Македонија
Тимоние на последна средба со Заев: За државата е важно да има конструктивност од сите политички субјекти

Премиерот Зоран Заев денеска се сретна со францускиот амбасадор Кристијан Тимоние, кој го завршува својот мандат во земјава.
Како што информираат од владината прес-служба, Заев на средбата изразил благодарност до амбасадорот Тимоние, за неговата посветена и принципиелна работа во насока на развој на демократските и европските вредности во нашата држава.
„Покажавме дека имаме капацитети да носиме одлуки со кои државата оди напред. Станавме членка на НАТО, добивме одлука за почеток на преговорите со ЕУ и ја очекуваме меѓувладината седница за отпочнување на преговорите, ја зацврстивме меѓуетничката кохезија дома, ги развиваме и понатаму добрососедските односи, што го покажа посетата на Атина каде што зборувавме за економија и соработка на бизнисите. Сега сме силно посветени на борбата со криминалот и корупцијата и владеењето на правото, што е потребно во европските интеграции, но и за нашите граѓани, кои очекуваат да ги обезбедиме европските стандарди дома“, посочил премиерот.
На средбата била изразена и заедничка согласност дека конструктивноста од страна на сите политички субјекти е важен фактор во развојот на државата.
Разговарано било и за можностите за развој на билатералната соработка, посебно во економијата, здравството, зелената енергија, дигитализацијата и било констатирано дека има услови за интензивирање на соработката.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Субвенции за филтри на оџаците за домаќинствата кои се греат на дрва, Мицкоски најави вонредна мерка за почист воздух

Во пресрет на новата грејна сезона, Владата размислува за субвенции за филтри на оџаците на домаќинствата кои се греат на дрва и фосилни горива. Субвенцијата би била на принципот прв дојден прв услужен исто како и субвенциите за клима-уреди и топлински пумпи. За субвенциите за филтри на оџаците премиерот Христијан Мицкоски најави дека на негова иницијатива, ќе се ќе разговара на денешната седница на Владата.
„Бидејќи гасификацијата е процес кој ќе трае подолго, нема да имаме брзи резултати. можеби треба да размислиме по истиот принцип како што субвенционираме за клима – уреди за топлински пумпи и субвенционирање на сметки за струја на социјално ранливи категории, на отприлика пет до десет илјади домаќинства да им обезбедиме филтри на оџаците. Тоа е за оние домаќинства кои користат фосилни горива, односно дрва. Изминативе неколку дена работев лично на оваа проблематика и гледам дека голем дел од градовите на тој начин го намалиле загадувањето“, рече премиерот Христијан Мицкоски по пуштањето во употреба на затворениот базен во Штип.
Покрај субвенциите за домаќинствата, Владата ќе ја разгледа можноста да се инсталираат филтри на оџаците на државните објекти кои користат фосилни горива, чија бројка е околу 500.
Премиерот Мицкоски вели дека оваа мерка ја најавува однапред имајќи предвид дека кога ќе почне грејната сезона ќе има активисти кои ќе се борат за воздух, иако, како што нагласи, ги немаше никаде изминативе седум години. Владата ќе бара законски начин за доделување на субвенциите во пресрет на грејната сезона која се поклопува со предизборниот период.
„Треба да видиме со законодавството дали е тоа дозволено имајќи предвид дека сме во избори и изборите се веќе распишани, а ова би било вонредна мерка“, рече премиерот Мицкоски.
Според последниот попис на населението, во земјава има 349.402 домаќинства кои се греат на дрва и други фосилни горива.
Македонија
Мицкоски за пресудата за случајот Онкологија: Со вакви одлуки, судиите и обвинителите не си ги заслужуваат платите, а бараат уште поголеми

Премиерот, Христијан Мицкоски, денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на условната казна за докторката која призна злоупотреба на Клиниката за онкологија, изјави дека со такви одлуки, судиите и обвинителите не си ги заслужуваат платите, а бараат уште поголеми.
„Па знаете, моите ставови за Обвинителството и Судството се многу пати кажани, многу пати разговарани и секогаш кога ќе зборуваат зошто доцниме во процесот на испорака на законите, коишто значат реформи во Судството и Обвинителството, во суштина сакам јавноста да знае дека станува збор за 6 закони каде што основната суштина е зголемување на буџетот од којшто директно ќе имплицира зголемување на платите на обвинителите и судиите коишто имаат рејтинг од 2%, а се бара зголемување на платите за судиите, односно буџетот нивен којшто би бил сега 0,8% од БДП, а за обвинителите 0,5% од БДП и секогаш чувствувам некаква мачнина, бидејќи тие и овие сега плати што ги зимаат не ги заслужуваат, имајќи предвид вакви судски одлуки за која што вие сега зборувате“, рече Мицкоски.
Така што, додаде тој, сакам граѓаните да знаат дека, сите оние експерти, така наречени, кога излегуваат во јавност и кога ја критикуваат Владата за застој во реформите во Обвинителството и Судството, ова е суштинската реформа.
„Како да се зголеми буџетот на судовите до 0,8% од БДП, а на обвинителите од 0,5% од БДП, што е да речеме 2 до 3 пати повеќе од некои земји членки на Европската Унија. Не е проблем ние ќе ги зголемиме и три пати, ама да ги заслужат. Јас имам дилема, дали и овие плати тие ги заслужуваат, коишто сега ги земаат. Така што еве, тоа е на кратко мојот коментар“, рече Мицкоски.
Основниот кривичен суд Скопје вчера изрече двегодишна условна казна без забрана за вршење на дејност за второобвинетата во случајот Онкологија, онкологот Мери Пешевска, доколку во рок од пет години таа не стори ново дело. Пред две судски рочишта Пешевска го призна делото кое што ѝ се става на товар за несовесно лекување болни, по што кривичната постапка против неа беше раздвоена.
Македонија
„Стоп за Вардариште“ тврди: Протестите не се под партиско влијание

Граѓанската иницијатива „Стоп за Вардариште“ категорично ги демантира тврдењата дека протестите се организирани под влијание на политички партии или организации.
„Нашата иницијатива е исклучиво граѓанска и независна, за здрав воздух и здрава животна средина. Протестите ги организираме единствено ние – граѓаните, и никому не дозволуваме да ја злоупотреби нашата борба за партиски или лични цели,“ стои во реакцијата.
Од иницијативата ги повикуваат граѓаните да останат обединети и да не подлегнуваат на дезинформации. Протестите продолжуваат секој ден во 18 часот кај мостот Близнак.