Македонија
„Тендер-тандемот Филипче – Заев во екот на ковид-кризата поништиле тендер за томографии, па објавиле нов за 15 милиони денари поскап“, вели ВМРО-ДПМНЕ

„Венко Филипче не е само партиски другар на Зоран Заев, тие се и тендер тандем кои ги интересираат само провизиите, од кои сега градат и висококатници во најексклузивните светски дестинации. Освен СДС, турите со скапите мотори низ државата и регионот, нивна заедничка спојка сега е и Дубаи, каде што ги вложуваат парите од провизиите кои тендер тандемот Филипче-Заев ги печалеше на грбот на народот“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Филипче и Заев се неразделен тендер тандем уште од времето кога заеднички владееле со државата и народот го пљачкале. Нив ги интересира само провизиите од тендерите, државата и народот не им се битни, за народот и државата не им е гајле, тие им послужија само како средство за лично богатење.
Ковид кризата, во која од вирусот починале скоро 10 илјади луѓе, се случи за време кога Венко Филипче беше министер за здравство. Тој, заедно со својот тендер партер Заев, корона кризата ја претвориле во можност за нивно богатење.
Во ек на оваа криза, додека луѓе умираа, тогаш министерот Венко Филипче, направил јавна набавка за томографии, за кои што македонските граѓани платиле дополнителни 15 милиони денари.
Имено, првично имало јавен повик за томографии на кој требало да се плати 21 милион денари, но двајцава мајстори за афери и тендери, Филипче и Заев си одлучиле дека тоа не им одговара, па си го поништиле тендерот. После тоа, со истата фирма си направиле нов тендер по нивна мерка, но поскап за 15 милиони денари.
За време на кризата со вирусот Ковид 19, кога граѓаните секојдневно бараа вакцини за спас, Заев и Филипче си средиле тендер по нивен терк, но поскап за граѓаните.
Тоа е овој тендер тандем кој постепено го уништуваше македонското здравство за сега, од спечалените провизии, да гради висококатници во Дубаи.
Затоа Заев и си го постави својот послушен пион, Венко Филипче за претседател на СДС, кој го интересира само власт за да дофати уште некој тендер, за уште некоја провизија.
Но, Флипче треба да знае, дека за профитерите на маката на граѓаните и уништувачите на нивното достоинство, нема место на македонската политичка сцена и како што Заев и Ковачевски се испратени во пензија, и него го чека истото“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Филипче: Македонија годинава ќе биде со најнизок економски раст во регионот

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска беше во посета на Радовиш, каде што се сретна со граѓаните и разговараше за предизвиците со кои се соочуваат во секојдневниот живот.
„По десет месеци од новата власт, разочарувањето е големо. Цените продолжуваат да растат, платите стагнираат, а граѓаните сè потешко врзуваат крај со крај“, истакна претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Филипче нагласи дека СДСМ со месеци дава конкретни предлози и закони за раздвижување на економијата и зголемување на платите, но дека власта останува глува.
„СДСМ со месеци дава конкретни предлози и закони со кои ќе се раздвижи економијата и ќе се зголемат платите, но власта е глува. Со месеци предупредувавме дека економијата тоне, а денес таа потврда стигна и од проекциите на Светската банка. Македонија, за жал, оваа година ќе биде со најмал економски раст во регионот. Владата ветуваше дека ќе бидеме лидери во регионот, но очигледно ќе бидеме последни. Ова е резултат на погрешни економски политики, но и целосна негрижа за граѓаните“, изјави Филипче.
Во своето обраќање, тој подвлече дека СДСМ останува на страната на граѓаните и ќе продолжи да работи за подобар живот за сите
„СДСМ ќе продолжи да работи и нуди решенија, силно верувам дека граѓаните ќе ја препознаат искрената намера и чесните политики кои се наменети за подобар живот“, додаде претседателот на СДСМ.
Македонија
СДСМ: Тошковски мораше да го признае скандалот со братот на Стефковски – треба да си даде оставка

Откако СДСМ денеска го објави скандалот со братот на градоначалникот Стефковски со видео докази, Тошковски беше принуден јавно да го признае. Ниту ќе го признаел, ниту ќе бил било кој санкциониран за ова, иако јавна тајна е дека функционерите на ДПМНЕ се однесуваат како шерифи, а Тошковски тоа добро го знае, велат од СДСМ.
„Денешното признание на Тошковски потврдува две работи: прво, дека СДСМ изнесува вистини и, второ, дека функционерите на ДПМНЕ, нивните браќа, сестри и роднини не ги почитуваат законите, а Тошковски тоа го овозможува. Граѓаните не се наивни — да не објавеше СДСМ, Тошковски ќе го криеше и натаму скандалот“, велат од СДСМ.
Според нив, веќе не се ни бројат скандалите кои го тресат МВР.
„Владее хаос, своеволие кои допрва ќе излегуваат на виделина. Уште што треба да се случи за Тошковски да поднесе оставка? СДСМ ќе продолжи гласно да ја брани правдата, законитоста и интересите на граѓаните“, велат од СДСМ.
Македонија
Гаши засега ќе се воздржи од коментари за претседателката на Антикорупциска

Во врска со актуелните настани поврзани со претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата, Татјана Димитровска, од кабинетот на Претседателот на Собранието, Африм Гаши, велат дека тој засега ќе се воздржи од коментари, а ако наводите се потврдат во судска постапка, тој ќе иницира постапка за разрешување.
„Почитувајќи го начелото на презумпција на невиност и независноста на судските органи, Претседателот на Собранието се воздржува од какви било прерани коментари. Основен приоритет е да им се овозможи на надлежните институции да ја завршат својата работа без било какви притисоци или влијанија. Сепак, доколку наводите бидат потврдени низ судска постапка, Претседателот на Собранието ќе постапи без двоумење и ќе иницира соодветна собраниска процедура за разрешување“, се наведува во соопштението од Кабинетот на Африм Гаши.
Одговорноста за зачувување на кредибилитетот и интегритетот на институциите, велат од таму, е врвен приоритет и обврска која не трпи компромис.
Претседателката на антикорупциската комисија, Татјана Димитровска, е осомничена во дополнетата истрага за предметот „Адитив“. Таа се сомничи дека преку апликациите за пораки „Вибер“ и „Воцап“ му одавала службени тајни на друг обвинет за поведени постапки за отворање предмети и одлуки против сега обвинетите фирми и лица во предметот „Адитив“, како и податоци за проверка на имотот и на неговото семејство.
Покрај тоа што ѝ e одземен пасошот, Кривичниот суд определи и забрана за преземање одредени работни активности поврзани со кривичното дело, што подразбира дека осомничената не смее да има контакт со предмети, пошта и друга документација поврзана со работењето на ДКСК, а воедно не може да гласа и да распределува предмети.