Македонија
Таткото на Боки 13 во случајот „Меѓународен сојуз“: Ме правите криминалец на 60 години

Заменик-претседателката на Меѓународниот сојуз – Јасна Мандиќ, таткото на Бојан Јовановски – Миле Јовановски, асистентката на Јовановски – Кристина Блажевска, пратеничката Фросина Ременски, како и самиот Бојан Јовановски пред судот се изјаснија дека не чувствуваат вина во случајот „Меѓународен сојуз“, кој го води обвинителката Вилма Русковска, а во кој се сомничат за дела измама и перење пари и други приноси од казниво дело.
Откако на самиот старт обвинителката Русковска го извести судот дека републичкиот обвинител Љубомир Јовески го отфрлил барањето на обвинетите Ременски и Јовановски, таа даде и воведен збор пред судечкиот совет. Според Русковска, хуманитарната организација „Меѓународен сојуз“ функционирала со лаги и била лажно прикажана дека е под покровителство на Европската Унија. Таа кажа дека парите кои биле земани од бизнисмените Адријан Амзоски и Силјан Мицев за наводни проекти за старски домови биле уплаќани на сметките на згаснатата „1ТВ“ и „БМЈ медија груп“ од страна на Миле Јовановски и Јасна Мандиќ, кои беа дел од сопственичката структура на двете фирми.
„Обвинителството има несоборливи докази за сите обвинувања и пред судот ќе ја докаже вината на сите обвинети, кажа Русковска во воведните зборови.
Таткото на Бојан, обвинетиот Миле Јовановски, пред судот кажа дека ништо од тоа што го кажала Русковска не е точно.
„Не разбирам. Ме правите криминалец на 60 години“, коментира Јовановски по што беше прекинат од судијката Софче Гаврилова-Ефремова, која му кажа дека не треба да коментира, туку само да каже дали чувствува вина или не.
Според обвинението, Бојан Јовановски како претседател на Меѓународен сојуз имал намера за себе да прибави имотна корист, па користеjќи документи од сојузот, оштетил управители на друштва, со што ги довел во заблуда. Јовановски лажно прикажувал дека ќе обезбеди државно неизградено земјиште за изградба на европски центар за возрасни лица и мобилен сервис, како и субвенции од државата, па оштетените преку Македонската авторска агенција му исплатиле 719.905 евра, односно 233.821 евро во денарска противвредност.
Во измамата на Бојан Јовановски, според Обвинителството, му помагале пратеничката Фросина Ременски, неговата заменичка – Јасна Мандиќ и асистентката. Мандиќ и асистентката ги изготвувале договорите, ги подигале уплатените пари и му ги давале на Јовановски. Иако знаејќи од каде потекнуваат парите, односно дека се земени со сторено кривично дело, тие со умисла му помагале и да ги пушти во промет.
Обвинителството го сомничи Миле Јовановски дека тој знаел од каде потекнуваат парите и со умисла му помогнал на својот син Бојан Јовановски да ги пушти во оптек, со што ги уплаќал парите на своја девизна сметка, а дел од нив ги уплаќал на правните лица како заем.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.