Македонија
Тасевска: Владата наследи девастиран здравствен систем и мораше да го враќа дигнитетот на лекарите

Пратеничката на СДСМ Лидија Тасевска во рамките на собраниската седница посветена на изборот на новата Влада, во реплика на пратеничката Дафина Стојановска истакна дека нејзиниот говор е полн со деструкција, говор на пратеничка од опозицијата која жестоко се бори да дојде на власт, а не ги препознаваат, ниту ги интересираат државните интереси, а уште помалку потребите на граѓаните.
„Очекував, дека доаѓате од здравството, како лекар ќе кажете дека во периодот што изминува многукратно ги зголемивме платите на лекарите, да ве потсетам платите на лекарите специјалисти ги зголемивме за 40 проценти, за 23 проценти на медицински сестри, за 25 проценти на општите лекари, за 15 проценти на сите останати здравствени работници, четирикратно се зголемени плаќањата за дежурства во здравството, истакна Тасевска.
Таа нагласи дека во 2017 година Владата предводена од СДСМ наследи девастиран здравствен систем, и мораше одново да го враќа дигнитетот на лекарите и општо на сите здравствени работници.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Ковачевски: Најостро го осудувам насилството на протестите

Премиерот Димитар Ковачевски на Фејсбук остро ги осуди немилите настани на вчерашните протести, апелирајќи до граѓаните да го изразат својот став на мирен и демократски начин. Тој ги повика и политичките чинители да не ги вовлекуваат граѓаните во насилни протести, давајќи им лажни ветувања и увери дека Владата во ниту еден момент не го довела под знак прашалник македонскиот идентитет и македонскиот јазик и дека нејзина обврска е да го сочува достоинството на граѓаните.
Во продолжение интегралното обраќање на премиерот Ковачевски:
„Почитувани граѓани,
Најостро ги осудувам вчерашните настани кои за голема среќа не резултираа фатално за граѓаните. Никаков револт не може да оправда употреба на огнено оружје од страна на цивили, каменување, оштетување државен имот, посегнување по нечиј живот.
Изразувањето незадоволство преку мирно протестирање е уставно загарантирано право и оваа Влада досега повеќе пати покажала и докажала дека демократијата е во рацете на граѓаните и никој нема да им го ускрати тоа право.
Но, омразата и насилството не биле решение и никогаш нема да бидат решение за ништо. Од последните случувања, и хулиганското однесување на улица има само еден губитник, а тоа е Република Северна Македонија.
Ги повикувам политичките чинители да не ги вовлекуваат граѓаните во насилни протести, давајќи им лажни ветувања. Ваквите сценарија веќе ни се добро познати на сите нас. Вчера видовме страшен пример за политичари кои имаа несовладлива склоност да играат улога на жртва, поради голема желба за моќ. Ваквите „игри“ го покажуваат вистинското лице на оние кои се кријат зад народот. Еден ден ги поттикнуваат на радикализам, веќе следниот се повлекуваат и оградуваат од граѓаните кои претходно ги изманипулирале. Ним сакам да им порачам – крвавите сцени во законодавниот дом, на улиците низ државата, се едно минато време кое е зад нас и на кое никогаш нема да дозволам да се вратиме.
Сегашноста ни укажува на други приоритети, а тоа се хармонија и просперитет. Во Република Северна Македонија институциите функционираат, оттука секој проблем, прашање, се решава низ дијалог. Така функционира земја членка на НАТО, така функционира земја чија иднина е ЕУ, така функционира и Северна Македонија.
Почитувани граѓани, во ниту еден момент како Влада не сме го довеле под знак прашалник македонскиот идентитет и македонскиот јазик. Наша обврска е да го сочуваме достоинството на граѓаните и тоа го правиме. Ние сме европска влада и се залагаме за европски вредности“.
Македонија
Груби – Хулман: Патот кон ЕУ се отвора со францускиот предлог

Првиот потпретседател на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, ја прими амбасадорката на Швајцарија, Вероник Хулман.
Содржината на францускиот предлог, протестите против овој предлог и предизвиците на интегративниот пат на земјата, беа дел од темите на кои се разговараше на средбата.
Исклучително е важно да се отклучи патот на интеграцијата преку конструктивен и опсежен преглед на францускиот предлог поддржан од 27-те земји од ЕУ, кој не им наштетува на идентитетот, културните, јазичните и историските карактеристики на нашите сонародници.
Груби истакна дека во овие клучни моменти на државата треба да се дејствува рационално, искористувајќи ја историската можност за решавање на последниот спор со Бугарија.
Амбасадорот Хулман беше информиран од првиот вицепремиер Груби за транспарентниот процес околу францускиот предлог и заедно утврдија потреба од оперативна компактност и сеопфатен ангажман на сите политички актери, академскиот свет, граѓанскиот сектор и сите граѓани за надминување на предизвиците бидејќи е време рационалноста да триумфира над субјективниот протагонизам.
Груби и амбасадорот Хулман се фокусираа и на реакциите предизвикани од објавувањето на содржината на предлогот, во кој случај Груби го осуди насилството употребено на организираните протести, кои беа оценети како непотребни антиевропски и штетни за дестабилизација на земјата.
Македонија
Меморандум за разбирање за размена на податоци помеѓу царините на Северна Македонија и Грција

Во рамките на Форумот за конективност што се одржа во Солун, директорката на Царинската управа Славица Кутиров и гувернерот на Независната управа за управување со јавни приходи Џорџ Ј. Пицилис денеска потпишаа Меморандум за разбирање за размена на податоци помеѓу царините од двете земји.
Потпишувањето на овој меморандум е од голема важност за олеснување на транспортот и трговијата од ЦЕФТА страните кон Република Грција, и отвора можности за понатамошно проширување на Зелените коридори кон ЕУ.
„Особено задоволство ми претставува тоа што токму во годината кога Царинската управа одбележува 30 години од постоењето како независна служба сме дел од овој историски настан и потпишуваме билатерален Меморандум за разбирање за електронска размена на податоци меѓу нашите две институции. Во овој момент, потпишувањето на овој меморандум значи воспоставување на прв Зелен коридор на граничен премин со соседна земја членка на Европска Унија, користејќи ја SEED-платформата за размена на податоци на ЦЕФТА, и со визија за проширување на оваа иницијатива во иднина. Воспоставувањето на Зелени коридори како регионална активност, за првпат беше спроведена во април 2020 година на почетокот на пандемијата, во рамки на ЦЕФТА регионот. Денес, ова позитивно искуство го прошируваме и на Богородица – Евзони, како клучен граничен премин меѓу двете земји и дел од Пан-европскиот Коридор 10. Продолжуваме со оваа иницијатива, и за брзо време очекуваме да ги разгледаме можностите за проширување на соработката и со Република Бугарија“, изјави Кутиров.
Пицилис истакна дека:
„Зелените коридори имаат големо значење не само за поширока трговска и транспортна интеграција на ЦЕФТА страните со соседните земји на ЕУ, туку и генерално за царинската соработка. Царинската служба на Република Грција учествува во спроведувањето на иницијативата за воспоставување на Зелени коридори. Преку Меморандумот за разбирање со Република Северна Македонија, за електронска размена на податоци пред пристигнување на стоки на граничниот премин Евзони – Богородица, сакаме да ја продлабочиме царинската соработка со соседната земја, како во олеснување на трговијата, така и во намалување на недозволена трговија. Работејќи со ЦЕФТА и Транспортната заедница, се стремиме кон дополнително зајакнување на царинската соработка, како и проширување на соработката со другите соседни земји, во целосна согласност со царинското законодавство на ЕУ.“