Македонија
Топалов: Македонците да ги признаат своите историски корени, па патот ќе им биде отворен
„Имаме договор со Република Северна Македонија од 2017 година, но тие не го почитуваат, туку се обидуваат да го заобиколат со разни планови“. Ова за БНР го изјави проф. Кирил Топалов, член на мешовитата комисија меѓу Бугарија и Македонија за разјаснување на историските спорови меѓу двете земји.
Неговиот коментар беше по повод акцискиот план на македонската Влада за смирување на тензиите со Бугарија.
Професорот беше категоричен дека Бугарија секогаш ја гледала Северна Македонија како роднина, а обратно – Македонија гледа на Бугарија со жестоко непријателство.
„Бугарија го признава идентитетот на Македонците, тоа е од 1944 година, но поентата е дека тие ја фалсификуваат историјата“, рече Кирил Топалов.
Според него, доколку Македонците сакаат корисно и значајно да разговараат со Бугарите, тие првин мора да го проценат повторно својот, како што вели, лажен поглед на историјата: „Може ли дел од бугарското население, меѓу кои има бегалци од Македонија, да прифати дека нивните прадедовци и дедовци не биле Бугари и зборувале небугарски јазик. Ова е апсурдно! Од нив се бара само најмалата работа – да ги признаат своите историски корени, па оттаму нивниот пат ќе биде отворен секаде“.
Тој истакна дека непризнавањето на историските корени дава основа за злобна антибугарска пропаганда во Република Северна Македонија, а Бугарите се нарекуваат фашисти или Татари.
Топалов предвидува дека која партија и да победи на изборите во април, курсот на Бугарија нема да се промени: „Македонците не треба да имаат големи надежи дека по изборите, Бојко Борисов или друг победник ќе заземе друга позиција. Линијата на национално-историското достоинство никој нема да ја промени. Тоа би било политичко самоубиство, а во Скопје треба да го знаат тоа“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Градоначалникот на Битола им се придружи на младите бадникари во изработката на бадниковите ѕвезди
Пред дестина дена започнаа подготовките за годинашната Бадникова поворкa која ќе се одржи годинава и во Битола, како и во многу други градови и населени места во Македонија.
На младите бадникари-деца од различни возрасти во подготовката, односно изработката на бадниковите ѕвезди, вечерва им се приклучи и градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.
Организаторите на поворката велат дека вредните детски раце неуморно и со љубов и верба во традицијата ги изработуваат овие ѕвезди, подготвувајќи се за Бадник.
На 6 јануари на големиот верски празник Бадник, собирно место ќе биде плоштадот „Магнолија“ од каде ќе се упатат кон Соборниот храм „Св. Великомаченик Димитриј“, а потоа и низ Широк Сокак до Офицерскиот дом каде ќе биде завршниот дел на поворката, велат од Општина Битола.
Организаторите упатуваат повик до сите оние кои што сакаат да бидат дел од Бадниковата поворка на големиот празник да им се приклучат.
Македонија
МВР со посебен план за безбедност и сообраќај во Маврово за зимската туристичка сезона, најави Тошковски
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска оствари работна посета на Полициското одделение Маврово, Полициското одделение Ростуше и Полициската станица за граничен надзор Жировница, при што се запозна со тековните активности, условите за работа и конкретните предизвици со кои се соочуваат полициските службеници на терен.
„Во ПО Маврово ќе се изготви посебен план за претстојната зимска туристичка сезона, со цел овозможување подобар проток на сообраќајот, навремено управување со зголемениот број посетители и распоредување на соодветен број полициски службеници за одржување на јавниот ред и мир.“, потенцираше Тошковски.
При посетата на Полициското одделение Ростуше беше разгледана можноста за обука на полициски службеници за вршење увиди на сообраќајни незгоди, што ќе овозможи побрзо и поефикасно завршување на постапките на лице место. Оваа мерка ќе придонесе за намалување на времето на чекање, избегнување подолготрајни блокади на сообраќајниците и зголемување на функционалноста на системот, имајќи предвид дека досега овие увиди ги вршеа екипи од Гостивар.
Во Полициската станица за граничен надзор Жировница беше отворено и прашањето за можност дел од просторот во рамки на станицата да биде отстапен на општината, со цел обезбедување паркинг простор за жителите, како практично и рационално решение во интерес на локалната заедница.
Македонија
Слаб снег провејува на Попова Шапка, сообраќајот на државните патишта се одвива непречено
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози. Слаб снег провејува на Попова Шапка кој во моментов не се здржува на коловозот, соопшти АМСМ.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година. Повеќе информации може да прочитате на овој линк.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

