишните патишта.
– Генерално се изгореници, некаде имаме и скршеници кои што можеби ќе бидат задржани подолго и ќе треба да се оперираат. Изгореници на слузокожа на дишни патишта, токсичност… рече Таравари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мирни собири за оддавање почит и барање одговорност за трагедијата во Кочани

По трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 59 млади луѓе, во повеќе градови низ Македонија се организираат мирни собири и протести за оддавање почит и барање одговорност за трагедијата.
Во Скопје, собирот е организиран од Студентскиот пленум и ќе се одржи денес во Градскиот парк, на тревникот по споменикот на Гоце Делчев. Почетокот е закажан за 16:30 часот, а во 16:59 ќе започне едночасовен молк во чест на загинатите.
„Се повикуваат сите граѓани на мирен собир на кој заедно ќе оддадеме почит кон жртвите од пожарот во Кочани“, се наведува во повикот од организаторите.
Македонија
Ќерката на починатиот Андреј од ДНК со тажна порака до мајка ѝ: „Мамо, јас ти требам тебе, а ти мене“

„Мамо, сакам да бидам дома, зашто јас ти требам тебе, а и ти ми требаш мене… Јана за 7 дена порасна како за 7 години“. Ова е пораката на социјалните мрежи од Наталија, сопругата на Андреј, кој пред една недела го загуби животот во трагичниот пожар во Кочани.
Андреја Ѓорѓиески, познат како Андреј од ДНК, го жртвуваше својот живот за да спаси други деца кои беа на нивниот настап во дискотеката во Кочани, кога се случи трагичниот пожар во кој загинаа 59 лица, а повеќе од 100 беа повредени. Изјавите на очевидци велат дека тој успеал да излезе од дискотеката кога се случил пожарот, но се вратил за да помогне и така починал.
Зад себе, Андреј ги остави сопругата Наталија, со која скоро 10 години беше во брак и ќеркичката Јана (родена на 29 ноември 2015).
Наталија Ѓорѓиеска вчера сподели дел од разговор со нејзината ќеркичка која е полна со емоции, но и со порака за тага за прераната загуба на таткото.
За време на концертот на ДНК во дискотеката „Пулс“ во Кочани загинаа 59 лица, а над 200 се повредени.
Македонија
Да се провери одговорноста на УЈП во истрагата за трагедијата во „Пулс“, бара ДУИ

Во врска со новите информации поврзани со трагичниот настан во Кочани, Демократската унија за интеграција (ДУИ) изразува загриженост за сомнежите што се појавуваат во однос на транспарентноста и независноста на институциите надлежни за истрагата.
Како што велат од ДУИ, според информации објавени од истражувачките стории на медиумите, кабарето „Пулс“ било официјално затворено и пломбирано од страна на УЈП во втората половина на декември 2024 година, поради утврдени прекршувања поврзани со неиздавање на фискални сметки.
ДУИ смета дека секој аспект на случајот мора да биде темелно истражен, без селективност и без политички влијанија. Јавноста има право да добие одговори, а надлежните органи имаат обврска да постапуваат професионално и во согласност со законите.
Во оваа насока, особено е важно да се разјасни улогата на сите институции кои имале надлежност врз работењето на локалот каде што се случи трагедијата. Секој пропуст, институционален или индивидуален, мора да биде идентификуван, а одговорните соодветно санкционирани.
ДУИ ја нагласува потребата од независност на истражните органи и повикува на целосна транспарентност во постапката. Политичките шпекулации не смеат да ја попречат правдата, ниту пак неосновани обвинувања да ја нарушат довербата во институциите.
Во име на правдата и владеењето на правото, бараме брза, објективна и непристрасна истрага која ќе ги открие сите релевантни факти поврзани со овој трагичен случај.