Македонија
Телевизија, свештеници и новинарки го пријавиле сопственикот на порталот „Доказ М“ – се сомничи за четири дела, меѓу кои и уцена
Скопското Обвинителство го гони Марјан Стаменковски, сопственик на порталот „Доказ М“, бидејќи против него имало неколку пријави. Меѓу пријавителите има две новинарки, телевизиска куќа, лице што се претставило дека било уценувано. Обвинител барал претрес во домот, кој бил дозволен од судот. Најдени се поголемо количество пари, соопштува Обвинителството.
„Против осомничениот во Основното јавно обвинителство Скопје се води постапка бидејќи постои основано сомнение дека преку веб-портал во негова сопственост, како средство за извршување, сторил повеќе кривични дела: две кривични дела ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем од чл. 394-г ст. 1 од КЗ, едно кривично дело уцена од чл. 259 ст. 1 в.в. чл. 19 од КЗ, едно кривично дело пиратерија на аудиовизуелно дело од чл. 157-б ст. 2 в.в. ст. 1 од КЗ и кривично дело злоупотреба на лични податоци од чл. 149 ст.1 од КЗ“, велат од Обвинителството.
Тие додаваат дека пријавите против Стаменковски се поднесени во 2022 и 2023 година.
„Предметот беше оформен по поднесени кривични пријави против осомничениот од повеќе жртви во текот на 2022 и од почетокот на 2023 година, а во врска со објавени содржини на веб-порталот во негова сопственост. Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје во целиот наведен период преземаше интензивни истражни дејства, со кои беа обезбедени доволно докази, кои даваат основано сомнение дека пријавениот ги сторил кривичните дела“, додаваат од таму.
Национална телевизија е една од пријавителите.
„Имено, по доставена кривична пријава од една телевизија од 11.2.2022 година, Основното јавно обвинителство Скопје нареди дејства и проверки врз основа на кои Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика обезбеди доказен материјал дека осомничениот сторил кривично дело пиратерија на аудиовизуелно дело од чл. 157-б ст. 2 в.в. ст. 1 од КЗ. Од почетокот на февруари 2022 година, без одобрение на овластениот дистрибутер, на кој филмскиот продуцент му го пренел своето право на аудиовизуелно дело, осомничениот на веб-порталот го ставил на располагање на јавноста заштитеното аудиовизуелно дело. Со тоа предизвикал штета за оштетеното правно лице – телевизија, кое во согласност со договор за лиценцирање на телевизиска програма имало ексклузивни авторски права да ја емитува содржината“, посочи скопското Обвинителство.
Свештеници од Македонската православна црква се втори пријавители. Тие се жалеле оти Стаменковски упатил закани за нивниот живот.
„На 18.5.2022 година во Основното јавно обвинителство Скопје беше поднесена кривична пријава против осомничениот од двајца оштетени за кривично дело ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем од чл. 394-г бидејќи преку веб-порталот биле објавувани серија текстови, со кои во повеќе наврати се шири омраза и нетрпеливост кон пријавителите – свештеници на Македонската православна црква – Охридска архиепископија. Во објавените текстови осомничениот изнел директни тврдења дека споменатите свештеници биле поврзани со домашни и странски тајни служби, со цел да се предизвика револт и омраза кон нив. Освен навредливи зборови, пцости и клевети, во текстовите се упатуваат и заканувачки зборови, со кои се поттикнува народот да дојде да ги избрка свештениците од манастирот во кој служат. Текстовите осомничениот ги споделувал и на својот профил на една социјална мрежа, каде што поттикнал жестоки полемики, навредувачки коментари и говор на омраза поради верски убедувања“, додава Обвинителството.
Новинарки исто така поднеле пријава против Стаменковски, кои, освен што добиле навредливи текстови на порталот „Доказ М“, според пријавата, една од нив добила и закани за животот.
„На 19.5.2022 година против истото лице до Основното јавно обвинителство Скопје беше поднесена кривична пријава и од две новинарки, кои пријавиле дека на веб-порталот од почетокот на 2022 година се објавуваат навредливи текстови со нивни фотографии, а чија крајна цел е тие да се заплашат и да се спречат да објавуваат текстови во неделникот во кој работат. Во текот на постапката жртвите дадоа свои искази пред надлежниот јавен обвинител, во кои ги поткрепија своите сомненија дека заднината на објавите на веб-порталот е да им се изврши притисок и цензура. Со осуда на таквите објави на веб-порталот во наведениот период излегоа и ОБСЕ и Здружението на новинарите. Дополнително, во телефонски разговор со сопругот на една од новинарките осомничениот упатил и директни закани кон неа и нејзиното семејство. Со обезбедените докази во текот на постапката беше потврдено основаното сомнение за кривичното дело ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем од чл. 394-г ст. 1 од КЗ“, додава Обвинителството.
Стаменковски се гони и за уцена.
„Едно оштетено лице до Основното јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава според која во периодот од 10.1.2023 година до 2.2.2023 година осомничениот, со намера за себе да прибави противправна имотна корист, му се заканувал дека ќе открие нешто што може да му наштети на неговиот углед и чест и се обидел да го присили оштетениот да стори нешто на штета на својот имот. Преку социјална мрежа осомничениот бил во контакт со оштетениот и го повикал на средба за да го уценува дека на веб-порталот ќе објави приватни фотографии и информации за него. Кога оштетениот одбил средба, на интернет-порталот биле објавени повеќе текстови за него, со кои осомничениот им наштетил на угледот и честа на оштетениот. Во однос на овој настан надлежен јавен обвинител исто така презеде дејства за документирање на пријавените наводи и за обезбедување електронски докази, со кои се потврдува основано сомневање за кривично дело уцена од чл. 259 ст. 1 в.в. чл. 19 од КЗ“, додава Обвинителството.
Осомничениот врбувал и истражителка во скопското Обвинителство за преку неа да дознава информации.
„Во наведениот период додека во Обвинителството се водеше постапката против осомничениот, тој искористил лично познанство со лице ангажирано како истражител во Основното јавно обвинителство Скопје, па преку вибер-комуникација се обидел од неа неовластено да дознае информации за преземени истражни дејства во повеќе кривично-правни предмети вклучувајќи го и предметот против него. Обидувајќи се да влијае врз постапката против него, од приватната комуникација со истражителката, без согласност, искористил и објавил лични податоци и фотографии на четворица истражители во ОЈО Скопје, кои поднесоа кривична пријава за злоупотреба на лични податоци од чл. 149 ст. 1 од КЗ. Истражителката, која споделувала податоци со осомничениот, веќе не е ангажирана во истражниот центар на ОЈО Скопје и за неа ќе биде иницирана постапка пред Одделот за внатрешна контрола и професионални стандарди во Министерството за внатрешни работи“, додаваат од Обвинителството.
Соопштија и детали за претресот.
„Освен за наведените кривични дела, наредбата за претрес беше обезбедена и затоа што постоеше сомнение дека кај осомничениот може да бидат пронајдени докази и за други кривични дела. При претресот кај него беа откриени документација, електронски уреди, кои ќе бидат предмет на вештачење, како и поголема сума парични средства за кои постои сомнение дека потекнуваат од други кривични дела“, велат од Основото обвинителство Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

