Македонија
Тензично во Собрание, Мицевски обвини дека се измислуваат изговори за да нема избори
Со довикувања од место, процедурални забелешки, препукувања меѓу координаторите на пратеничките групи на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, но и на собранискиот спикер почна собраниската седница за законот за Јавно обвинителство.
Никола Мицевски извади фотографија на која заеднички се сликани Бојан Јованоски и пратеникот Кирацовски.
„Еве ви ја фотографијата, кажува сè зошто бегате од избори. Јасно ни е сè. Измислувате изговори да нема избори на 12 април. И да работите 48 часа, џабе е, ништо не сработевте за овие три години“, рече Мицевски.
Оваа реакција следеше откако претходно координаторот на СДСМ, Јован Митревски, побара седницата да трае до 24 часот за да се донесат законите.
„Има закони кои мора да се донесат пред распуштање на Собранието. Законот за АВМУ, одбрана, закон за плати на професорите. Во име на пратеничката група, кажувам дека сите пријавени се откажуваме од збор во интерес на времето. Да ги донесеме законите, да се распушти Собранието и да одиме на избори на 12 април“, посочи Митревски.
На кавгата на координаторите претходеше процедурално барање за пауза и на пратеничката Емилија Алексадрова, која рече дека паузата ја бара за дополнителна координација бидејќи независните утрово не биле поканети.
Спикерот Талат Џафери образложи дека нема потреба од пауза, а кога имало потреба одржувал целодневни координации.
„Сум бил секогаш коректен, сме имале координации по цели денови, било тегнење и туркање па потоа претседателот бил виновен што не закажувал седница. Секогаш кога имало дилема со некоја пратеничка група, сум бил отворен за средба. Така што ќе ве замолам не префлајте ја топката постојано кај мене“, рече Џафери.
При тоа од место дофрли пратеникот Мухамед Зекири, а Џафери кусо му врати.
„Не дофрлајте од место, ако имате нешто, пишете на Фејсбук“, рече собранискиот спикер.
Џафери по ова даде пауза од еден час. За збор има пријавено над 30 пратеници најголем дел се од опозицијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се вршат разговори и се прибираат докази по трагедијата во Карпош, соопшти Обвинителството
Дежурен јавен обвинител од Основно јавно обвинителство Скопје извршил увид на локацијата во скопската општина Карпош, каде попладнево животот го загубија жена и малолетно дете по пад од зграда.
Од Обвинителството соопштија дека е наредена обдукција на телата, како и обезбедување и анализа на сите траги и материјални докази, со цел да се утврдат причините и околностите на настанот.
„Јавниот обвинител нареди обдукција на телата на починатите и прибирање траги и докази.
Се вршат разговори со повеќе лица кои би можеле да имаат сознанија за причините за настанот“, соопшти обвинителството.
Македонија
„Денес потфрли целиот наш систем“: се огласи братот на жената која заедно со ќерката паднаа од зграда во Карпош
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство – денес се случи убиство“.
Ова на социјалните мрежи го објави Александар Стојаноски, брат и вујко на починатите мајка и ќерка кои денеска починаа по пад од зграда во скопски Карпош.
Стојаноски во објавата се обрати во име на семејството, обвинувајќи дека институциите потфрлиле, посочувајќи дека жената пријавувала насилство, а институциите не реагирале.
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство, денес се случи убиство
Денес потфрли МВР, Социјалните служби, денес потфрли целиот наш систем. После години на пријавувано семејно насилство, физичко и психичко насилство врз двете, закани, пријавувања, обид за убиство во сред државна институција, ги загубив внуката и сестрата.
Државата овозможи да згаснат млади животи, ве молам да не шпекулирате што се случило, никој нема да ми ги врати најмилите, но правдата ќе мора да се истера до крај и нема да запреме додека не се случи тоа!
Со оглед на тоа што и покрај сите пријави и случувања, институциите не постапија до сега, барам фокус од јавноста и медиумите за ова, нема да дозволиме да помине само како бројка, правдата мора да го стигне секој еден!
Сестра ми денес требала повторно да иде во социјално, за сите овие работи, а со внуката се слушнавме за Прочка, ми рече – вујче прости ми ако сум ти згрешила нешто … вујчино, прости ми ти, прости на овие неспособни институции, а јас вујче, нема никогаш да простам и да заборавам
Споделете, да не се заборави и изгуби низ нашиот систем“, пишува Стојаноски во објавата.
Македонија
Поради утрешната посета на Руте посебен режим на сообраќај во Скопје
Утре во официјална посета на Република Северна Македонија ќе престојува генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, соопшти МВР.
Поради посетата, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за воспоставување посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје на Град Скопје.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите и насоките што ќе ги даваат полициските службеници, со цел безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.

