Македонија
„Ти почина без да умреш, а ние умревме без да починеме“ – Maкедонија се сеќава на Тоше Проески

Македонија се сеќава на музичката ленегда, Тоше Проески кој загина пред 14 години во сообраќајна несреќа кај Нова Градишка, Хрватска.
Во неговото родно Крушево и годинава се одржа „маратон на љубовта“ во чест на балканската музичка ѕвезда. Петмина ултрамаратонци пред два дена го започнаа симболичното истрчување на 15 километри од Нова Градишка, од местото на трагедијата. Покрај нив, уште 10 ултрамаратонци тргнаа кон Крушево и Гумење на 15 октомври, од граничниот премин Табановце, преку Скопје до Крушево.
Неговите колеги се сеќаваат низ пораки што ги упатија ја социјалните мрежи.
„Ти почина без да умреш, а ние умревме без да починеме…“ пишува Игор Џамбазов.
View this post on Instagram
„Песнава му ја засакав уште кога ја слушнав демо снимката пред повеќе од 20 години…. Можеби не е од неговите најголеми хитови, но мене секогаш ме враќа во едно преубаво време и ми буди прекрасни спомени… Напишана од чичко Кире (Костов)… Илузија За Тоше ❤️“, напиша пејачката Каролина Гочева пеејќи дел од песната.
„14 години без тебе и пак врне…“, напиша актерката Весна Петрушевска.
Емотивна порака напиша и пејачот Тони Цетински.
View this post on Instagram
„Дури и денес, четиринаесет години подоцна, ми е тешко да зборувам за Тоше, како и првиот ден кога тоа се случи. Со неговото заминување, ништо повеќе не е исто, и секој ден, месец и година, недостасува уште повеќе…Не само на мене, туку мислам дека на сите нас што имавме привилегија да го знаеме, да се дружиме, да работиме заедно, да се радуваме и да тагуваме! Искрено верувам дека тој замина во подобар свет, но благодарение на неговите дела и пред се човечките доблести и скромност, тој останува засекогаш доказ и еден од оние кои ја враќаат вербата во човештвото и Бог. Сигурен сум дека на некој свој начин гледа и не’ штити со сето она што го постигна за време на својот земен живот, бидејќи тој беше и останува ангел на добрината. Го сакаме засекогаш, и се’ што планиравме заедно, знам како ќе надоместиме кога ќе се сретнеме во вселената. Засекогаш во срцето”, напиша Цетински.
Тоше Проески животот го загуби на 26 годишна возраст. Во текот на кариерата остави голем број хитови.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски на настан на Атлантскиот совет: Потребна е забрзана интеграција

На покана на Јерн Фленк, директор на Атлантскиот совет, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска учествуваше на настан организиран од Советот, кој се одржа во просториите на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Покрај министерот Муцунски, на настанот се обратија и министерката за европски прашања на Црна Гора, Маида Горчевиќ, како и претставници Делегацијата на Европската Унија, невладиниот сектор и самиот Атлантски совет.
Во своето обраќање, министерот Муцунски ја нагласи потребата од одлучна и доследна поддршка за реформските процеси во регионот. Посебен акцент стави на Планот за раст како практичен инструмент кој го забрзува приближувањето кон единствениот европски пазар и носи реални економски придобивки за граѓаните – уште пред полноправното членство.
Министерот подвлече дека реформите мора да бидат препознаени и вреднувани од страна на Европската Унија преку конкретни и навремени чекори, со цел зачувување на кредибилноста на процесот на проширување и спречување на дополнително разочарување кај граѓаните. Тој истакна дека реформските процеси се потврда за јасната европска ориентација на Владата, и дека нивното спроведување не претставува само исполнување на агенда, туку реално подобрување на квалитетот на животот и на општеството во целина.
Во завршницата на обраќањето, министерот Муцунски, во контекст на денешниот Самит, ја повтори пораката дека Западниот Балкан е составен дел од Европската Унија и дека европската целина ќе биде комплетна само ако земјите од регионот станат нејзин дел. Тој упати повик за забрзана интеграција на регионот, што ќе значи и вистинска европеизација на овој дел од континентот.
Македонија
Сиљановска-Давкова се сретна со шпанскиот премиер Педро Санчез

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамки на учеството на 4. Меѓународна конференција за финансирање на развојот во Севиља оствари средба со премиерот на Кралството Шпанија, Педро Санчез.
Осврнувајќи се на нашите евроинтеграции, Сиљановска-Давкова посочи на тешките македонски компромиси коишто треба да бидат соодветно вреднувани од Европската Унија и истакна дека влезот во ЕУ ќе биде корисен и за самата Унија, и за земјите кандидати коишто дополнително ќе ја стабилизираат.
Таа оцени дека Шпанија е важен партнер на земјава во рамки на НАТО, ООН, ОБСЕ и изрази благодарност до владата на Санчез и Шпанија за доследната поддршка на македонските аспирации за членство во Европската Унија.
Реафирмирајќи ја посветеноста на државава кон евроинтегративниот пат, Сиљановска-Давкова ја повтори позицијата дека билатералните прашања не треба да бидат пречка во пристапниот процес. Имајќи ги предвид турбулентните геополитички процеси во светот, таа укажа на потребата од одржување на кредибилитетот на политиката на проширување и нагласи дека регионов кој историски, географски и културно припаѓа на ЕУ, треба што поскоро да се интегрира во европското семејство.
Претседателката со задоволство ја прими информацијата од премиерот Санчез дека Шпанија е заинтересирана за зголемена економска соработка во делот на туризмот, инфраструктурата, земјоделието, енергетиката, соларната енергија и управувањето со водните ресурси.
Двајцата соговорници разговараа за соодветно одбележување на учеството на македонски борци во Шпанската граѓанска војна.
Македонија
Муртезани-Старовиќ: изразена подготвеност за заедничко делување кон целосна европска интеграција на двете земји

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска на маргините на Самитот посветен на Планот за раст на ЕУ што се одржува во Скопје, оствари билатерална средба со министерот за европски интеграции на Република Србија, Немања Старовиќ. Во оваа прилика, Муртезани му честиташе на министерот Старовиќ за неодамнешното именување на функцијата и изрази уверување дека заедничките напори ќе продолжат со нова динамика и проактивност во насока на унапредување на европската агенда на регионот.
Муртезани и Старовиќ разговараа за продлабочување на билатералната соработка, особено во контекст на спроведувањето на Планот за раст, кој претставува заедничка можност за засилување на регионалната економска поврзаност и приближување кон европските политики. Посебен акцент беше ставен на досегашната соработка врз основа на Меморандумот за разбирање меѓу двете министерства, како и на новите можности за иницијативи од заемен интерес, вклучително и прекуграничните програми за развој и инфраструктурно поврзување.
Министрите го нагласија значењето на доследна и координирана примена на европските реформи во регионот, како предуслов за реализација на економските и институционалните придобивки предвидени со новиот пристап на ЕУ. Во таа насока, беше изразена заедничка подготвеност за продолжување на блиската комуникација и заедничко делување кон целосна европска интеграција на двете земји.