Македонија
Тимот на Сиљановска обвинува дека СДСМ преку апликација прибирал лични податоци на граѓани
Со помош на апликација за смарт-телефони за оперативен систем андроид, СДСМ прибирал лични податоци на граѓани, обвини денеска Горан Момировски, кој рече дека информацијата ја добиле од таканаречен свиркач, кој испратил документ до член на тимот на кандидатката за претседател, Гордана Сиљановска-Давкова.
„Според независни ИТ-експерти кои ги консултиравме, постојат сериозни индиции дека со помош на апликацијата што е поставена на сервисот за апликации на Гугл плеј, а која е направена од страна на владејачкиот СДСМ се прибираат лични податоци и мета-дата од телефони на сите што ја симнале аликацијата“, рече Момировски и додаде дека со оглед на тоа што се работи и за следење на животите на граѓаните и скалдирање лични податоци, фотографии и видеа на граѓани овој скандал може да се нарече „Големото око“.
Дополнително, како што истакна, апликацијата се користи од членови на СДСМ коишто со нејзина помош добивале целосен увид во интернет-активностите на сите граѓани.
„Преку оваа апликација теренските активисти на СДСМ прибираат и складираат лични податоци на граѓани без нивна дозвола. Овие податоци спротивно на сите позитивни правни прописи се под контрола на партијата на власт и најверојатно се користат за други активности со цел да се влијае на гласањето, но и за други политички цели на власта. Според документите што ги добивме, имаме сериозна загриженост дека се злоупотребуваат матични броеви на граѓани, се врши контрола на лични контакти и таканаречена геолокација, односно следење движење на граѓани и на тој начин се вршат тешки злоупотреби во изборниот процес. Им сугерираме на сите граѓани веднаш да ја избришат апликацијата преку којашто една партија има целосен увид во приватниот живот на граѓани. Апелираме до граѓаните да одбијат да разговараат со теренските екипи на СДСМ коишто од нив бараат каков било податок“, додаде Момировски.
Тој рече дека сите релевантни институции коишто имаат ингеренции на ова поле го добиле материјалот и документот е доставен до Јавното обвинителство, ДИК, Комисијата за заштита на лични податоци, странски институции и организации и амбасади, ОБСЕ, ОДИХР, МВР оддел за компјутерски криминал. Најави дека ќе бидат информирани и низа други меѓународни организации во Брисел, во САД, европски членки и НАТО.
Од Јавното обвинителство бараат да преземе итни мерки за спречување на уништување на доказите. Бараат ЈО да одреди мерка за забрана на користење на апликацијата, да направи увид и конфискација на серверот во Социјалдемократскиот сојуз со цел да се утврди фактичката состојба којшто говори документот.
„По сите претходни скандали од овој тип не научивме дека изборите се празник на демократијата, а не можност за тешки злоупотреби на човековите права. Не очекуваме овој скандал да ја наруши победата на кандидатката за претседател Гордана Сиљановска-Давкова, но, за жал, овој скандал може да влијае негативно на можноста за добивање датум за преговори со ЕУ, нешто што е главна цел на македонските граѓани. Поради сензибилноста на случајот не би сакал да дадам одговори на ваши прашања, во очекување на реакциите од сите македонски институции, пред сè на ЈО“, истакна Момировски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Потпишан Меморандум со највисоко рангираните универзитети во Македонија за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, објави Ѓорѓиевски
Градоначалникот на Град Скопје, заедно со највисоко рангираните универзитети во Македонија потпишаа Меморандум за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, со што академската заедница официјално се вклучува како активен и рамноправен партнер во овој значаен европски културен процес, информираат од Град Скопје.
Со Меморандумот се потврдува јасната европска ориентација на универзитетите и нивната улога како двигатели на знаење, креативност и иновации, како и нивната општествена одговорност во развојот на заедницата. Вклучувањето во „Скопје 2028“ отвора можности за интеграција на културата во наставните и истражувачките програми, поттикнување на студентската креативност и младинскиот ангажман, развој на интердисциплинарни и меѓународни партнерства и зголемување на академската видливост на европско ниво.
Академската заедница останува посветена на активна, професионална и визионерска улога во реализацијата на „Скопје 2028“, со цел зајакнување на европските вредности, продлабочување на интеркултурниот дијалог и создавање одржлива, солидарна и креативна иднина за Скопје и Македонија.
Македонија
Сиљановска-Давкова: „Извозот на мозоци“ остава длабоки лузни, најдобрите си заминуваат поради недостиг на правдата при вработувањето и напредувањето
Претседателката на државата, Гордана Сиљановска -Давкова денеска присуствуваше на презентацијата на проектот „Партнерства за вештини за одржливи и праведни модели на миграција“ (Skills4Justice), спроведен во рамките на програмата на ЕУ за истражување и иновации Хоризонт Европа (HORIZON Europe). Настанот се одржа на Економскиот факултет при УКИМ, како национален координатор на истиот.
Во своето воведно излагање, таа истакна дека одливот на младите високообразовани и компетитивни македонски кадри е една од најголемите закани за македонскиот општествен развој, со сериозни демографски, економски, политички, научни и културни последици.
Според неа, со сè помалубројна и послаба епистемолошка заедница (професори, истражувачи, новинари-аналитичари, културни дејци), тешко е да се креираат добри политики во различни области.
Најдобрите си заминуваат во потрага по подобар живот, но и заради недостиг на меритократија (потценето знаење, талент, вештина и креативност), како и отсуството на владеење на правото и правдата при вработувањето и напредувањето, смета таа.
За неа, напливот на високообразовни институции со сомнителен квалитет, како и партизацијата и непотизмот, продуцираат некритична и послушна ,,интелигенција”.
Таа истакна дека борбата со егзодусот на најдобрите треба да почне со реформи во основното и средно образование, преиспитување на високообразовната мрежа и заострени критериуми при избор и кариера.
На крајот, претседателката укажа на потребата од воведување дуално образование во сите степени, преиспитување на преоптоварената високообразовна мрежа, организирање заеднички студии и проекти со други универзитети, ангажирање на македонските умови од дијаспората со помош на вештачката интелигенција и дигитализација.
Македонија
СДСМ: Македонија сака во ЕУ а ВМРО изолација
Македонските граѓани во големо мнозинство, над 70% сакаат членство во ЕУ. Додека Мицкоски и ВМРО намерно ја туркаат земјата кон изолација, далеку од ЕУ, истакнуваат од СДСМ.
„Известувачот за Македонија, Томас Вајс денеска изјави дека мора да се исполнат реформи и условот со уставни измени за да продолжи европскиот пат на земјата, при презентирањето на нацрт-извештајот за 2025 година.
Евроамбасадороот Михалис Рокас вчера беше дециден дека нема членство во ЕУ без право на глас и без право на вето.
Со ова, приказните на Мицкоски се разобличени целосно.
Исто како и празната националистичка реторика која веќе не поминува“.
Граѓаните, додаваат од СДСМ, го гледаат Мицкоски седнат во авион како се лукзуора на нивна сметка, со скапи часовници од 60.000 евра, со тендери како томбола за бизнис.
Тоа, како што оценуваат, е личен финаниски патриотизам.
„Зборува за меко ткиво а не знае дека и мозокот е меко ткиво.
Мицкоски, граѓаните имаат мозок“.

